Дали обвинителка му ги давала записниците од „Рекет“ на Мицкоски и дали има истражител кој продавал тајни информации за 100.000 евра?

by fokus

Новите снимки кои беа објавени вчера, а во кои се зборува за случајот „Рекет“, a гласот на еден од соговорниците наликува на оној на бизнисменот Орце Камчев, актуелизираат неколку прашања. Поточно, кој му ги даде записниците од истрагата за „Рекет“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кои мафташе од прес говорница, и дали некој истражител од обвинителството на стикче изнесувал тајни информации, а за тоа наводно добил 100.000 евра.

Бидејќи снимките се во траење од само 10 секунди, не може да се разбере целиот контекст, но затоа се наметнуваат многу дилеми:

„Дали од кај Вилма се… Таму кој знае кој работи за ВМРО. Утре новата Вилма треба да биде некоја од тие. Може ги лапнала и ги дала на Мицко. Хе.. И она е обвинителка утре. Сите на одмор се бе, кој сака може да влезе во комјутер“.

„Се знае точно кој ги има сработено. Они кога се уште ретардирани, во институции имаат луѓе… ти знаеш што значи на истражител да му дадеш 100.000 евра да ти даде стикче? 100.000 евра?“, се вели во разговорите.

Токуму затоа ја прашавме обвинителката Вилма Русковска дали има некакви сознанија за овие информации, но добивме само кус одговор „Не“.

Вчера од обвинителството информираа дека се работи на откривање од каде и кој ги објавува снимките.

„Се постапува по предметот. Издадена е наредба до Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика да преземат дејствија и мерки и барањето за прибирање на потребни известувања да го достават до „Јутјуб“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

В.В.

Поврзани новости