Дали на главните виновници им се суди за изгорените пациенти?

by Fokus

За 14-те пациенти што живи изгореа во пожарот во тетовската модуларна болница, обвинителниот акт ја лоцира одговорноста кај двајцата директори, а опфатен беше и докторот на смена, во чија одбрана, пак, застанаа жителите на Тетово.

Сепак, сѐ уште нема одговор на клучните прашања – која е улогата на Министерството за здравство во изградбата на модуларните болници што дозволило да се вградат несоодветни материјали, како добиле дозвола за работа?

Месеци беа потребни за да се стокми обвинението и слободно може да се каже дека се случи токму неочекуваното. На обвинителното столче, според многумина, седнаа тие што имаат најмала одговорност. Чисто, колку да се почне судски процес и да има кој да се суди.

Многу важно е дека за да се замае јавноста, се најдоа „виновници“ што се изведени пред лицето на правдата, а еден од нив е лекар што таа вечер по сплет на околности бил на смена и си ја вршел работата за која е платен.

Но, дали тој треба кривично да одговара?

Тој може треба да сноси одговорност затоа што дозволил здрави луѓе да бидат во иста просторија со заразени пациенти, што е спротивно на законските прописи во време на пандемија.

Но, зошто никој не одговара која е причината што сѐ летна во воздух за само три минути? Дали е до материјалите што се користени, дали е до преголемата доза на кислород или лошо поставениот здравствен систем?

Со обвинувањата упатени на адреса на доктор Вучевски не се согласија тетовци, кои досега неколкупати излегоа на протести. Пред секој судски процес, тие јасно и гласно ставија до знаење дека докторот треба да биде ослободен од обвинение.

Неправедно е обвинет, вината е кај тие што ја граделе модуларната болница, причината е техничка грешка за која треба да одговара некој друг.

 

Вакви доктори нас ни се потребни, а посебно на нас тетовци, затоа што доктор Бобан навистина се грижи за сите, тој неуморно работи и тој ја заслужува поддршката од сите нас – порачаа граѓаните, кои пред тетовскиот суд редовно протестираат во знак на поддршка на лекарот Вучевски.

Според нив, нанесената неправда и штета на лекарот треба да се исправи и конечно на обвинителна клупа да седнат вистинските виновници.

Јас не сум да се амнестираат виновници, но вистинските виновници не се кријат овде во судот, тие треба да се најдат таму каде што се.

 

Да се работи за лекарска грешка, во ред, тука не се работи за лекарска грешка, туку за техничка грешка, за која треба да одговора некој друг, а тој друг се знае кој е, тоа се авторите на овие објекти што ги градат низ Македонија – изјави жител на Тетово.

Ирена Мулачка

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости