Дали институциите реагираат дури откако ќе се побара помош јавно: На семејството од Ерџелија ќе му се руши куќата од темел и ќе добие нов дом по крикот за помош!

by fokus

Трошната куќа на Виолета Давиткова (46) од Ерџелија, Свети Николе ќе биде урната од темел, бидејќи поради лошата состојба во која се наоѓа, не може да биде поправена и безбедна за живот. Во дворот на семејството ќе се изгради нов дом, каде жената со своите болни син и сопруг ќе има достоинствен живот.

Давиткова излезе во јавност минатата недела, кога раскажа за тешкиот живот со синот кој долги години е во кревет и на кого му е потребна 24-часовна нега, но и за сопругот кој пред десеттина години доживеал два мозочни удари, по што не бил работно способен.

Таа појаснуваше дека самата мора да се грижи за двајцата, но и да донесе храна во домот. Почесто биле гладни отколку сити, самата носела дрва од шумата со количка, бидејќи социјалните служби ја одбиле за огрев, и очајно молеше за помош од институциите и хуманите луѓе.

Набргу по нејзиниот крик за помош, се огласи хуманитарецот Александар Горгиевски од Штип, кој информира дека на почетокот на април домот на Давиткови комплетно ќе биде срушен, а на истото место ќе се изгради ново живеалиште за фамилијата. Веќе се јавила фирма која хуманитарно со своја механизација ќе ја урне старата куќа и ќе го израмни теренот, по што со помош на донации од компании и хумани граѓани ќе се започне со изградбата.

Одзивот за помош на ова семејство не запира овде. Веќе голем број на граѓани понудиле своја помош, и обезбеден е дел од ентериерот кој е потребен.
Исто така, градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, го посетил семејството и ги ставил институциите на располагање, по што Давиткови добиле дрва за огрев.

Јавноста сведочеше на сличен случај и минатата недела, кога самохран татко од Штип побара јавно помош, бидејќи бил без работа и детето му гладувало. И тогаш хуманитарецот Горгиевски притрча на помош, се вклучија хумани луѓе, како и Црвен Крст и општината. Сега веќе таткото има вработување, а за детето е обезбеден бесплатен престој во градинка.

Овие случаи се само дел од низата, кога луѓе во тешка материјална состојба се принудени јавно да побараат помош од сограѓаните, но и институциите. И не може, а да не се наметне прашањето зошто институциите затаиле, и се реагира дури откако во јавност ќе излезе целиот очај со кој одредени фамилии се соочувале подолг период, а биле невидливи за системот.

Зошто социјалните служби ги дозволиле пропустите и не се реагирало на време, туку најчесто се чека загрозени семејства со тешки здравствени или материјални проблеми да бидат доведени до работ, па дури откако ќе ја споделат маката со јавноста, да се преземат чекори? Дали оние луѓе во тешка состојба кои нема да се огласат во медиумите, остануваат невидливи за институциите и се препуштени самите на себе?

Голем е бројот на семејства за кои сме пишувале, а кои не кријат дека откако во повеќе наврати безуспешно барале помош од институциите, по сите одбивања, на крај биле принудени да побараат донации од хуманите граѓани. Тешките состојби во кои голем број од нив западнале не се нешто кое се случило преку ноќ, туку најчесто траат со години наназад, и нејасно е како останале невидливи за службите и за системот, додека се обидуваат да преживеат без конкретна помош.

Колку се води грижа за социјално загрозените и ранливи категории на граѓани, и уште колку семејства живеат во слични услови како Давиткови од Ерџелија, е прашање на кое одговорот го добиваме најчесто кога последната капка ќе им ја прелие чашата, и овие луѓе ќе се решат јавно да бараат помош за да се слушне нивниот глас.

Вики Клинчарова

Поврзани новости