Текстот е објавен на 23 септември, 2026 година во неделникот во бројот 1616
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Владо Мисајловски е 19-ти министер, кој седна на фотелјата во Министерството за одбрана. Тој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како еден од поблиските соработници на актуелниот премиер Христијан Мицкоски, но неговите функции беа бројни уште во времето кога „владееше“ Никола Груевски.
Мисајловски, на оваа функција е повеќе од две години и тврди дека Министерството за одбрана е во сигурни раце, а за овие две години земјава е безбедна и сигурна.
–Она што сите го знаете е дека буџетот е над 2 проценти… и тоа го слушнавме и од првите луѓе на НАТО дека над 4 проценти сме во тотал. Тоа е навистина огромна вест и за нас, но и за државата, бидејќи инвестираме во сите капацитети, рече министерот на 2 јули, откако ги сумираше резултатите од двегодишното владеење со Одбрана.
Тоа го покажува и официјалната веб-страница на Министерството, каде што можат да се забележат фотографии од инфраструктурни активности, остварени средби, бројни соопштенија за опремување и модернизација на Армијата, подобрување на нивниот стандард, како и за вработување на 300 нови војници. Ништо не е поразлична и официјалната фејсбук-страница на првиот човек во одбраната.
И сето тоа убаво изгледа, па и убаво звучи, но дали вистинската слика за Министерството за одбрана е токму таква каква што се претставува во јавноста. Односно, дали нешто се крие позади ѕидовите во Министерството, кое е државен орган надлежен и одговорен за системот на одбрана, територијалниот интегритет и независноста на државата?
ОЧАЈНИ УСЛОВИ….
За оваа година, Министерството за одбрана добива рекорден буџет од 358 милиони евра. Официјалните податоци покажуваат дека во дел од касарните низ другите градови се работи турбо, а честопати може да се забележи актуелниот министер за одбрана како шета со цела свита позади себе, за да ги провери инфраструктурните активности. Од тука осамнуваат фотографии како се одвива целиот процес и како се вложува во подобрување на стандардите на војниците.
Тоа е едната страна на паричката, но другата покажува една сосема друга реалност. „Фокус“ располага со бројни фотографии за начинот на кој функционираат војниците, како се капат во кофа од поликолор, во која има избушено чеп, како се хранат и со што се хранат, што покажува дека состојбата е алармантна и тоа во Армијата, која е НАТО членка.
Дел од фотографиите покажуваат дека војниците се хранат во катастрофални услови, и тоа во 21 век, дека храната се пренесува во загадени канистри стари со децении, канистри зар’ѓани, а гумата скапана. Во такви услови се чува храната, која ја јадат војниците.
Но, тоа не е сè. Уште поалармантна е состојбата во тоалетите, каде што се гледаат ‘рѓосани казанчиња, валкани и скршени плочки, поцрнети ѕидови… Исто така, располагаме и со фотографии од тоалети, каде што на самиот ѕид е ставена хартија на која пишува дека водата не е за пиење, а, според нашите информации, тоа се случува во повеќето касарни низ државава. Дури постоеле касарни, во кои повеќе од 35 години има неисправна вода.
„Фокус“ на оваа тема поразговара со неколку војници, кои без влакна на јазикот ги споделија условите во кои работат и функционираат.
–До кога ќе се сликате и шетате на состаноци без никаков ефект е прашањето на сите припадници на Армијата? До кога во вакви услови, како на сликите, ќе се хранат припадници на Армијата која е НАТО членка. До кога ќе ги манипулирате припадниците на Армијата и ќе ја лажете јавноста дека нешто се менува.
Тоа е жално што се случува. Работата е доведена до дното. Во 21 век работиме во услови под секое човечко достоинство, храната е катастрофа, тоалетите кај што се тушираме е една обична кофа со чеп. Замислете, ние сме тие што се грижиме за безбедноста на државата. И што е најжално, никому не му е важно. Си тераат пропаганда, а ние сме вистинска мизерија, објаснуваат за „Фокус“, војници што сакаа да останат анонимни.
Од друга страна, пак, Министерството за одбрана е со сосема спротивен став. Од таму тврдат дека за условите во објектите на Армијата информираат редовно и опширно.
–Да, постојат армиски објекти што повеќе од половина век се оставени на забот на времето. Но, оваа слика ја менуваме со секој изминат ден. Инвестициите од над 3 милиони евра оваа година и планот за инвестирање на дополнителни 12 милиони евра во реконструкции на армиската инфраструктура се показател за тоа дека сериозно се работи на реконструкции и реновирање низ сите армиски касарни. Министерот Мисајловски, во изминатиот период посети повеќе касарни и објекти, кои се во фаза на целосна реконструкција во касарните во Велес, Штип, Прилеп, Скопје…
Се инвестира во целосно внатрешно уредување, вклучувајќи и санитарни јазли, замена на електрична инсталација, осветлување, системи за вентилација и за греење, подни облоги, молерофарбарски работи… На армиската инфраструктура се работи како никогаш досега и тоа останува како еден од нашите приоритети. Сите овие инфраструктурни зафати се прават согласно приоритетите на Армијата“, се наведува во официјалниот одговор од Министерството за одбрана.
