На предлог на Министерството за здравство, Владата на последната седница одржана на 24 февруари донела одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
Во пишаната изјава на министерот за здравство Азир Алиу се наведува дека со донесената одлука за спојување на двете клиники, се формира единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, што овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман.
Тука завршува официјалниот дел, но сепак останува отворено прашањето – која е причината за да се уништи државната Клиника за кардиохирургија, успешна приказна која се градеше цела една деценија?
„Фокус“ веќе подолг период се занимава со оваа тема, по што објавивме серијал на текстови поврзани со случувањата на Кардиохирургија, која во последните три години свесно тоне и некој упорно се труди да ја уништи. Од тоа што можевме да го забележиме, веќе одреден период се спрема терен за уништување на клиниката.
Како што веќе објавивме, на скопска Кардиохирургија со години владее тензична и напната атмосфера, вработените се поделени, а меѓучовечките односи нарушени. Можат да се слушнат кавги и навреди на секој чекор, а болничките соби се користат за прослави, ако некој од неподобните го избркаат или си замине самоиницијативно.
Ситуацијата експресно ескалираше откако кардиохирургот Сашко Јовев беше разрешен од диреторското место, а подоцна избркан од работа, за што ниту се знаеше, а и ниту се слушна во јавноста. Тој, со месеци, помина надвор од клиниката, додека неговата судбина наголемо се решаваше.
Иако, на почетокот жестоко и јавно се бореше, сепак на крај крена раце и никогаш повеќе со јавноста не сподели ниту една информација. За неговата судбина тогаш одлучуваше сега поранешниот директор Марјан Шокаровски, на кој очигледно Јовев му е главен трн во очите. Но, сепак, тоа не му го дозволи тогашниот министер за здравство Илир Демири, кој со декрет пак го врати на работа.
По година време оттогаш, работите во клиниката ни малку не се променети, само повеќе се влошени, а што е најстрашно, тоа удира врз грбот на пациентите. Во моментов таму владее тотален хаос, а револтот кај дел од вработените сѐ повеќе расте.
Според нашите информации, иако со клиниката официјално управува доктор Дејан Димитровски, сепак во заднина, Кардиохирургија ја предводат неколку луѓе што одлучуваат за судбината на сите други, за начинот како да се одвива работата, кој да работи, како да се работи, кој има право да оперира, односно со еден збор – палат и гасат во болницата.
Откако државна Кардиохирургија ги отвори вратите за пациентите каде што се третираат едни од најтешките случаи, постепено почна да ја стекнува довербата на болните, а беа спасени и бројни човечки животи. Но, сето тоа отиде во заборав, откако некој во последните три години реши да го уништи сето тоа.
Судбината на Кардиохирургија повторно се крои откако се донесе одлука за нејзино спојување со Кардиологија. Додека ги пишувавме текстовите, тоа сѐ уште не бешее официјално, но работите одеа токму во тој правец, каде што работата од цела една деценија ќе биде фрлена на буништето на историјата.
Додека од една страна „пука“ страшна афера во која се вплеткани двете приватни болници, кои во последните шест години за кардиохируршки и васкуларни интервенции од Фондот за здравство добиле 105 милиони евра, од друга страна некој свесно дозволува да се „стави“ клуч на врата на државна Кардиохирургија. Што е заднината?
Факт е дека македонското здравство е донесено до дното, но што се случува зад затворени врати?
„Фокус“ располага со документи и податоци во кои убаво може да се види како во моментот функционира клиниката. Според нашите информации, освен тоа што нема никаква работна атмосфера, дел од вработените се на боледувања, уште пострашно е што е зголемен бројот на починати пациенти, за што пред една година имаше и формирана Стручна комисија од страна на Министерството за здравство, која го потврди тоа.
Лека-полека, на површина излегуваат страшните судбини на дел од пациентите, кои поминале цели патешествија на Кардиохирургија.
Факт е дека на клиниката доаѓаат многу тешки пациенти, кои некогаш реално не можат да бидат спасени, но факт е дека има и пациенти што починале од лекарски грешки и од интрахоспитални инфекции.
Според нашите информации, пред неколку месеци таму починал 49-годишен пациент на клиниката, кој бил со тешка здравствена состојба, но во меѓувреме додека лежел таму закачил и интрахоспитална инфекција, фатил сепса, која на крајот му пресудила.
Речиси, сите клиники вријат од интрахоспитални инфекции, па откако еден таков пациент ќе биде опериран и интубиран, ќе остане на болничко лекување повеќе од четири, пет дена, не му бега да закачи инфекција, добива сепса и починува.
Но, тука голема улога игра и човечкиот фактор. Доволно е за време на една операција да не се променат ракавиците со кои вработените работат, пациентите веднаш ќе закачат интрахоспитална инфекција.
Пред една година, на Клиниката за кардиохирургија починал млад пациент над 40 години со аневризма. Според информациите со кои располагаме, тој бил примен како итен пациент во болницата, но поминало еден час додека лекарскиот тим се подготвувал да почне со операцијата.
Пациентот бил сместен на Интензивна нега, но од него побарале сам да се префрли од болничкиот кревет на операциониот стол, при што по дадениот напор му пукнала аортата. Откако се собрал целиот тим и настанал метеж, пациентот не ја дочекал операцијата и починал. Неговото семејство, кое чекало пред вратата, само било информирано за смртниот исход.
Сличен ваков случај имало и пред неколку месеци, кога на скопска Кардиохирургија почина 57-годишниот Тони Ангелковски, чие семејство обвинува за лекарска грешка.
Тој на клиниката дошол со пукната аорта, но од таму дрско го исфрлиле и го препратиле во приватна болница бидејќи не им работеле хируршките сали. Во приватната болница, пак, им кажале дека треба да чекаат седум дена за да дојде делот што треба да се вгради и дека тоа ќе чини илјадници евра. Тие со страв пак се вратиле на државна Кардиохирургија, каде што со молење го хоспитализирале, но не била извршена операција и пациентот починал.
Но, тоа не е сѐ. На крајот на ноември, 2023 година била оперирана повозрасната пациентка С.Ц., чија интервенција поминала нормално. Сепак, како што излегла од болница почнала со редовни контроли на кои никој не забележал дека има крвавење, поточно срцето ѝ било исполнето со крв, па така пациентката од амбуланта повторно завршила на операционен стол, каде што и починала.
„Фокус“, пред повеќе од година дојде до документи од системот „Мој термин“, кои за неколку месеци ја покажуваат смртноста на скопската Клиника за кардиохирургија. Според документите со кои располагаме и ги објавивме, само во рок од 3 месеци, од вкупно оперирани 31, починале дури 14 пациенти!
Тогаш од Кардиохирургија демантираа дека е зголемена смртноста, но затоа, пак, извештајот од стручната Комисија го потврди токму спротивното.
Според извештајот, во 2022 година, на државна Кардиохирургија починале 37 пациенти што биле оперирани, а во 2023 година починале 58 пациенти што биле оперирани. Споредбата на починатите е за следните интервенции: васкуларна аорта, кардиолошка аорта и кардиохируршка операција. Дури 170 пациенти беа фантомски, односно не беа регуларно внесени со отпусни листи и умреници во Мој термин.
Додека тројца лекари „палат и гасат“ на клиниката, пациенти фаќаат сепса и умираат!
Клиниката незаконски набавувала скапи материјали, сомнително потрошени над 300.000 евра?!
Кој свесно ја уништува Државна кардиохирургија за профит на приватните болници?
Ирена МУЛАЧКА