Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во пост на Фејсбук индиректно изразува несогласување со евентуалната номинација на Гордана Силјановска за кандидат на опозициската партија на следните претседателски избори.
Поточно, тој пишува за влијанието на т.н. пленумци врз падот на неговиот кабинет, илустрирано со највпечатливата фотографија од тој период, кога тој лично доаѓа на собирот на членовите на Професорскиот пленум и го прекинува, поканувајќи ги на средба и на разговори во Собранието. На сликата во преден план е Гордана Силјановска-Давкова, која е најсериозен кандидат за уште една номинација за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Во својот статус насловен „Некои се горди нобеловци, а други горди пленумци“, Груевски изразува воодушевување од сознанието дека еден од мостовите во Будимпешта, дента кога тој шетал низ градот, бил осветлен со боите на унгарското знаме, во чест на двајца лауреати Унгарци на кои тој ден им била врачена Нобелова награда.
Пишува дека Унгарија има 15 добитници на оваа престижна награда и уште деветмина кои биле родени или се школувале таму, заклучувајќи дека оваа земја секоја декада на светот му дава по еден нов нобеловец, што, според Груевски, покажува дека не станува збор за инцидент, туку за систем кој генерира кадри.
„Kај нас во Македонија битката е да си универзитетски професор, ама да не мора да пишуваш и објавуваш научни трудови. Битката беше и да не се донесе закон со кој професорите на универзитетите ќе бидат обврзани да пишуваат барем по еден научен труд во неколку години кој ќе биде прифатен во web of science, кој е еден вид верификација дека трудот навистина има некоја издржана, призната и уникатна вредност, а тоа истовремено го крева рејтингот на универзитетите каде предаваат професорите.
Секоја чест на оние професори во Макeдонија кои не припаѓаат на оние кои не сакаат да пишуваат научни трудови од ваков тип, а имаме такви, но поразително е кога човек ќе се присети како се создаде оној професорски пленум во 2014/15 кој ги поттикна студентите на големи протести во 2015 година со цел повлекување на Законот за високо образование со кој професорите добиваа минимална обврска за објава на вакви трудови, која и ако останеше, пак ќе бевме последни во Европа по број на научни трудови по глава на професор, но подобри од сега, и во кој се предвидуваше оценките на идните студенти да се верификуваат на државен испит организиран од државата заради намалените критериуми на оценување од страна на многу професори“, пишува Груевски.
Тој понатаму директно ги посочува членовите на Пленумот како одговорни за почетокот на кампањата за пад на неговиот кабинет, која, според него, стартувала токму со противењето на Законот за високо образование предложен од Владата што тој ја предводи.
„Ете, во еден сплет на околности, во време кога започнуваше операцијата за рушење на Владата преку безбедносни системи и потребата целосно да се фокусираме на тоа, нашите професори од пленумот успеаја во напорите и законот се повлече“, вели тој
Бројни професори и членови на МАНУ учествуваа во Професорскиот пленум. Освен Силјановска, член на Пленумот беше и актуелниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, за кого, исто така, има јавни наводи дека има амбиција да влезе во трката за шеф на државата.