Текстот е објавен во Фокус 868 од 17 февруари 2012 година.
Нашите извори велат дека директорот на УБК неколку пати бил виден како влегува во седиштето на агенцијата, која работи само една година, а успеа да ги земе под свое објектите што до сега ги обезбедуваа „Лупус”, „Оса” и останатите. Сега, СГС ги обезбедува „Сувенир” Самоков, Музејскиот комплекс, Триумфалната порта, Музејот на холокаустот, Рамстор, Тутунска банка… Како е можно – фирма, која е регистрирана со само 5.000 евра, за една година да влезе во стратешките институции во државата?
Пишувала Мери ЈОРДАНОВСКА
Која е новата агенција за обезбедување СГС („Секјурити Груп Сервисис”), која само за една година успеа да ги земе под своја капа сите стратешки објекти во државата? Официјално, нејзин управител е извесен Мирољуб Давидов, но во скопските кругови се шират информации дека зад оваа агенција стојат високи функционери од власта, на кои контраразузнавањето им е јака страна, нешто што на собраниската седница, на која се расправаше за интерпелацијата на министерката Гордана Јанкулоска, како прашање го отвори и Јани Макрадули, пратеникот од СДСМ.
– Ниту Урко немаше идеја пред некој месец, кога го викнаа во кабинетот кај премиерот да ги решат конфликтите меѓу „Лупус„ и „Алфите”, дека Сашо Мијалков ќе формира нова агенција за обезбедување, што ќе му го земе половина бизнис – рече Макрадули.
Дали е на повидок монопол во бизнисот на обезбедувањето, со што актуелните агенции ќе останат без клучните објекти, останува да се види, но како тргнало, ако за една година СГС успеа да го земе речиси половина Скопје, засиленото темпо ќе продолжи и во иднина.
СО ВЛОГ ОД 5.000 ЕВРА СТИГНАА ДО СТРАТЕШКИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Агенцијата за обезбедување „Секјурити Груп Сервисис” се наоѓа во центарот на Скопје, спроти зградата на Кјуби, на улицата 11 Октомври. Таму се паркирани и нивните возила, петнаесетина бели „голф 6″. Нашите извори велат дека директорот на УБК Мијалков неколкупати бил виден како влегува во седиштето на агенцијата.
Отворена е некаде кон крајот на 2010 година, а во последнава година успеа да склучи договори за обезбедување на голем број клучни објекти, но и да им ги земе од надлежност објектите кои досега ги обезбедуваа „Лупус”, „Оса” и останатите агенции. Сега, агенцијата за обезбедување СГС ги обезбедува „Сувенир” Самоков, Музејскиот комплекс од проектот „Скопје 2014″, Триумфалната порта, Музејот на холокаустот, трговскиот центар Рамстор, Тутунска банка, казиното „Принцес” во Гевгелија, Шпаркасе банк, ТАВ… Се отвора прашањето, како е можно фирма која во Централниот регистар е пријавено дека е регистрирана со само 5.000 евра, за една година да добие толку вносни зделки?
Во регистарот, „Секјурити Груп Сервисис” е запишана во 2010 година, а како нејзин сопственик се јавува одредена фирма. Извори од СГС велат дека Слободан Николовски, сега млад пензионер од МВР, поранешен командант на мобилната единица „Алфа” и поранешен командант на ЕБР, бил еден од главните консултанти во СГС. Управител на агенцијата е Мирољуб Давидов. Кога исконтактиравме со него, прво нѐ праша како сме успеале да дојдеме до неговиот телефонски број, а потоа негираше дека СГС има било каква поврзаност со Мијалков.
– Немојте да ширите такви глупости. Тоа се чисти шпекулации. Си има документи чија е фирмата и тоа е тоа. Како сме ги добиле објектите за обезбедување? Па, си ја тераме нашата работа. Секој треба да си ја тера и како знае да си ја работи – ни рече Давидов.
