Бројот на запишани студенти на дисперзираните студии на трите државни унивезритети во Скопје, Битола и Штип, последниве пет години бележи пад. За десет години на дисперзираните стдуии се запишале над 14 илјади студенти, но интересот од година во година опаѓа.
Драстично намалување на бројот на запишани стдуентите се забележува во последните пет години. Така во учебната 2011/2012 на дисперзираните студии на трите државни универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Гоце Делчев“ Штип вкупно се запишале над 2.200 студенти, додека во годинешната учебна година бројката е намалена на 1.420 запишани студенти. Се поставува прашањето зошто овие студии не се аткрактивни за студентите, особено оние што живеат во помалите градови. Дел од студентите кои студираат на овие студии коментираат дека овој вид на студии нудат квалитет, но не таков каков тој на матичните факултети. Од Младинскиот образовен форум дел од причините ги лоцираат и во несоодветните услови во кои се одржува наставата, но и недостиг на простории.
„Иако предвидувањата беа дека голем број на студенти ќе одлучат своите студии да ги посетуваат во деконцентрираните единици на факултетите, сепак тоа не се случи. Во недостаток од континуирани анализи на оваа тема, можеме да говориме само за општиот амбиент во кои функционираат ваквите студии. Имено, дел од дисперзираните студии се одвиваат во несоодветни простории (како угостителски објекти) и кај дел од истите се забележува дека предавањата се ретко посетени од професорите. Голем дел студенти се жалат на условите за оддржување на наставата, односно на недостигот од амфитеатри, лабаратории, библиотеки, компјутерски училници, но и на хигиенско техничките услови во кои се оддржува наставата. Според истражувањето на МОФ од 2010 година, најголемиот дел од студентите сметаат дека дипломата која ја стекнале би имала иста тежина како онаа на матичниот факултет. Но, сепак студентите кои учествуваа во истражувањето изразија подготвеност да се префрлат на студии на матичните факултети доколку државата им обезбеди соодветна стипендија или кредит, вели Александра Живковиќ, од Младинскиот образовен форум.
Од Студенскиот Пленум пососочуваат дека дел од факултетите во изминатите години не можат да ги исполнат и пропишаните критериуми за упис на најмалку 35 студенти.
-Идејата зад формирањето на дисперзираните студии во Република Македонија била со добра основа пред 9 години. Тие студии биле создадени со цел студентите од различните градови во државата да имаат можност да добијат високо образование во својот град, бидејќи нивните семејства немале доволно финансии да ги пратат своите деца на студирање во Скопје. Но, проблемот произлегува подоцна, кога секоја година се отвораат се повеќе и повеќе дисперзирани студии, а од година во година се се помалку и помалку посетени се истите. Повеќето вакви студиски програми, со години наназад не ги исполнуваат критериумите да имаат најмалку 35 студенти запишани, за да може воопшто наставата да се изведува, вели Деа Здравковска од Студенскиот Пленум.
Универзитетскиот професор Горан Петрески вели дека фактот што наставата на дел од дисперзираните студии се одвива во речиси импровизирани услови, покажува дека целиот модел е само формален, а квалитетот заостаува во однос на матичените централи.
„Со дисперзираните студии вие ставате на располагање една јавна услуга, да речам условно кажано на луѓето од провинцијата, но ја ставате на располагање формално без да можете да бидете способни да го обезбедите она минимум ниво на квалитет кое се очекува од таа услуга. На пример воопшто не е спорно да сакате да има факултет во Радовиш или во Берово, но работата е дали може како држава да обезбедите тие студенти таму да ги имаат истите услови за студирање како што ги имаат студентите во Скопје, Битола, Штип или во некој друг град.Ако формално им отворите една просторија, една училница со две клупи, една табла каде што професорите ќе доаѓаат еднаш неделно на два часа, каде што нема библиотека нема компјутери нема ништо, ниту греење, во тој случај само формално имате ситуација, дека имате високо образование кое според квалитетот застанува далеку во однос на квалитетот кој го имаат студентите кои студираат во централата на универзитетите, вели универзитетскиот професор Горан Петрески.
Трошоците повисоки од бенефитите
Анализата „Високо образование по секоја цена? Трошоци – користи анализа на дисперзираните студии на државните универзитети во Република Македонија”, во рамки на проектот FISCAST, покажува дека загубата од дисперзираните студии на сите анализирани универзитети е повисока од бенефитите. Така за десет универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Гоце Делчев“ Штип, од дисперзираните студии направиле загуба од 52,7 милиони евра.
„Истражувањето на ИСИЕ покажа дека нето ефектот од дисперзираните студии е негативен, односно критериумот нето сегашната вредност за проектот дисперзирани студии кај трите селектирани државни универзитети е помал од 0 (нула). Ваквиот резултат е јасен сигнал дека општествената вредност на ваквиот облик на образование е ниска и создава поголеми трошоци од користи. Дисперзираните студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имаат најниска нето сегашна вредност, нешто повисока е онаа на Универзитет „Св. Климент Охридски во Битола, додека Универзитетот Св. Кирил и Методиј има највисока, но сепак негативна нето сегашна вредност. Исходот не преставува изненадување, со оглед на фактот што УГД има најголем број на запишани студенти, а УКИМ најмал, вели Катерина Шапкова еден од авторите на анализата „Високо образование по секоја цена? Трошоци – користи анализа на дисперзираните студии на државните универзитети во Република Македонија”.
Универзитетскиот професор и поранешен министер за образование Ненад Новковски вели дека парите дадени за овој модел на студии требало да се инвестираат во веќе постоечките високообразовни институции на кои витински им се потребини и од кои ќе произлезат бенефити.
„Кога беше формиран универзитетот во Штип беше замислно тој да биде доминантно речиси целосно концентриран на едно место да се направат неколку големи регионални центри и покрај тоа што имаме во Скопје, во Битола во Тетово, и во Штип, еден универзитетски центар кој што ќе покрива одредени дисциплини што се најзначајни за тој регион. Сите дисперзирани студии со неколку по исклучок практично беа неосмислено формирани и без никаква основа и оправданост во која и да било смисла. А сега штетата е уште поголема затоа што се работи за истите пари кои што требало да бидат употребени ефикасно во системот на виското образовование онаму каде што тоа функционира како што треба. Сметам дека парите се фрлени напразно, иако знаеме дека државата нема вишок пари.Ушто полошо е што тоа што тоа се истите парите кои што биле земени од виското образование, со што биле уништени институции кои што функционирале многу успешно, и сега тие биле уназадени за да се создадат институции што нема да функционираат, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски.
И универзитетскиот професор Петрески смета дека дисперзираните студии се скапа импровизација, која не носи позитивни ефекти.
„Сметам дека проектот за дисперзирани студии е премногу скап експеримент и скапа импровизација бидејќи постојат многу други поевтини и поефективни начини за да се овозможи достапност на образованието до младата популација која што живее надвор од Скопје, вели Петрески.
Од Студенскиот Пленум порачуваат да се затворат дисперзираните студии онаму каде последниве неколку години не се запишуваат доволно студенти според пропишаните критериуми.
„Сметаме дека многу внимателно треба да се разгледа како ќе се продолжи понатака со дисперзираните студии, и доколку навистина се утврди дека одредени смерови не ги исполнуваат критериумите, тие финансии да се насочат кон подобрување на веќепостоечките факултети, вели Здравковска.
Дали дисперзираните студии го раздвижија пазарот на труд?
Во 2006 година кога се воведе моделот за дисперзирани студии, клучните адути на Владата за овие стдуии беше поттикнување на локалната економија, намалување на трошоците на студентите, намалување на невработеноста кај младите, можности за вработување во помалите градови и крајно спречување на “одливот на мозоци”. Во анализата за дисперзираните студии, се наведува дека преку дисперзираните студии, согласно со наведените стратегии требаше да дојде до намалување на нерамномерната дистрибуција на инвестициите и вработеноста внатре во регионите. Но дали по десет години моделот е оправдан и одржлив? Истражувачите велат, не.
„Добиените резултати укажуваат дека е потребно да се размисли за реорганизација на овие студии, во насока на рационализација на трошоците, или евентуално напуштање на овој концепт и откривање на нови поекономични начини на доближување на универзитетите до средношколската популација”, вели Шапкова.
Дел од експертите велат дека на долгорочен период резултатите ќе бидат уште полоши, што пак може напротив да предизвика нарушувања на пазарот на труд.
„Ако зборуваме за долгорочните ефекти, тогаш мислам дека не очекува прилично црна иднина во поглед на состојбата на пазарот на труд бидејќи со овие административни мерки денеска се создава искривена структура на квалификации на локалните пазари на труд кои во иднина кога ќе дојде време тие студенти да бараат работа ќе создаде големи пореметувања во поглед на можноста за вработување на тие локални пазари на труд.Со дисперзираните стдуии по административен пат се наложува концентрација на занимања, на едно занимање, во едно место.На пример годишно секоја година Правниот факултет во Кичево произведува 200 дипломирани правници, прашање е дали на Македонија годишно и требаат и има капацитет да вработи 200 правници?, вели универзитетскиот професор Петрески.
Поранешниот министер за образование Новковски вели дека од старт дисперзираните студии биле неосмислени, поради што и не можело да се очекуваат позитивни ефекти особено не на пазарот на труд.
Од Младинскиот образовен форум велат дека дел од дисперзираните студии им помагаат на младите од одредени региони да добијат соодветно стручно знаење во одредена област, но сепак најголем дел од дисперзираните стдуии се отвораат без претходна анализа на пазарот на труд.
„Во поголем дел од случаите дисперзираните студии се воведуваат без одредена анализа и осознавње на потребите на пазарот на труд. Во тој случај, преку дисперзираните студии се потпомага проблемот на хиперпродукција на кадри во одредени области, односно на лица со одредени знања во дадена област кои не можат да најдат соодветна работа заради непостоењето на потреба од таков кадар на пазарот на труд, вели Живковиќ од МОФ.
Анализата за дисперзираните студии упатува на тоа дека е потребно јасно да се дефинираат трошоците и бенефитите, а за ефектите да бидат видливи, а проектот одржлив, порачуваат да се превземат соодветни мерки. Една од мерките е затворање на дел од дисперзираните студии и да нема повторување на исти студиски програми од различни факултети, а во ист град. И дел од експертите и од студенските организации се едногласни дека моделот за дисперзирани студии е недоржлив и треба да се прекине.
Т.С