Клиниката незаконски набавувала скапи материјали, сомнително потрошени над 300.000 евра?!

Во документите со кои располага „Фокус“, може да се забележи и лошото финасиско работење на Клиниката за државна кардиохиругија, а особено алармантно е во делот со набавката на потребните материјали за работа на реверс-позајмица, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Поточно, се набавуваат бројни скапи материјали по неколку илјади евра, без објавување тендери, во нетранспарентни постапки. Во прашање се над 300 илјади евра набавки на материјали на реверс за само две и пол години. Од страна на вработени на клиниката поднесена е и пријава до Управата за финансиска полиција, за што ни потврди и актуелниот директор Слободан Ивановски, кој истакна дека ќе покренат истрага и ќе ги проверат бројните наводи за нерегуларности наведени во самата пријава.

by irena 13:41
13:41

Текстот е објавен на 30 октомври, 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1569

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Додека бизнисот на приватните болници цвета, турбо работат со вртоглави цени од кои боли глава, а во меѓувреме добиле 100 милиони евра од Фондот за здравство за неколку години за кардиоваскуларни интервенции, некој свесно или несвесно, намерно или случајно, тивко ја „убива“ државната Клиника за кардиохирургија.

Во 2015 година беше отворена болницата, која низ годините ја градеше својата успешна приказна. Бројни пациенти беа оперирани, почнаа со трансплантации на срце, со кои беа спасени животите на доста пациенти.

Сè на сè, приказна која очигледно некој во последните три години сака да ја уништи. Нешто што почнало од нула, што се развивало успешно и во кое пациентите стекнале доверба, сега е сведено на хаос, нарушени меѓучовечки односи, борба за власт, суети, кои одат до таа мера што чинат и човечки животи. И таа бројка секојдневно се зголемува.

Тоа особено се случува во периодот 2023 и 2024 година, кога со скопската државна Кардиохирургија почнаа да управуваат најпрвин Марјан Шокаровски, па неколку месеци потоа беше доктор Никола Лазовски, кој, не можејќи да ги поднесе разочарувачките случувања и лошото финансиско работење во болницата, се префрли на работа во Аџибадем-Систина и сега во моментот со клиниката „владее“ Дејан Димитровски.

Колку и да сакаме да го игнорираме моментот, сепак актуелната владејачка гарнитура или одредени луѓе од таму упорно продолжуваат да мешаат прсти во работата на болницата, со тоа што или главната цел е да стават клуч на државна Кардиохирургија или некој дефинитивно не знае да си ја врши работата како што треба.

Како што веќе објавивме, иако со клиниката официјално управува Димитровски, сепак во заднина Кардиохирургија ја предводат неколку луѓе што одлучуваат за судбината на сите други, за начинот како да се одвива работата, кој да работи, како да се работи, кој има право да оперира, односно со еден збор – палат и гасат во болницата.

Имено, целата болница е оставена во рацете на поранешен директор, кој игра и со двете партии, но е заштитен од владејачката гарнитура, анестезиолог-раководител, во јавноста позната по нејзините кумски врски со екс премиер на државата, како и уште еден кардиохирург, кој има блиски релации со актуелната власт. Тие тројцата одлучуваат што и како ќе се одвиваат работите на скопската Клиника за кардиохирургија.

„Фокус“ продолжи и понатаму да ги истражува случувањата во болницата, а информациите до кои дојдовме се повеќе од застрашувачки и алармантни. Со еден збор, тотален распад и зголемена смртност на пациенти. Но, да почнеме од почеток.

ОД 50, ЕДВАЈ НА 10 ПАЦИЕНТИ МЕСЕЧНО

Со оглед на тоа што Клиниката за државна кардиохирургија функционира цела една деценија, слободно можеме да кажеме дека последните три години не ѝ се пишува добро, а тоа го покажуваат и документите со кои располагаме.

Очигледно, за тоа има некоја заднина, но, сепак, останува нејасно прашањето како некој може да дозволи тројца луѓе да ги држат сите под контрола, за краток период да си отидат четворица анестезиолози, кои се клучни за тешките и комплексни операции, кои се извршуваат таму, работата да се претвори во тотален хаос, а дел од пациентите да умираат на операционите столови и во болницата од сепса. И, тоа во 21 век.

Кардиохирургија, во моментов работи само со двајца анестезиолози, што е страшно, со оглед на тоа што таму се третираат екстремно тешки и комплексни случаи. На испомош доаѓаат анестезиолози од КАРИЛ, кои не се обучени за кардиоанестезија, туку за васкуларна хирургија, со што дополнително се влошува целата работна атмосфера.

