Ивица Дачиќ, спрски министер за надворешни работи, го отфрли барањето на македонските власти да се отстрани таблата со ознака „БЈРМ“, поставена на делница на Коридорот 10, кај Владичин Хан.
Од изјавата на Дачиќ јасно произлегува дека написот со привремената референца наместо уставното име на Македонија е предизвикано од гласањето на земјава за прием на Косово во УНЕСКО.
– Крајно време е да престанеме да работиме против сопствените интереси. Точно е дека Србија ја признава Македонија под уставното име, за разлика од европските држави, но тоа е направено уште во времето на Слободан Милошевиќ, во деведесеттите години. А Македонија ја призна независноста на Косово, а сега им пречи некаков натпис. На нив сега им пречи таа табла, а нам не треба да ни пречи тоа што во Унеско гласаа за прием на Косово? Несфатливо е што поголем пријател ни е една Индонезија, отколку некои соседни држави – истакна Дачиќ.