Дали некој верува во истрага?

by Фокус

Живеам во град во кој живи изгореа пациенти, ене ја Модуларна како стои во дворот на болницата, пеплосан споменик на сето она што ја пеплосува земјава: неотчетност, непрофесионализам, нечовештина, валканици во НеДржава. Неотповиклива морална оставка, таа најмала мерна единица, е првиот можен чекор кон расчистување на случаите

Пишува Линдита КАДРИУ

Почетно, за Маја Мојсова и нејзиното раководење со КАРИЛ, на што сведочев долги, тензични деноноќија во 2017 година, додека пријател ми лежеше на работ на амбисот. А неметафорично: лежеше на чаршаф со крв, урина и пот, навлаката за перница не ја променија ниеднаш во трите недели престој во одделот, кој теоретски треба да е стерилизиран, многу пациенти се со отворени рани.

Лебарки лазеа по подот и на наткасните, на кои му остававме нешто храна на болниот. Сестрите, главно хистерични или апатични, тоалетот смрдлив, и најлошото: лекарските грешки се редеа од првиот момент, буквално, од приемот на пациентот Ш.

ШАНСИ ЗА НЕУСПЕСИ

Имам уште десетина детали за непрофесионализмот, нечовечноста и нечистотијата… Директорката Маја следната 2018 беше назначена за национален координатор за трансплантација. Тоа е патеката на напредувањето во земјата што уназадува: извршуваш лошо една работа, правиш терсене сѐ, тие ти даваат друга функција; и таму, по своја прилика, утнуваш, ете ти трета шанса, па некаде може ќе упали.

Креаторите на кадровската политика кај нас се по природа благи и попустливи, како родител кој сѐ ќе направи за сопственото чедо, само за да го врати на правиот пат.

Но, денес сакав да зборувам за убавите работи и само да почнам со Маја Мојсова (чии реченици на пресот по смртта на ракометарот Рот, со сиот труд, не успеав да ги разберам, а некои беа неподобни од аспект на човештината, сосе дреч карминот).

Се спомна истрага? Некој верува во истрага? Тој збор во Македонија, по сите несреќи, вклучително и тие што ги снајдоа двајцата претседатели, има примеси на црн хумор. Што добиваме откако ќе испозагубиме драги луѓе, сограѓани, највисок функционер? Магловити објаснувања во конечен извештај, во кој треба да е јасен и речникот и виновникот, но речникот е немушт како во слаб студентски текст, а виновник нема.

Живеам во град, во кој живи изгореа пациенти, ене ја Модуларна како стои во дворот на болницата, пеплосан споменик на сето она што ја пеплосува земјава: неотчетност, непрофесионализам, нечовештина, валканици во НеДржава. Неотповиклива морална оставка, таа најмала мерна единица, е првиот можен чекор кон расчистување на случаите. Се навикнавме да ги немаме, ни едното, ни другото.

Во несреќата во Бугарија изгубив тројца свои; ниеден од најблискиот ужален круг со ниту еден збор не спомнуваше, ниту сега спомнува Истрага. Има ли поголема шлаканица за правната држава!? Губиш сакани, виновници има, но нема.

УБАВИ ЛУЃЕ

Навистина, каде го има ова, во олкаво количество? Куда плови овај брод?

Како противтежа, ќе пишувам за убавите луѓе:

– За друга Маја, заболекарка, кај која, чудо големо, одам насмеана и завршувам безболно со уметнички пломбирани заби;

– За хармоничната двојка, таа писателка и ТВ-авторка, тој режисер, кои градат професионални стандарди и дом во кој владее љубовта: милина да им одиш на гости;

– За една светска, а овдешна сликарка, дизајнерка на облека и ентериер, илустраторка на книги;

– За тројцата добитници на олимписко злато, сребро и бронза, родум од Скопје, двајца Шабани, ене ги во чаршија на чај, и еден Азис.

– за Ж.К., која вели дека нема ништо спектакуларно во нејзиниот живот и професија, а верувајте има, и тоа како.

Но, најскромни се најзаслужните!

За нив, од следната недела.

Поврзани новости