Министерот за локална самоуправа Горан Милевски потврди дека во текот на утрешниот ден ќе ја депонира оставката од министерската функција, со што се отвора патот за избор на негов наследник, но истовремено се отвора и можност за владина реконструкција.
„Владата е целосно фокусирана на реализација на програмата и задачите што се во насока на натамошно јакнење на стандардот на граѓаните, раст на економијата и остварување на надворешно-политичките цели. Паралелно, Владата постојано работи и на унапредување на своите капацитети за постигнување на целите“, ни одговорија од Владата во однос на прашањето дали се можни и други кадровски промени.
Како што веќе објави Фокус, еден од потенцијалните кандидати за нов министер за локална самоуправа е поранешниот лидер на ЛДП и градоначалник на Скопје Ристо Пенов. Доколку тој сепак одлучи да не се враќа во политиката, функцијата би ја презел кадар на либералдемократите од актуелното раководство.
Но, дали оваа промена може да предизвика владина реконструкција или промена на најмалку една третина од министрите? Како што дознава Фокус, во следниот период треба да дојде до промена на повеќе јавни функционери, но се уште е неизвесно дали промените ќе застанат на пониските ешалони или ќе допрат до Илинденска.
Добро упатени владини извори велат дека Ковачевски е незадоволен од учинокот на повеќе министри. Што се однесува до министрите што доаѓаат од редовите на неговиот СДСМ, тој имал одредени забелешки за вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, но и за министерот за правда Никола Тупанчевски.
Неофицијално, се правеле анализи какви ефекти би предизвикала и евентуалната замена на влијателното трио министри за внатрешни работи, транспорт и врски и земјоделство – Оливер Спасовски, Благој Бочварски и Љупчо Николовски. Како што е познато, тие ги загубија партиските функции по заминувањето на Зоран Заев, но останаа дел од владата.
Доколку дојде до реконструкција, според високи партиски извори, барем еден од нив ќе замине. Сепак, за тоа потребна е согласност и договор со ДУИ и Алтернатива како поголеми коалициски партнери, но од таму засега не најавуваат незадоволство од своите кадри во Владата, ниту бараат нова распределба на ресорите.
Освен од оценувањето на сопствените кадри и коалициските преговори, според нашите соговорници, евентуалната реконструкција ќе зависи и од проценката дали кулминацијата на енергетската и финансиската криза да се дочека со актуелниот владин кабинет или со освежен состав, кој би овозможил нова енергија и подобри перформанси.
Влатко Стојановски