Текстот е објавен во неделникот Фокус во бројот 1604 на 02.07.2026 година
Пишувал: Зоран ФИДАНОСКИ
Речиси математички прецизно на половина од мандатот, премиерот Христијан Мицкоски се реши да ја направи првата потемелна реконструкција на владата. Ја најавуваше повеќе од девет месеци дека ќе ја направи како потег, а завчера доцна вечерта ги соопшти имињата на тие што ќе бидат нови членови на владиниот кабинет затоа што тие што си заминуваат, нивните имиња на јавноста, горе-долу ѝ беа познати речиси без исклучок. Како и на најголемиот дел од новите и на тие што ги наследуваат – и кои во периодот што претстои ќе треба да ја оправдаат довербата, а и бремето што го носи министерската позиција.
–Реконструкцијата означува почеток на нова фаза по изминати две години од работата на оваа влада. Следува период во кој фокусот ќе биде уште повеќе ставен на ефикасноста и динамиката и постигнувањето ефикасни резултати, нова енергија за ново забрзување, образложи кусо Мицкоски, зошто се одлучил на ваков чекор, со кој сака да фати залет за вториот дел од мандатот.
Првиот впечаток што се добива кога ќе се гледа целосно владината промена, е тоа дека владата ќе има еден член помалку, а владиното мнозинство во Парламентот доби еден пратеник повеќе. Се укинува вицепремиерското место за добро владеење, а во највисоката извршна власт влегува Демократската партија на Турците во Македонија, кои ќе добијат едно министерско место.
Но, што покажуваат конкретните кадровски смени и промена на ресори во владиниот тим?
Ако, Панче Тошковски во МВР, Тимчо Муцунски во МНР, Гордана Кочоска–Димитриевска во Финансии, Владо Мисајловски во Одбрана и Александар Николовски во Транспорт и врски, а на оваа групација може да се додаде и Сања Божиновска од Енергетика и Минерални суровини – беа и останаа недопирливи, тогаш инсистирањето да се земе Здравство и во него да се смести еден од најблиските соработници на Мицкоски – првиот човек на ФЗОМ, Сашо Клековски (наводно позицијата првично била предвидена за директорот Градската болница „8 Септември“ и член на потесното партиско раководство Синиша Стојановски, но тој долго време се премислувал и на крај се откажал), неотстапувањето на Образование (останува Весна Јаневска) и преземањето на Социјална политика, демографија и млади (каде што нов министер е довчерашниот заменик Ѓоко Велковски), покажува дека Мицкоски сака ВМРО-ДПМНЕ, речиси без исклучок, да има контрола врз клучните владини ресори, барем оние каде што по дефиниција „се вртат“ најмногу пари.
Со други зборови кажано, најголемата владејачка партија на половина од мандатот, дополнително ги зајакнува своите позиции и влијание во највисоките ешалони на извршната власт. И, тоа многу веројантно е една од главните цели на реконструкцијата, освен самиот примарен мотив – да се внесе „свежа крв“ и дополнителна енергија онаму каде што, како што и самиот премиер призна, постои истрошеност на капацитетите и неможност да се понуди нешто ново.
И, затоа се прави промената – за да се даде дополнителен импулс и енергија, но и амбиција од новите, нешто што почнало уште повеќе да се забрза за да се реализира нешто што е дадено како предизборно ветување.
Владата, како што веќе пишавме, влегува во вториот дел од својот мандат и ова е момент кога обично се прави пресек на сработеното. Дел од министрите веќе дадоа отчет за она што го сработиле во претходните 24 месеци, вклучувајќи ги оние што тоа го направија, иако знаеја дека ќе бидат сменети или ротирани во министерскиот список, како Иван Стоиљковиќ, кој од Министерството за односи меѓу заедниците преминува да ја води Локална самоуправа, од каде што заминува Златко Перински, за да го пополни испразнетото место во Фондот за здравство од Клековски, кој станува прв човек во Здравство. Дополнително, на местото на Шабан Салиу, министерско место без ресор добива Ерџан Демир, кој е на чело на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто Оризари.
