Двајца скопјани се повредени во сообраќајна незгода што утрово се случила на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, а во која учествувале товарно возило и два автомобили.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“, незгодата била пријавена денеска, 6 октомври, околу 06:50 часот во СВР Скопје.
Во сообраќајката учествувале товарно моторно возило „ман“ со полуприколка, со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Д. (59) од Скопје, автомобил „сеат“, исто така со скопски регистарски ознаки, управуван од Т.Р. (29), како и „фолксваген пасат“ управуван од А.Ј. (48), двајцата од Скопје.
Во незгодата повреди добиле возачите на „сеатот“ и „пасатот“, Т.Р. и А.Ј.
Тие биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што им била укажана лекарска помош.
Засега нема дополнителни информации за тежината на нивните повреди.