Дали дивоградба ќе му „пресуди“ на поранешен градоначалник?

Од Јавното обвинителство не информираа дека постапуваат по иницијативата на Антикорупциската комисија, која побара кривичен прогон за ексградоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, поради тоа што дозволил дивоградба на „Електроелемент“.

by Фокус

Скопското јавно обвинителство оформило предмет во однос на иницијативата на Државната комисија за спречување корупција, која побара кривично да се гони поранешниот градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски поради објект што, според наводите на ДКСК, е изграден надвор од законската процедура.

Во предметот се постапува и се прибираат вербални и материјални докази со цел утврдување на фактите и проверка на наводите. Откако ќе бидат направени неопходните проверки и ќе бидат испитани сите факти, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошното постапување“, гласи одговорот од ЈО што го доби Фокус.

Претходно, антикорупционерите побараа ексградоначалникот Георгиевски да се гони за злоупотреба на службена положба, бидејќи, иако ги имал на располагање сите информации, сепак, дозволил изградба на објект после издавање на одобрение за градење и после донесувањето на Деталниот урбанистички план.

И покрај тоа што градоначалникот на Општина Гази Баба имал сознанија дека е започната градба на објект без одобрение за градба, што е спротивно на член 56 од Законот за градење, тој издал одобрение за градење што претставува прекршување на Закон и е злоупотреба на службената должност и овластувањата“, посочуваат ДКСК.

Станува збор за објект во Маџари на друштвото „Електроелемент“, кој бил утврден како дивоградба од општинскиот инспектор, меѓутоа, наместо да биде урнат, тој се уште постои и денес функционира како изложбен салон на Волво.

Претставникот на правното лице, како и овластените лица во правното лице, не се запознати со содржината на иницијативата на ДКСК, ниту се запознати и информирани за текот на предистражната постапка во Јавното обвинителство на која се повикувате“, ни изјавија од „Електроелемент“.

Од таму истакнуваат дека ДКСК има надлежност за водење постапки и покренување иницијативи пред надлежните државни органи само против избрани и именувани функционери, меѓутоа од Антикорупциската комисија објаснуваат дека ЈО во понатамошната постапка може да покрене кривичен прогон и за одговорни лица во приватни субјекти.

ТЕК НА ПОСТАПКАТА

Според информациите што ги добивме од ДКСК, предметот е оформен по пријава на советник во Општина Гази Баба, кој навел дека овластен градежен инспектор на Општина Гази Баба констатирал градба од втора категорија – челична конструкција на улица Перо Наков бр.25 во КП 1048/1, КО Маџари, во сопственост на фирмата „Електроелемент“.

На секоја седница барав од градоначалникот Георгиевски да постапи во согласност со Законот за градење и да се запре градењето од страна на фирмата „Електроелемент“, но тој постојано молчеше пуштајќи го овластениот инспектор да ни одговори – постапка е во тек – навел советникот во пријавата до антикорупционерите.

Постапувајќи по пријавата, Комисијата поднела барање за податоци и информации и целокупната документација во врска со посочениот случај, меѓутоа тогашниот градоначалник Георгиевски не постапил по барањето, ниту по двете ургенции на Комисијата, поради што тој добил и глоба.

После промените што се случија на последните локални избори, кога нов градоначалник на Гази Баба стана Боби Стевковски, доаѓа до пробив во случајот бидејќи се менува односот на општината, па антикорупционерите добиле одговор со бараната документација за случајот на посочената градба.

Сепак, од анализата на прибавените документи и податоци не било јасно дали одобрението за градење се однесува токму на градбата за кое е донесено решение за отстранување од страна на овластениот општински инспектор и дали е издадено и одборенеие за градење во прва фаза.

Поради тоа, се остварила средба меѓу претставници на ДКСК и новото општинско раководство, на која се констатирало дека дека има и одобрение за градење во прва фаза, но е пропуштено да се достави во прилог на одговорот.

Затоа, било одлучено да се достават дополнителни информации, по што Комисијата извршила проверка на наводите и ја донела иницијативата за кривичен прогон на поранешниот градоначалник.

ЗАКОНСКИ ПРОПУСТИ

Во иницијативата на Антикорупциската комисија до Јавното обвинителство стои дека од документите на спроведената постапка од страна на овластениот општински инспектор, почнувајќи од Записникот за извршениот инспекциски надзор од 08.11.2018 година, па се до Решението на Управниот суд од 22.01.2020 година, јасно произлегува дека градбата започнала да се гради без да се донесе ДУП-от и без одобрение за градење.

Имено, Деталниот урбанистички план за Градски четврт СИ 03 Блок 03 Општина Гази Баба е донесен на седницата на Советот на Општина Гази Баба одржана на 08.11.2018 година, кога било донесено и решението за отстранување на градбата.

Арно ама, решението за уривање од страна на овластениот градежен инспектор било донесено со суштински пропусти, со оглед дека инспекторот, намерно или по грешка, не му наредува на инвеститорот, туку на физичко лице, без да наведе дали е застапник или одговорно лице кај инвеститорот.

Поради тоа, жалбата на инвеститорот е уважена од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и предметот е вратен на повторно одлучување. Но, повторно решение за отстранување на градбата е донесено на 24.01.2019 година, а овојпат жалбата е одбиена како неоснована.

Така, на 26.02.2019 година е донесен Заклучокот за дозвола за извршување на Решението за отранување на градбата, но никогаш не е постапено во согласност со законските одредби кои се однесуваат на присилното извршување или покренување на прекршочна или кривична постапка.

Иако одобрението за градење за прва фаза е донесено на 17.02.2020 година, а одобрението за градење за втора фаза е донеснено на 30.09.2020 година, во медиумите на ден 28.06.2019 година е објавена информација дека свечено е пуштен во употреба новиот салон за автомобили токму во спорниот објект.

Се обративме и до поранешниот градоначалник Георгиевски, но не добивме одговори на нашите прашања во врска со овој случај.

Влатко Стојановски

Поврзани новости