За само три години се уништи сè што се градело наназад седум години, а бројот на пациентите што се оперирале на клиниката, кој на месечно ниво се движел од 30 до 50, сега е сведен едвај на 10, па дали и толку. И затоа постојат бројни причини.

Една од нив е што на еден од кардиохирузите не му се дозволува да оперира, освен само еден ден во неделата и тоа поради нарушени меѓучовечки односи, омраза и суета. Втората причина е што немаат доволно анестезиолози за чие напуштање на клиниката, дел од вработените ја посочуваат раководителот-анестезиолог или позната како шеф на Интензивна нега. Но, тоа не е единствениот кадар што недостига во болницата. Имаат голем недостиг и од среден медицински персонал и од администрација.

Екипата на „Фокус“ ја посети државна Кардиохирургија, во која навидум на прва сè изгледа мирно и тивко, може да се забележат пациенти во амбуланта, по некој пациент на болничките кревети, кој чека за операција или веќе е опериран, но како што тврдат – кој знае што се случува зад затворени врати?

Тука владее тотален хаос. Колку и да сакаш да игнорираш и да се правиш дека не те погодува, едноставно не можеш. Јас сум на оваа клиника од самиот почеток и знам како сме стигнале до тоа ниво до кое стигнавме и како некој во последните години свесно уништи. Мислам дека некој намерно го прави тоа само за да се стави клуч на врата и затоа им е дозволено на тројца луѓе да прават што сакаат, раскажува за „Фокус“, вработена, која сакаше да остане анонимна.

Дополнителен притисок за вработените во целата приказна е што власта во моментот бара начин како да ја спои државна Кардиохирургија со Кардиологија, што, според нив, е најлошото можно решение, затоа што некој ќе ги затвори вратите на институцијата, која успешно „чекорела“ низ годините.

Зошто да нè спојат со Кардиологија, која е потребата да се размислува за ова, кога ние десет години функционираме самостојно. Сме оперирале бројни пациенти, сме спасиле бројни човечки животи… Е, сега тоа што некој игра партиски, па става распоред што и како да се прави е повеќе од жално. Ние како вработени на таа клиника не можеме да го игнорираме тоа, посебно затоа што ова е наш втор дом, тука сме од нејзиното отворање. Наместо некој да се загрижи што се случува внатре и како поради нарушени човечки односи, омраза, суета се уништуваат човечки животи. Тоа е главниот проблем, раскажува друга вработена, која тврди дека ако продолжат таквите страшни случувања, сериозно размислува да си замине.

СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА НАБАВКИ НА РЕВЕРС

Во документите со кои располага „Фокус“ може да се забележи и лошото финасиско работење на Клиниката за државна кардиохиругија, а особено алармантно е во делот со набавка на потребните материјали за работа на реверс-позајмица, што е спротивно на Законот за јавни набавки.

Поточно, се набавуваат бројни скапи материјали по неколку илјади евра, без објавување тендери, во нетранспарентни постапки, односно набавувале материјали за операции на реверс без да склучат договор за јавна набавка и без соогласност од Фондот за здравство. Тука не станува збор за набавка само на еден материјал неопходен за работа, туку во прашање се бројни набавки.

Документите покажуваат дека на реверс за две години се набавени преку 15 персевали без тендер, чија цена на само еден е околу 7.000 евра, што значи само за овие материјали се потрошени околу 110 илјади евра. На листата можат да се најдат и фет протези, од кои само една чини 17.000 евра, а се набавени околу десет за две години, со што доаѓаме до сума од 170 илјади евра. Исто така, на реверс се набавени и композитен графт за замена на асцедентна аорта и валвула (цавгј), од кои една чини околу 2.400 евра, а вкупниот број набавени се преку 15 за две години, со што вкупната сума изнесува околу 37.000 евра.

Според документите, без тендери набавени се и оникс валвули, и тоа преку 20 за две години, од кои само една чини 1.261 евро, со што доаѓаме до сума од околу 25.000 евра. На листата уште може да се најдат и ТЕВАР (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција) со која се лекуваат аортни аневризми од кои една чини околу 8.000 евра, а вакви се набавени седум со вкупна сума од 56.000 евра. Тука е ЕВАР (аортен стент), од кој еден чини 3.300 евра, а набавени се, исто така, седум на реверс за две години, со што сумата изнесува над 23.000 евра.

Но, тоа не е сè. „Фокус“ располага и со документи од 2025 година, за валвули, кои се земени на реверс, поточно за периодот од 9 мај до 25 јуни 2025 година, кога се набавени вкупно 11 валвули без тендер во вкупна вредност од околу 14.300 евра. Исто така, набавен е и хемостатик биоглуе, лепило за крвни садови ако пациентот многу крвави, а во периодот од 24 март до 8 јули 2025 година, вакви се набавени десет во вкупна вредност од околу 6.000 евра.