MИЦКОСКИ САКА МИНИСТРИ СО „ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ“
На јавноста ѝ е познато дека Мицкоски претходно најави дека ќе ги оценува министрите според резултатите и дека оние што нема да испорачаат, ќе бидат заменети. Дополнително, самиот тој повеќе од еднаш потенцираше дека сака и бара министри со „додадена вредност“. А, со направените промени – првиот човек на владата го очекува токму тоа. На некои од клучните позиции и министерски и директорски да седнат негови најблиски соработници и во кои тој самиот има најголема доверба. И, затоа, погледнато од политички агол – ВМРО-ДПМНЕ е првиот голем добитник на оваа владина смена.
Вториот добитник – е коалицијата ВРЕДИ, која во овие две години се трансформираше во единствена партија. Точно е дека го препушти здравство на „поголемиот брат“ во владата и оттаму заминува еден, барем медиумски од поекспонираните министри Азир Алиу, но за сметка на тоа – направи добар „улов“ со добивањето на Култура и, особено Правда. Може да се насети дека преземањето на Министерството за правда од ВРЕДИ, значи, меѓу другото, и финализирање на решавањето на друго сензитивно политичко прашање – она за полагањето на правосудниот испит на правниците Албанци – прашање што ги разгоре страстите меѓу ДУИ и ВРЕДИ. А, за што, се претпоставува, причината за одложувањето на решението досега можеби треба да се бара и затоа што Министерството досега го раководеше Игор Филков од Правда. Сега таму ќе раководи универзитетскиот професор Јетон Шасивари, кој е еден од авторите на законот за соодветна и правична застапеност, кој, уште не изгласан во законодавниот дом, исто така предизвика бура меѓу власта и опозицијата во албанскиот политички блок.
Министерството за култура од Зоран Љутков го презема Седат Сулејмани. А, Агон Ферати од Иван Стоиљковиќ го презема ресорот – Односи меѓу заедниците нешто што, јавноста навикна, да го раководи претставник од албанската партија во власта.
Токму смената на Филков беше најголема „запнувалка“ во преговорите за реконструкција што ВМРО-ДПМНЕ ги водеше со ЗНАМ, а по што според првичните проценки, партијата на Максим Димитриевски излегува со ослабнати позиции во извршната власт. Неофицијалните информации велеа дека Мицкоски бил директен во укажувањето дека тешко му оди соработката со Филков (не се познати причините). Дури, се шпекулира, дека во еден момент во преговорите им понудил на ЗНАМ да го задржат ресорот, ама да предложат друго име. Како понуда на маса им беше доставено – да го управуваат Земјоделство, од каде, како што беше кажано, од приватни причини се повлече, доскорешниот прв човек Цветан Трипуновски. Ресор во кој практично „пукнаа“ и две големи корупциски афери, откако директорите на Државниот инспекторат за земјоделство и на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството беа фатени во обид да изнудат по 50 илјади евра од мито. Но, и ресор кој подолго период наназад покажуваше послаб перформанс – вклучувајќи ги овде и субвенциите што им се доделуваат на земјоделците и откупните цени за производите кои кај нив предизвикуваа незадоволство во последно време.
ЗНАМ долго време се обидуваше да издејствува некое, условно речено, „потешко“ министерство во замена за Правда, но таквите барања не беа прифатени од најголемиот партнер во власта. Сознанијата велат дека Димитриевски на крајот дал согласност за понудата и на негово место седнува досегашниот државен секретар Борче Серафимовски. Но, побарал и очекува да добие уште некоја позиција од пониските ешалони на извршната власт, кои, како што најави Мицкоски, ќе бидат „чешлани“ веќе од септември по завршувањето на летните одмори. Поконкретно, некое од, условно речено, повлијателните заменик-министерски места. Дали тоа ќе биде испразнетото заменичко место во Социјална политика, демографија и млади или некое друго, останува да видиме по годишните моменти.
Што сака Мицкоски да постигне со ваквата реконструкција? Ако се проанализира подетално, може да се каже дека тој сака да постигне неколку политички цели.
КОИ СЕ ПОЛИТИЧКИТЕ ЦЕЛИ НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА?
Прво, да покаже дека нема функционер што нема да биде предмет на анализа и оценување за неговата работа и ќе има политичка одговорност доколку со својата работа не ги постигне посакуваните ефекти.
Второ, како што веќе посочивме сака да ја забрза реализацијата на проектите во ресорите каде јавноста има стекнато впечаток дека работењето е на задоволително ниво и, аналогно на тоа, резултатите се послаби.
