Дали оставката на заменик министерот за здравство значи дека оваа позиција ќе ја добие ЗНАМ?!

by jadranka 19:34
19:34

Дали оставката на заменик министерот за здравството Јовица Андоновски претставува вовед во најавената промена на неколку позиции во вториот и третиот ешалон на власта, што премиерот Христијан Мицкоски ја најави летоска во јули, при реконструкцијата на членовите на Владата, а ја повтори пред 15-тина дена. И, дали неговата позиција ќе припадне на коалицискиот партнер во власта ЗНАМ.

Заменик министерот за здравство Андоновски денеска ја доставил својата оставка до Собранието каде е избран во јули 2024 година, откако неколку дена претходно, поточно на 9 октомври ја доставил и до премиерот Мицкоски. Во писмото со кои ја образложил, Андоновски напишал дека оставката ја поднесува од лични причини и му се заблагодарува на премиерот за укажната доверба. „Ви изразувам искрена благодарност за укажаната доверба, досегашната поддршка и соработката во текот на извршувањето на мојата функција. За мене беше чест и одговорност да бидам дел од Владата и да придонесувам кон унапредувањето на здравствениот систем.

На претседателот на Владата и на сите членови на Владата им посакувам успех во понатамошната работа и во остварувањето на заложбите за подобро здравство и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува Андовски во оставката.

Неговата оставка се совпаѓа со она што пред две недели го најави премиерот. Мицкоски во изјава пред медиумите рече дека нови кадровски промени во вториот и третиот ешалон на власта, кои треба да се реализираат во период од една до две недели. Станува збор за позиции на заменици-министри и директори, а конечните решенија ќе бидат усогласени со коалициските партнери.

Одговарајќи на новинарско прашање кога да се очекуваат промените, Мицкоски изјави дека веќе има јасна слика за кадровските решенија.„Отприлика знам што, каде и како. Потребно е коалициски да потврдиме и тоа ќе се случи во наредната недела или две“, рече Мицкоски.

Промените треба да следуваат по јулската реконструкција на Владата, кога беа направени измени на повеќе министерски позиции. Уште при најавата на реконструкцијата, премиерот посочи дека прашањето за заменик-министрите ќе биде отворено наесен. Пред нејзиното реализирање следеше серија реазговори меѓу партнерите во власта околу тоа кој чив ресор ќе биде. „Фокус“ уште тогаш пишуваше дека од партијата на Максим Димитриевски долго време се обидуваше да издејствува некое, условно речено, „потешко“ министерство во замена за Правда, но таквите барања тогаш не беа прифатени од најголемиот партнер во власта. Сознанијата тогаш велеа дека Димитриевски на крајот дал согласност за понудата и на негово место седна дотогашниот државен секретар Борче Серафимовски. Но, побарал и очекува да добие уште некоја позиција од пониските ешалони на извршната власт. Поконкретно, некое од, условно речено, повлијателните заменик-министерски места. Дали токму заменичкото место во здравство е позицијата што ќе ја добијат од ЗНАМ.

Партиски извори за „Фокус’“ ниту потврдуваат, ниту одрекуваат дека ова е дел од договорот што се постигна уште летоска при реконструкцијата. “Засега со премиерот, воопшто не се стартувани разговорите околу распределбата и пополнувањето на испразнетите заменички и директорски позиции. Кога тоа ќе се случи, само тој знае. Дотогаш ЗНАМ останува претставен во вториот ешалон преку заменичките места во енергетика и минерални суровини и дигитална трансформација“, велат изворите на „Фокус“.

Заедно со здравство, треба да се пополнат и ресорите во култура и социјална политика и демографија. Не се исклиучува можноста да следува и некоја рокада на ресорите меѓу коалициските партнери.

З.Ф.

Слични вести