Ова се само дел од набавките на скапи материјали на клиниката, за кои не била испочитувана законската процедура да се набават преку тендери на Бирото за јавни набавки. Иако, не е првпат одредени материјали да се набават на реверс и честопати е пракса според потребите, сепак овде се работи за голема бројка, а многу од нив биле затворени со фактури дури по шест месеци до една година.

Тука доаѓаме и до последиците од набавките на скапи материјали на реверс, што значи на крај клиниката располага со неточни финансиски извештаи, кои поминуваат на Управен одбор, кој се состои од пет членови, и тоа тројца внатрешни и двајца надворешни. Тие треба да ги прегледаат финансиските извештаи и да видат во која финансиска кондиција е клиниката.

ПРИЈАВИ ДО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА

Со оглед на тоа што 2023 година станува една од критичните години за работата на клиниката, буџетот во тој период е околу 4,7 милиони евра на почетокот, за до крајот на истата година да дојде до неверојатни 8,4 милиони евра. Во моментов, последната година, државна Кардиохирургија располага со буџет од 6,1 милиони евра.

Главниот проблем настанува кога клиниката добива висока сума на пари од Фондот за здравство, сепак според финансиските извештаи имаат само околу 37 отсто реализација, при што останува нејасно прашањето – каде завршува остатокот од парите?

„Фокус“ дојде до документ во кој сите овие случувања на клиниката се пријавени и до Финансиската полиција на 8 август 2025 година, со кои се укажува на низа неправилности и нерегуларности во работата на државна Кардиохирургија.

  1. Клиниката речиси две години наназад работи со енормно зголемен број на реверси, кои навистина создаваат голем дополнителен проблем во електронското раздолжување на медицинските материјали по пациенти, а во моментот никој од редовните вработени не го контролира електронското материјално работење на клиниката.
  2. Наведеното во точка број 1 директно влијае на пописот на крајот од годината. Имено, поради ненавременото раздолжување на материјалите, има дискрепанца на кусоци и вишоци што вештачки го зголемуваат/намалуваат буџетот на клиниката. Пописот од 2023 година е успешно преработен од две колешки вработени во клиниката, додека пописот од 2024 година сè уште не е коригиран со сума од апроксимативни 60.000.000 денари вишок, иако се ангажирани надворешни лица за него.
  3. Ненавремено и нередовно плаќање фактури кон набавувачите на клиниката, со фаворизирање одредени коминтенти.
  4. Екстремно високи плати на одредени доктори и континуирани награди само на селектирани медицински сестри со нагласок на Единицата за интензивно лекување. Распоредите на докторите, кои се тековно истакнати, секогаш не кореспондираат со електронската евиденција и исплатите на личниот доход за тековните месеци.
  5. Повлекување на целото количество од тендерот за одреден вграден материјал TISGEN-X PATCH, непосредно пред потпишување на истиот, кога е воедно и целосно исцрпен и материјалот доставен до просториите на клиниката, што никогаш претходно не било пракса, бидејќи станува збор за сензитивен биолошки материјал, за кој на тоа вкупно количество, клиниката нема соодветни услови за чување на истиот“, се наведува во пријавата до Управата за финансиска полиција.

Според нашите информации, во самата пријава е доставена и документација.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, во изјава за „Фокус“ потврди дека до нив е доставена анонимна пријава во август, каде што се наведени бројни нерегуларности.

Ние имаме добиено пријава и во неа се наведени доста работи, кои треба да се испитаат. Ние имаме отворено постапка, која е уште во почетна фаза, но сите тие работи што се доставени секако ќе ги провериме, вели Ивановски.

Како и да е, потребно е да се направи детална истрага на случувањата на државна Кардиохирургија и да се види – кој е и дали постои заднина што некој одлучил да ја уништи?

Рамка1:

ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА УПОРНО ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

Актуелниот директор на скопската државна Кардиохирургија, доктор Дејан Димитровски веќе два броја по ред упорно ги игнорира прашањата поврзани со случувањата на клиниката. Тој и сега не одговори на нашите телефонски повици и испратени вибер-пораки.

„Фокус“ на Димитровски му испрати неколку прашања:

1.„Дали имате информации дека во последните три години, голем број материјали на вашата клиника биле земени на реверс и сега и во периодот кога не сте биле директор, што значи дека не се набавувале преку тендер што е спротивно на Законот за јавни набавки?

  1. Колку медицински кадар ви недостига на клиниката и кој?
  2. Зошто е толку алармантно намален бројот на операции во споредба со годините претходно?
  3. Дали сте запознаени дека има пријави до Управата за финансиска полиција?

Сепак, до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

 

 

Слични вести