Во Тетово се очекува една од најинтересните битки за избор на градоначалник во вториот круг од локалните избори, што треба да се одржат претстојниот викенд. Со оглед дека двајцата кандидати за градоначалник освоија речиси идентичен број на гласови во првиот круг, се очекува крајниот исход во голема мера да зависи од коалициските комбинаторики и политички договори.
Како што е познато, во првиот круг актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи освои 11.138 гласови, додека лидерот на БЕСА Биљал Касами освои 10.496 гласови. И покрај благата предност на Арифи од првиот круг, сепак, Касами се надева на убедлива победа во вториот круг, очекувајќи да профитира од таканаречено протестно гласање.
Имено, тој смета дека сите што не гласале за Арифи всушност се изјасниле против актуелната градоначалничка. Додека СДСМ се држи настрана од Тетово, со образложение дека не сака да прави избор меѓу еден од двата коалициски партнери, Касами веќе доби поддршка од опозициската Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
На овие избори, АА настапи во коалиција со Алтернатива на Африм Гаши, а двете партии соработуваа со ВМРО-ДПМНЕ. Па, овие 3 партии во Тетово застанаа зад кандидатот за градоначалник Вулнет Мурсели, кој освои 6.165 гласови. Притоа, еден дел од овие гласови се поддржувачи на ДПМНЕ, која на советничките листи освои 4.062 гласови.
Оттука, се поставува прашањето како партијата на Христијан Мицкоски ќе се постави во битката за избор на градоначалник на Тетово, имајќи во предвид дека нивните гласови може да бидат одлучувачки за крајниот исход? Но, од најголемата опозициска партија велат дека се уште не изградиле став за Тетово, посочувајќи дека тоа ќе го направат до крајот на неделава, во координација со партискиот општински комитет.
Сепак, како што истакнуваат од таму, Тетово не им меѓу приоритетите од две причини. Прво, и двајцата кандидати за градоначалници се дел од власта. Покрај тоа, додаваат од таму, нивниот фокус моментално е ставен врз Скопје, Битола, Охрид и другите градови каде директно учествуваат во трката за градоначалник.
В.С.