БИЗНИСОТ НА КОНКУРЕНТСКИТЕ АГЕНЦИИ ПОЛЕКА ЗГАСНУВА
Агенцијата „Оса” досега ги обезбедуваше Комерцијална банка, Тутунска банка и Фершпед. Според нашите информации, сега „Оса” е на пат да ја загуби Тутунска банка. Бизнисот полека го презема новата агенција СГС. Бранко Бојчевски, директорот на „Оса”, кратко ни изјави дека сѐ уште нема официјална информација дека такво нешто ќе се случи, но му било најавено дека најверојатно бизнисот со обезбедувањето на Тутунска банка со СГС ќе го делат на половина, односно дел од објектите најверојатно ќе им бидат оставени да ги обезбедуваат и натаму.
„Оса” отсекогаш се сметала за агенција блиска на сегашната опозиција, па оттаму, може донекаде и да биде сфатливо зошто СГС сега им го презема бизнисот. Она што најмногу паѓа во очи во целата ситуација е преземањето на бизнисот на агенцијата „Лупус”, кој го држи Дејан Митревски – Урко, заедно со неговиот партнер Рамче. Како што рече Макрадули од собраниската говорница во понеделникот, неизвесно е кога и зошто се заострија односите меѓу Мијалков и неговиот прв човек, Урко, за тој да посака да му преземе половина од бизнисот?
Лани во декември беше објавено дека „Лупус” од годинава ќе се грижи за заштита на спомениците од проектот „Скопје 2014″. На листата на обезбедување главно место имаа споменикот „Воин на коњ” и лавовите поставени на мостот Гоце Делчев. Но, СГС сега влегува во бизнисот на „Скопје 2014″ и тоа токму за објектите кои се финансирани од Министерството за култура. Такви се Триумфалната порта и Музејскиот комплекс на ВМРО и на Музејот на жртвите на холокаустот.
Екипата на „Фокус” успеа да направи фотографии од обезбедувачите на СГС додека ја обезбедуваа Триумфалната порта. На нивните униформи има амблем кој потсетува на шлем од македонската фаланга и се разбира, логото на СГС.
Во агенцијата се вработени околу 80 лица, но како што цвета бизнисот, така се очекува и бројот на вработени да расте. Како што дознаваме, во СГС отворено се зборувало дека бројот на вработени ќе порасне до 2.000, а вкупно во бизнисот за обезбедување во Македонија вработени се над 4.000 лица, што значи дека на постојните агенции им се заканува делумно или целосно уништување.
ПРИТИСОЦИ ОД СИТЕ СТРАНИ
Според информациите со кои располага „Фокус”, голем број клиенти од Скопје, Битола и Тетово се жалеле на притисоци да ангажираат одредени агенции за обезбедување. Притисоци врз фирмите доаѓале и од одредени министри, секој да ургира во својот сектор за да привлече или да принуди компанијата да биде обезбедувана од агенцијата блиска до власта. Сега, приматот во овој бизнис го има СГС, која располага со софистицирано оружје, а, според неофицијални информации, тие се во преговори и за најмување најскапа опрема за прислушување и мониторинг. Помош најверојатно ќе добијат и од Израелците, кои ја купија опремата за прислушување во 2007 година.
„Секјурити Груп Сервисис” има дозвола за работа, која инстантно и била издадена од МВР (а инаку, за таква дозвола за работа се чека околу шест месеци) и е регистрирана во Комората за обезбедување лица и имот. Верица Милева-Стефановска, претседателка на комората, не беше расположена да даде изјава за „Фокус”.
Дека СГС наголемо го шири бизнисот, говори и фактот што често можат да се видат огласи за вработување. Во октомври лани, на една од веб-страниците за барање работа, СГС бараше „референти” за обезбедување, со лиценца. Истиот оглас е објавен и на друга веб-страница, еден месец претходно.
Сомнежите за тоа кој стои зад новата агенција за обезбедување сѐ уште не се расчистени докрај. Можеме само да претпоставуваме, бидејќи навистина е чудно на пазарот на агенции за обезбедување да се појави нова компанија и наголемо да им го преземе бизнисот на останатите!
По новогодишната акција на МВР во локалите
НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА ПОМИРУВАЊЕ МЕЃУ МИЈАЛКОВ И УРКО
Дека односите меѓу Мијалков и Урко се нарушени, говори и податокот од новогодишната полициска акција, кога единицата за борба против криминалот „Алфа” уапси 16 обезбедувачи на скопски локали, кои го прекршиле Законот за обезбедување лица и имот. Акцијата беше извршена во локалите „Миднајт”, „Ванила”, „Парадизо”, „Б2″, „Џубокс”, „Колосеум”, „Кастро”, „Деспина”, „Маракана”, „Балет”, „Мамас”, „Тренд”…
Во локалите биле затекнати 45 обезбедувачи, а 16 од нив биле приведени во полициска станица. Целта на контролата била да се утврди дали обезбедувачите го почитуваат законот, односно дали носат лиценци, легитимации, работни униформи и оружје. Токму обезбедувачите од „Лупус” завршија во полициска станица.
Наводно, по сето ова, функционери од највисоката хиерархија во власта се обиделе да ги помират Мијалков и Урко, но очигледно – неуспешно!
Новиот закон тропа на врата
ЌЕ АПСАТ, ЌЕ ТЕПААТ И ЌЕ ШЕТААТ СО ПАЛКИ И ЛИСИЦИ!
Вработените во фирмите за приватно обезбедување ќе имаат оружје, гумени палки, лисици, дресирани кучиња, а ќе може и да претресуваат и да апсат осомничени. Вработените во овие агенции ќе имаат исти овластувања со полициските службеници, но само во делот на обезбедување лица и имот. Ова е предвидено во новиот предлог-закон, што треба да стапи во сила годинава, за кој неговите предлагачи тврдат дека е направен според европски стандарди.
Инаку, за сега во државата работат 57 агенции за обезбедување во кои работат околу 4.000 лица!
Во продолжение разговорот што вчера го презентираше СДСМ од Кавадарци, помеѓу Дејан Митревски Урко и Сашо Мијалков
ДМ: Да, шеф?
СМ: Што праиш Урко?
ДМ: Еве сега се облакам дома, па ќе идам накај…
СМ: А бе, вчера немав време да ти се јавам. Тоа во Фокус, виде ли таму што пишуе бе…
ДМ: Ајде бе, не ни читам.
СМ: Знаеш ли сега што направија твоите глупости. Гледаш ли сега?
ДМ: Е што направив бе шеф?
СМ: Е, што направи. Како што направи? Напраи затоа што таму у почеток збореше. Вака ќе правам, така ќе правам, по луѓе збориш. Доаѓа до ушите на СДС.
ДМ: А, што сум зборел, вака ќе праам, така ќе праам?
СМ: Ги напаѓам тие СГС, ќе видат, ќе ова, ќе она…Е од таму се тие муабети, да знаеш.
ДМ: Нема врска, не држи вода. Некој ти го кажал ова. Никогаш не сум спомнал за СГС, поготово и од тоа се тргам, нити планирам, нити сакам контра тебе ја во некој поглед да бидам. Ова е глупо што некој го збори и го мисли, мене ме мести цело време. А, цело време масло е на Верче и на Рамче. Што е ова.
СМ: Ова е срамота бе.
ДМ: Срам е да. Ама, ќе дојде време кога ќе им виси на главите и на Рамче и на Верче. Од нив е ова се, нема од кој. Јас не сум те спомнал нити тебе, нити Агенцијата, баш те подржавав.
СМ: Не, ова е од СДС. Како доаѓа до СДС, тоа е друга работа.
ДМ: Јас за тебе ќе зборам? А бе ти, шо сакаш дослушај, у куќа да ми отвориш мене канцеларија некоја, ќе ја поддржам од тебе дека. Зошто не ми веруваш ти мене? Јас ќе зборам за СГС. Јас не сум политичар, ти си тој. Твоја проценка. Ти што ќе процениш јас тоа ќе поддржам. Кога јас сум се контрал со тебе.
СМ: Добро.