Владата веднаш да им помогне на компаниите преку укинување на ДДВ-то за струја и замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да ги забрза постапките за инсталација на фотоволтаици и да го пренамени поголемиот дел ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за тие да се инвестираат во обновливи извори на енергија со цел максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија, апелира Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Според истражувањето на СКСЗМ, за 65 отсто од фирмите членки кои веќе имаат енергетско ефикасна инфраструктура, трошоците за eлектрична енергија во 2021 година биле од 1,3 до 2,3 проценти од вкупните месечни трошоци, додека за оваа година тие трошоци се од два до шест пати зголемени. Сметките за јули веќе изнесуваат 7-10 отсто од месечните оперативни трошоци. Од друга страна, состојбата кај производствените компании е алармантна. Без исклучок кај сите производители износот на месечните трошоци за електрична енергија преставува минимум 25 проценти од вкупните трошоци, додека од друга страна нивната профитна маржа изнесува помалку од пет отсто.
– Горенаведените предлози беа доставени до надлежните институции и беа соодветно и детално објаснети со цел нивна имплементација во најкус можен рок. Владата итно треба да преземе мерки по однос на енергетската криза, бидејќи овој проблем го доведува во прашање самото постоење и опстанокот на бизнисите на пазарот, наведува Комората.