За време на гласањето на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН, многу земји сфатија дека воопшто не станува збор за злосторства, ниту за грижа за муслиманите или Бошњаците, туку дека се работи за политизирање на прашањето, рече потпретседателот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, во изјава за РТС.
Дачиќ изјави дека смета оти при гласањето за резолуцијата за Сребреница во четвртокот најмалку се гласало за природата на злосторството.
– Тоа е суштината зошто има толку мал број гласови за резолуцијата. Кога велам толку мал, мислам на бројот што го очекуваа. Тие се занимаваа со тоа што веќе имаат обезбедено две третини од оние кои би гласал за, што можеби беше точно во моменти додека Србија не се вклучи во целата акција – рече Дачиќ.
Тој оцени дека многу земји разбрале дека воопшто не станува збор за злосторства, ниту за грижа за муслиманите или Бошњаците, туку дека се работи за политизирање на прашањето.
– Станува збор за потребата Западот сам да гласа за оваа резолуција, бидејќи тоа му треба на Западот. Ова не им треба ниту на муслиманите, ниту на Србите, ниту на Хрватите. На Западот му требаат такви резолуции за да ги оправда своите постапки во 1990-тите во нашиот регион, за да се оправда агресијата во 1999 година, за да се каже дека Србите се главните виновници за распадот на Југославија и главните криминалци – рече вицепремиерот.
На прашањето зошто тоа се случува сега, речиси 30 години подоцна, Дачиќ одговори дека не успеале да го внесат во правната архива на Обединетите нации, бидејќи тоа се обиделе да го направат преку Советот за безбедност и не успеале.
– Русија стави вето и затоа отидоа на Генералното собрание на ОН за да немате право на вето. Исто така, оваа точка е дефинирана како култура на мир. Значи, тоа не е точка по која би се гласало со двотретинско мнозинство, туку со просто мнозинство – рече Дачиќ.