Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 6. август 2013 година
Колегите од телевизија „Телма“ пред дваесетина дена направија прилично забавен прилог за „Џумајлија“ oткако го посетиле Овче Поле и ги прашале земјоделците дали веруваат во амбициозните планови на индискиот бизнисмен Субрата Рој за вториот по големина агрокомбинат во државава. Можеби и било очекувано од нив да се добијат песимистички одговори, но сигурно никој не верувал оти камерата многу луцидно ќе забележи дека неверните Томи се облечени во преродбенички маички.
Оној што гордо носеше црвено капче и маичка со натпис „Реформите ќе победат“ пред микрофонот изјави дека „сега за сега Субрата е лажна надеж и ќе поверува дури кога ќе види“, додека неговиот соселанец кој „лично не верува во инвестицијата“ носеше преродбеничко-портокалова маичка од првите денови на власта на Никола Груевски.
СУБРАТА ЈА ЗЕМА ЗЕМЈАТА, А НЕ АГРОКОМБИНАТОТ „ЏУМАЈЛИЈА“
Нашите соговорници кои ни помогнаа да го составиме текстов не носеа маици од некоја политичка партија ама повеќе од три децении, симболично кажано, го носат дресот на „Џумајлија“. За почеток е важно да разбиеме една фама којашто намерно или не се прошири во јавноста. Имено, и на владиниот сајт стои информацијата дека индискиот бизнисмен има инвестициски план за Агрокомбинатот „Џумајлија“ каде за три години планира да вложи 200 милиони евра.
Доколку се погледне договорот меѓу македонската компанија на Субрата и Министерството за земјоделство ќе се види дека Индиецот го добива државното земјиште коешто претходно беше под концесија на агрокомбинатот и дека тој би требало да инвестира само таму, остатокот од „Џумајлија“ или е веќе продаден или уште е дел од стечајната маса.
Стечајната маса ја сочинуваат објекти, механизација и повеќе од 400 хектари лозови насади од коишто сега се користат само околу 300. Винаријата, управната зграда, мотелот и ресторанот во сопственост на агрокомбинатот како и една фарма веќе се во рацете на други приватни газди.
Сето ова се случи откако при крајот на 2011 година исчезна газдата на агрокомбинатот Зоран Даневски кога Агенцијата за стокови резерви покрена кривична пријава против него товарејќи го дека продал повеќе од 5.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви коишто биле складирани во комбинатот. За Даневски постои потерница и се чека негова екстрадиција од Бугарија каде што најверојатно престојува.
Нејсе, да се вратиме на ветувањата на Субрата коишто се спакувани во договорот меѓу Идиецот и нашето Министерство за земјоделство.
Субрата за годишен надомест од 121.000 евра ќе добие повеќе од 5.000 хектари обработливо земјиште во наредните 15 години а има можност да го продолжи договорот на уште толку години и тоа со непосредна спогодба. Компанијата „Сахара“ се обврза дека во наредните 36 месеци ќе го зголеми производството на сточна храна на 75.000 тони годишно и дека во истиот период ќе донесе 20.000 грла крави од кои 8.000 за период од година и половина.
Ветена е млекара којашто ќе произведува 80.000 литри млеко дневно а со целата оваа операција ќе управуваат прво 900 вработени, додека во 2016 тој број треба да достигне до 2.000. Сето ова ќе го чини Субрата 200 милиони евра што би претставувало најголемата приватна инвестиција во македонското земјоделство.
И ДА ИМА ИНВЕСТИЦИЈА ЌЕ НЕМА РАБОТНИЦИ?!
Жителите на Овчеполието веднаш ги дигаат веѓите и ги ококоруваат очите кога ќе им се спомне дека славниот Субрата Рој од Индија ќе им отвори ни помалку ни повеќе ами 2.000 работни места. Тие веднаш се потсетуваат дека во нивните добри стари времиња, за време на Југославија, ЗИК „Овче Поле“ имал 2.200 вработени но тој комбинат опфаќал поголем простор од „Џумајлија“ и претставувал заокружена производна целина, додека Агрокомбинатот во најдобрите денови под водство на Даневски немал повеќе од 400 работници.
