Дали новата предистрага за „Диво насеље“ ќе ги открие нарачателите?

Пред две години, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу до обвинителството поднесе нови докази поврзани со овој случај. Од обвинителството велат дека се постапува по предметот, кој се наоѓа во предистрага.

by fokus

Поминаа 7 години од вооружениот напад во кумановско „Диво насеље“, но освен извршителите, кои беа осудени со правосилна пресуда, никогаш не беа откриени организаторите или нарачателите.

Пред две години, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу до обвинителството поднесе нови докази поврзани со овој случај. Тогаш тој не откри многу детали, но се појавија очекувања дека можеби со новите докази ќе се стигне до организаторите, логистиката и мотивот за вооружениот напад, од пред шест години, во кој загинаа 8 припадници на МВР, а 37 беа повредени.

-За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент, истакна пред две година Муслиу.

Од Обвинителството за „Фокус“ велат дека се постапува по предметот, односно посочуваат дека е во предистражна постапка.

-Предметот за кој покажувате интерес во врска со сознанијата добиени од страна на Агенцијата за разузнавање е во предистражна постапка и по него постапува јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ни одговорија од Обвинителството.

Директорот Муслиу кога ги достави доказите тврдеше дека мозаикот може да се склопи со сознанијата на дел од осудените, потенцирајќи дека со смртта на водачите на терористичката група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај не исчезнале сите тајни.

-Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност, поентираше Муслиу, алудирајќи на вмешаност на оперативци од Агенцијата за разузнавање.

Неофицијалната верзија која досега се провејуваше во јавноста е дека вооружената група, која изврши напад на 9 и 10 мај 2015 година, наводно била финансиски мотивирана со пет милиони евра, а кои им биле исплатени на водачите на групата. Се шпекулираше и дека нападот е во режија на македонски разузнавачи и политичари од власта, кои ангажирале дебело платени „актери“. Наводно, оригиналното сценарио било поблаго, и требало да го одвлече вниманието на јавноста од експлозијата на тогашните „бомби“ и протести против власта, но на терен работите излегле од контрола.

Тогашните коалициони лидери, Никола Груевски и Али Ахмети си ја ишкаа мувата од капата, а одговорност негираше и тогашниот претседател Ѓорге Иванов, под чија контрола беше Агенцијата за разузнавање. Груевски тврдеше дека напаѓачите сакале да предизвикаат дестабилизација, а лидерот на опозицијата, Зоран Заев го обвини дека постоеле сериозни индиции дека ова е сценарио планирано од носителите на власта.

Со правосилна пресуда седумина од обвинетите беа осудени на доживотен затвор, 13 обвинети добија казна од 40 години, 20 години петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Четворица од обвинетите пак добија ослободителна пресуда. Доживотните казни беа потврдени и со одлука на Врховниот суд.

Освен што не се дознаа организаторите, на првичното судење, беа заобиколени информациите кои укажуваа и за непрофесионално постапување на МВР, во најмала рака, околку организацијата за сузбивање на вооружената група.

Поголемиот дел од безбедносните сили со оклопни возила беа испратени во Отља, а помала група со патнички возила, била насочена во Диво насеље. Ваквата погрешна организациона поставеност е нелогична, бидејќи според сознанија на „Фокус“, вооружената група била следена со безпилотни летала од безбедносните служби, па знаеле дека е главно стационирана во Диво насеље. Полицајците биле фатени во стапица, па затоа и двајца се убиени во првите минути од престрелката, по што дури тогаш другите сили се насочуваат во оваа населба.

Во крвавиот настан животот го изгубија полицајците Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

Валентина Вурмо

Поврзани новости