Трето, сака да направи консолидација на владината коалиција преку нов баланс на министерствата адекватен на моментната политичка моќ на коалициските партнери.
Погледнато од изборен аспект, направената реконструкција повеќе личи и укажува на тоа дека не се планираат предвремени парламентарни избори. Од едноставна причина, ако се планираа и очекуваа избори за неколку месеци (како што во последно време неофицијално се проценуваше), ќе немаше потреба од поголема промена на министри. Бидејќи, на новите министри ќе има треба време да ги преземат ресорите и да покажат резултати. А, самата реконструкција може и да се толкува како обид да се продолжи мандататот, а не предвремено да се заврши.
Сепак, во политиката никогаш не може целосно да се исклучи можноста од предвремено изборно соочување доколку така налагаат околностите како, на пример, да станува збор за голема политичка криза или, пак, така проценила власта дека е најпогодно за нејзе.
Дека не се исклучени предвремени избори следната 2027 година, и покрај потемелната промена во највисоките нивоа на власта, се согласува и политичкиот аналитичар Џелал Незири. Тој за „Фокус“ проценува дека тие се можни веќе во следната пролет. И, за таа, како што ја оценува, примарна цел – се направени измените.
-При оваа реконструкција повеќе биле земени предвид партиските интереси, кои се поврзани за позициите пред тие избори, одошто вистинскиот перформанс на министрите кој се однесува на резултатите испорачани кон граѓаните. Заради изборите партиите биле водени од политичкиот прагматизам, а не од реалниот интерес на граѓаните, смета Незири.
РЕКОНСТРУКЦИЈА ЗА ЛИЧНИ И ПАРТИСКИ ИНТЕРЕСИ
Оттука, тој не очекува дека ќе има подобрување на квалитетот на целокупното работење на владиниот кабинет. Во првата половина,
вели, овој состав не се прослави многу во однос на клучните државни приоритети, но имаше и видливо резултати. Подобрување не треба да се очекува од причина што реконструкцијата е направена за да се задоволат личните или партиските интереси, а не интересот на државата и граѓаните.
-Според она што го располагам како информација, реконструкцијата се направи, практично, без јасно утврдена методологија. Таа методологија вообичаено се состои од евалуација на работата на министрите, односно нивните испорачани резултати, како и нивната перцепција во јавноста. Јас не гледам дека министрите се менуваат заради нивните лоши резултати, туку од прагматични партиски интереси, кои подразбираат задоволување на амбиции на поединци за поголема политичка контрола, или, пак, за подобра позиција во пресрет на можните предвремени парламентарни избори. Ние имаме случај каде што останува надвор од новиот состав на владата министер, кој се сметаше дека добро работи, а остануваат кадри кои последни реагираат на проблеми од нивниот ресор. Да бидам поконкретен: останува надвор од владата Азир Алиу, кој како најдобар министер излегува и во анкетите, но има испорачано конкретни резултати, додека продолжува да биде министер Бесар Дурмиши, човекот кој последен реагираше на хаосот во бензинските пумпи создаден заради профитерски калкулации на бензинските пумпи по започнување на конфликтот меѓу САД и Израел, од една страна, и Иран, од друга страна. Да не зборуваме за отсуството на вистински истраги за евентуалните монополски договарања на супермаркетите за цените на основните продукти. Значи, се казнуваат оние кои работат, се наградуваат оние кои спијат во кабинет, посочува Незири.
Незири не верува дека ќе има рекомпонирање на односите внатре во владината коалиција од причина што, како што вели, односите во владиниот кабинет се одраз на бројките во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да доминира, додека ВРЕДИ и ЗНАМ, како помали партнери, ќе се обидуваат да создадат впечаток дека имаат влијание врз курсот на владата.
Тоа значи дека курсот на кормилото на власта и натаму цврсто ќе го има во своите раце ВМРО-ДПМНЕ. Доколку новите министри за кусо време покажат некаков конкретен резултат, тогаш премиерот ќе може да тврди дека владата навремено ги коригирала слабостите. Доколку не, тогаш опозицијата, која и така ја критикуваше оваа реконструкција дека не очекува да направи реални промени за граѓаните, ќе ја претстави реконструкцијата како погрешен избор за кој одговорноста ќе треба да ја понесе токму Христијан Мицкоски.