Претпоставките се дека во Лозово, Сарамзалино и во друите села од светиниколско Субрата нема да може да најде 900 аргати а камо ли уште двојно повеќе. И плус, додаваат нашите соговорница, станува збор за постари луѓе бидејќи младите одамна не работат по нивите.
Она што ги чуди поранешните вработени во „Џумајлија“ е фактот дека „Сахара“ ќе се сконцентрира на сточарството кое не влече работна рака, однсно за одгледување на стока треба далеку помалку работници отколку за работа на нива.
Ако агрокомбинатот имал околу 300 крави пред да се случи стечајот едноставно не е јасно каде ќе се сместат оние 20.000, бидејќи како што велат мештаните да ги врзеш говедата во низа ќе направиш ланец долг колку патот од Лозово до Штип. Според нив толкава концентрација на стока на овој простор неминовно ќе ја загади и Брегалница исто како што фармите од околината со изметот буквално го убиле животот во реката што тече крај Свети Николе.
Проблем дефинитивно е и водоснабдувањето кое често знае да закаже во овчеполието посебно кога Кочани ќе почне да го наводнува оризот. Од оние 5.300 и нешто хекатри што ги закупи Субрата само половината се под системот за наводнување и само од нив може да се очекува произвдоство за сточна храна и затоа е чудна најавата дека „Сахара“ ќе го подигне производството на 75.000 тони, посебно што во околината постои една современа фабрика за сточна храна. Сериозна конкуренција за млекарата на Субрата ќе бидат и двете млекари коишто егизистираат на овие простори.
Селаните велат дека се уште не дошол никој од луѓето на Субрата Рој и се уште не почнале со работа. Тоа ги загрижува оти многу е веројатно да се изгуби уште една реколта бидејќи, како што објаснуваат, ако „Сахара“ планира догодина да жнее пченица и остануваат малку денови во кои може да ја подготви земјата. Доколку компанијата почне со работа есенва тоа ќе значи дека ќе може да сади само пченка и уште некои не толку важни житни култури, а неофицијално меѓу селаните се говори дека делегацијата од Индија ќе дојде околу 20 август.
КОЈ Е ЛОНДОНЧАНЕЦОТ ЗАД ИНВЕСТИЦИЈАТА ВО СВЕТИНИКОЛСКО?
Договорот од страната на Субрата Рој е потпишан од компанијата „Сахара пјур итаблс корпорејшн ЛТД“ зад која стои извесен лондончанец Сукхбиндер Сингх Хеер кој најверојатно има индиско потекло. Интересно е дека СДСМ на пресконференцијата на која го бараше договорот меѓу Субрата и Владата објави дека на интернет нема информации за овој човек и оти со исто име и презиме се јавува некој прилично популарен индиски пејач.
Сепак, неговото име на некои од он-лајн бизнис регистри се појавува во седум фирми во кои работел исклучиво како директор и компаниите или повеќе не постојат или тој заминал од работното место. Адресата на овој Сукхбиндер Сингх Хеер се поклопува со онаа што е запишана во официјалниот документ изваден од македонскиот централен регистар, но на интернет регистрите нема информација за фирмата во нашиот главен град.
Се обидовме да исконтактираме со газдата на скопската „Сахара“ и да дознаеме каква е неговата врска со Субрата Рој, но не успеавме да го сториме тоа преку имејлот што е приложен на тековната сметка од Централниот регистар. Електронската порака ни се врати а тоа обично се случува кога имејл адресата не постои.
За да прогноза околу остварувањето на инвестицијата веројатно ќе ни треба тркалезна топка но на самиот старт од проектот може да се заклучи само едно. Станува збор за прилично амбициозен проект којшто може да се спореди само со социјалистичките петолетки.