МИТО ОД 3.000 ДО 5.000 ЕВРА ЗА МИРОВНИ МИСИИ?
Пред повеќе од две години, додека ВМРО-ДПМНЕ сè уште беше во опозиција, редовно фрчеа обвинувања дека војници давале мито за да одат во мировна мисија. Во 2022 година, од Белата палата тврдеа дека за учество во мировна мисија се барало и давало мито од 3.500 евра, додека, пак, за прием на професионален војник, сумата изнесувала 5.000 евра.
–Ова се работи што ги кажуваме и не ги зборуваме напамет, има и конкретни имиња и кога зборуваме за давање мито, сега споменав 3.500 евра. Знам и една сума што се дава на курсот за професионални војници, односно за подофицери и за приемот на професионални војници, и таа сума е 5.000 евра. И знаеме на кои лица им се дава.
Така што да знаете и вие кој ги зема парите. Има една линија што оди преку СДС и друга што оди преку ДУИ. И, сега, ако сакате конкретни имиња, ќе одиме и со тоа, меѓутоа пред надлежните институции тогаш кога ќе бидат ослободени. Затоа што во моментот тие институции не се ослободени и сѐ што ќе се даде таму, знаете дека ќе биде забошотено, порачуваа во 2022 година од ВМРО-ДПМНЕ од Собраниската комисија за одбана.
Но, тоа се случуваше и „вмровците“ беа гласни и бучни сè додека беа во опозиција. Откако веќе две години се на власт, а Мисајловски управува со Министерството, таа тема е затворена и никогаш повеќе не се спомена.
Од тука се поставуваат прашањата – како дотогаш постоела корупција и се давало мито за да се оди на мировна мисија, а сега наеднаш кога тие се на власт тоа е искоренето?
Според нашите информации, војниците на мировни мисии одат во Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Латвија каде што се праќаат водови од 30 плус-минус војници. Тие се сместени во бази, а се прави по една или две ротации во зависност од тоа каде се испратени на мировна мисија. Во Косово се испраќаат по два вода, двапати годишно, од 30 до 33 луѓе и се прават по две ротации, додека, пак, во Бугарија и Романија по една ротација. Само во Латвија се испраќа поспецифичен вод, каде што има само 12 војници.
Според процедурата, на мировни мисии се испраќаат водови со војници, за кои во согласност со НАТО стандардите треба да се види каков профил на луѓе се потребни, во зависност од тоа на кое место ќе одат, а потоа се прави список, кој на крај завршува кај актуелниот министер за одбрана, кој треба да даде зелено светло.
Нашите извори тврдат дека шемата за одење на мировни мисии, години наназад е добро разработена и наводно се спрема од повисоките ешалони во Одбрана, каде што се даваат од 3.000 до 5.000 евра мито, за да се најдат војниците на списокот. Поточно, повеќето од нив одат на мисии шест месеци, а земаат плата повеќе од 3.000 евра, па шемата, според нашите соговорници, се одвива така што една плата наводно оди за митото што го даваат.
–Тоа е јавна тајна. Но, математиката, како е? Секој од нив да оди на мисија шест месеци, всушност зависи на која мисија се испратени. Платата се движи од 3.000 до 3.500 евра, па за тие месеци вкупно земаат околу 18.000 евра. Мораш една плата да ја дадеш за да се најдеш на фамозниот список, освен ако не си многу близок до некој „твој“. Тоа што се прави е огромна корупција, истакна Александар Насковски од Независниот синдикат на Армијата.
Од друга страна, од Одбрана, во одговор за „Фокус“, ги демантираат тврдењата за наводно давање мито за мировни мисии.
–Овие дезинформации се пласирани со една намера – да се стави дамка на институцијата, која отсекогаш била во врвот, како институција со највисока доверба кај македонските граѓани. Во Министерството за одбрана не постојат сознанија или индикации за постоење таква практика како системски или воспоставен начин на постапување при упатувањето на мисии.
Во одбраната и во Армијата има стриктни правила и процедури за секој процес, вклучувајќи го и упатувањето во мисија. Сите пофални зборови од структурата на НАТО за нашиот придонес кон колективната безбедност преку упатувањето во мисии и во мултинационални сили на НАТО е доволен доказ за тоа дека се испраќаат вистински професионалци и дека основен критериум е професионализмот и посветеноста на армиските припадници, се наведува во одговорот од Министерството за одбрана.
Од таму уште истакнаа дека Министерството има јасно утврдени механизми за пријавување на сомневања за корупција и други незаконски постапувања.
-Би сакале да нагласиме дека Министерството за одбрана е една од првите институции, која воведе бесплатна и анонимна телефонска линија 0800-50030 и можноста за анонимно пријавување со пополнување формулар на веб-страницата на Министерството или електронски преку имејл-адресата [email protected], на секаков вид коруптивно дејствување во оваа институција.
