Набавката на бесплатните вакцини против сезонски грип во земјава е во застој, откако на јавниот повик не се пријавила ниту една компанија. Од Министерството за здравство објаснуваат дека причината е доцнењето во производството на вакцините на глобално ниво, а не проблем во постапката за набавка.
Според информациите од здравствените власти, оваа година дошло до промени во вирусните соеви што се вклучуваат во составот на вакцината против сезонски грип. Станува збор за два соја на грип А и еден сој на грип Б, што влијаело врз производствениот процес и достапноста на вакцините на светскиот пазар.
Поради ваквата состојба, на распишаниот јавен повик во земјава не пристигнала ниту една понуда, односно ниту еден дистрибутер не се пријавил за набавката.
Во меѓувреме, Министерството за здравство бара други начини за обезбедување на потребните количини. Во тек е комуникација со соседните земји и со меѓународни партнери, со цел вакцините да бидат обезбедени преку алтернативни канали.
Очекувањата се потребните дози да пристигнат до крајот на октомври, по што би можела да започне имунизацијата против сезонски грип.
Вакцинацијата особено се препорачува за лицата кои имаат поголем ризик од компликации од грип, меѓу кои повозрасните граѓани, бремените жени и лицата со хронични заболувања.
Од Министерството најавуваат дека јавноста дополнително ќе биде информирана кога ќе биде утврден точниот термин за пристигнување на вакцините и почетокот на вакцинацијата.