Во Општина Битола, по случувањата со градоначалникот Владимир Талески, никој не знае дали воопшто годинава ќе се одржи фестивалот “Битфест” познат кај голем број на уметници од земјава и од светот, кој што од 2005 година е во целосна организација и финансиска поддржка на општината.
“Битфест” фестивалот на кој што се застапени концертите на класична музика, опера, балет, ликовни изложби, рок и џез концерти, и е под покровителство на Талески, се одржува веќе десет години наназад во месеците јуни, јули и август. Неколку медиуми веќе информираа дека се шпекулира како поради домашниот притвор на градоначалникот фестивалот е откажан и уметниците кои што се пријавиле на конкурсот за учество распишан во месец март, сеуште не добиле информација дали ќе настапуваат.
Владимир Талески не одговараше на нашите телефонски повици, со цел да не информира околу тоа дали ќе има или не битолско културно лето. Цветанка Ристевска, која што е советник за односи со јавноста во Општина Битола, а која што во изминатите години ги доставуваше до медиумите новостите поврзани со фестивалот, ни кажа дека е на одмор, и не упати кај нејзината колешка Евгенија Јосифовска за повеќе информации.
Кога телефонски и се обративме на Евгенија, која што е контакт лице за пристап до информации од јавен карактер, таа не препрати кај извесна Наташа, задолжена за односи со јавност. Но ниту Наташа не можеше да ни одговори на прашањето дали годинава ќе има “Битфест” со оглед на тоа што веќе се ближи крајот на месец јуни.
“Во врска со “Битфест” побарајте ја Евгенија, јас навистина не знам дали ќе се одржи фестивалот” – ни кажа таа. Кога и одговоривме дека Евгенија не препрати кај неа, жената само збунето ни рече дека навистина не знае ништо, ниту пак знае кого би можела да праша за да добиеме сигурна информација.
“Пратете ми го ова прашање по меил, па ќе видам ако некој знае што ќе биде со фестивалот, ќе ви одговориме” – ни кажа таа.
И додека во Општина Битола си играат “расипан телефон” нема никој официјално да се произнесе по повод “Битфест” настан кој што ја чини општината илјадници евра секоја година. Најверојатно шпекулациите дека со притворот на Талески ќе згасне и “Битфест” ќе се покажат како вистинити и на битолчани ќе им биде скратено задоволството да уживаат во културните манифестации ова лето.
Вики Клинчарова