Доколку од страна на, како што наведувате во вашето прашање, „дел од синдикатите“, вработените или други лица постојат конкретни сознанија, докази или основани сомневања дека одредено лице барало или примило парични средства или друга корист за да овозможи упатување на мисија, таквите случаи треба да бидат пријавени со цел да можат да бидат соодветно проверени од надлежните институции. Само врз основа на конкретна пријава, надлежните органи можат да ги проверат наводите, да ги обезбедат потребните докази и, доколку се утврди постоење основано сомнение, да преземат соодветни законски мерки, продолжува понатаму во одговорот на МО.
Тие додаваат дека остануваат посветени за целосна транспарентност и за преземање соодветни мерки во секој случај во кој ќе постојат основани сомневања за корупција или друго незаконско постапување.
-Доколку постојат конкретни сознанија за сторено кривично дело, случајот може и треба да биде пријавен и до надлежните органи за откривање и гонење на корупцијата, вклучително и до Јавното обвинителство, кое е надлежно за постапување по сомневања за кривични дела од оваа област.
Во таа смисла, Министерството ги охрабрува сите лица што располагаат со конкретни информации за евентуално барање или примање поткуп да ги пријават случаите преку воспоставените механизми наместо ваквите наводи да останат само на ниво на општи или непотврдени тврдења. Само врз основа на конкретна пријава, надлежните органи можат да ги проверат наводите, да ги обезбедат потребните докази и, доколку се утврди постоење на основано сомнение, да преземат соодветни законски мерки, тврдат од Одбрана.
ПОВЕЌЕ ОД 3.000 ТУЖБИ ЗА САМО ДВЕ ГОДИНИ
Но, освен за обвинувања за коруптивни активности, од Министерството за одбрана се соочуваат и со повеќе од 3.000 тужби во последните две години, поточно во 2024 и во 2025 година, и тоа за права од работен однос, за јубилејни награди, за колективни договори, за слободни денови…
Тоа го потврдува и последниот извештај на Државниот завод за ревизија, во кој се наведува дека во текот на 2024 година по основ на извршни решенија исплатени се средства во вкупен износ од 736.168 илјади денари.
„И тоа (637.905 илјади денари од сметката на основен буџет – 637 и 62.263 илјади денари од сметката на основен буџет – 631) и тоа: на име главен долг во износ од 490.600 илјади денари, камата во износ од 90.480 илјади денари и трошоци за извршни исплати во износ од 155.088 илјади денари“, се наведува во извештајот од ДЗР.
Клучните забелешки на ревизорите се дека во 2024 година поведени се нови 1.221 судска постапка, покрај постапките од претходните години, а кои согласно Законот за парнична постапка не завршиле во законски пропишаниот рок од шест месеци од денот на поднесувањето на тужбата.
„Имајќи предвид дека 155.088 илјади денари, односно 21 отсто од наплатените средства се однесуваат на адвокатски услуги и извршни трошоци, ревизијата ја истакнува потребата МО да преземе мерки за решавање на работните спорови со постапка за медијација или со доброволна исплата со цел намалување на наведените трошоци, особено поради фактот што новиот Колективен договор обезбедува повисоки надоместоци, кои во случај на ненавремена исплата би предизвикале уште поголеми трошоци.
Во текот на ревизијата бевме известени дека дел од вработените лица имаат поднесено тужби и по основ на новиот Колективен договор за исплата на надомест за јубилејна награда за непрекината работа во МО и Армијата во период од 10, 15, 20, 30 или 40 години која е во висина од 50-200 отсто од просечната нето-плата во Републиката, во претходната година“, тврдат ревизорите.
И за овие прашања се обративме и до Министерството за одбрана, од каде што ни објаснија дека тие се залагаат за почитување и унапредување на правата на своите вработени и исплата на надоместоците, кои им следуваат.
-Гледано по бројки за периодот од 2024 година до 2026 година се работи за тужби со кои е тужен период од три години претходно, односно период за 2021 година за кој е поднесена тужба во 2024 година, период за 2022 година за кој е тужено во 2025 година, и период за 2023 година и 2024 година за кој се поднесени тужби во 2026 година.
Во 2024 година се поднесени 1.200 тужби, правните основи под кои се истите поднесени се исплата на прекувремена работа, исплата на бонус плата, исплата на ноќна работа, исплата на додатоци на плата и разлика во плата, исплата на придонес во ПИОМ. Овие тужби се поднесени за период од 2021 година. Во 2025 година се поднесени 2.000 тужби. Овие тужби се поднесени за период од 2022 година. Во 2026 година досега се поднесени 1.960 тужби. Овие тужби се поднесени за период од 2023 година, тврдат во изјава за „Фокус“ од одбрана.
Според нив, исплатите по основ на тужби од 2024 година досега се намалуваат.
–Имено, во 2024 година биле исплатени над 735 милиони денари, во 2025 година биле исплатени 506 милиони денари, а во 2026 година, односно досега годинава исплатени се нешто над 380 милиони денари. Тоа покажува дека како што изминуваат годините, основите за тужба, имајќи предвид дека тужењето се однесува на побарувања од три години порано, се намалуваат, што е јасен показател дека Министерството, во последниве години, во целост ги почитува сите права на вработените и врши исплата на сите надоместоци, тврдат од Одбрана.