По извештајот на „Репортери без граници“ и по падот на Мозамбик на нивната листа од 73 на 79 место, опозицијата на Мозамбик ја обвини владејачката гарнитура дека тргнале по патот на ВМРО-ДПМНЕ од Македонија и дека за неколку години ќе паднат за повеќе од нови 80 места на листата. Веројатно е таква дебатата во општеството на Мозамбик.
Оваа африканска држава е земја во која има повеќе слобода за медиумите отколку во нашата „преродена“ Македонија. Зошто е тоа така можеме само да претпоставуваме; мене ми се вртат в глава неколку причини. Можеби во Мозамбик не е на власт некој „патриот“ каков што е Никола Груевски, а можеби и немаат пратеник како Илија Димовски, кој има моќ да „спружи“ некого на насловна. Можеби нивниот премиер не е во коалиција со некој нивни Sинго, а можеби и нивната државна телевизија организира дебати за слободата на медиумите, наместо половина од вестите да троши на некоја квазитрибина, на која гостува некоја нивна Мирка што секогаш „свирка“ во полза на премиерот.
МАКЕДОНИЈА НА 123-ТО МЕСТО НА ЛИСТАТА НА „РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“
Можеби во Мозамбик немаат некој Латас, кој, наместо да презентира вести, чита партиско-пропаганден материјал, а можеби таму не се јаде бурек на телевизија. Штом се пред нас, веројатно и криминалци не им водат разни шоуа во кои премиерот секогаш одговара на договорени прашања. А веројатно е и дека таму не би го разбрале вицот со Ивица Боцевски кога влегува во такси, а таксистот го прашува „До Сител, Канал 5 или Алфа?“
Македонија денес е на 123-то место на листата на „Репортери без граници“. Во Македонија денес не е чудно да се уапси новинар за напишан текст и да почне да преживува голгота, како што е тоа случај со новинарот Кежаровски. Новинар може да биде приведен и од известување од протест, па да му се одреди притвор додека се „прибираат докази“ против него, ова е особено можно ако снимил полициска бруталност.
Владата со реклами од буџетски пари го нарушува пазарот. Нејзините миленици живеат одлично, а за возврат нивните вести се полни со пофалби за власта, а катастрофалната состојба на демократските стандарди, човековите права и социо-економската состојба во држава се гледа низ розови очила. Малкуте критички настроените медиуми се под жесток притисок, додека оние што се рекламираат на критичките медиуми не можат да кренат глава од инспекции.
ЗА ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ НЕ Е ВЕСТ МЕГАСКАНДАЛОТ МАКЕДОНСКА БАНКА
Во Македонија денес секогаш постои можност на критичкиот медиум да му се случи упад од полиција, а сопственикот кој одбивал да не биде критичен кон власта да заврши во затвор со поголемиот дел од неговото семејство. Пример за тоа се А1 телевизија и Велија Рамковски со неговото семејство. Не е исклучена и можноста сопственикот на критичкиот медиум да загине во неразјаснети околности, како што загина Никола Младенов, основачот на „Фокус“.
Денес невладиниот сектор и активистите не можат да сметаат дека нивните истражувања и активности ќе бидат пренесени на провладините медиуми (да не ги набројувам, ќе отиде цела страница). Денес мегаскандал од типот на „Продажбата на Македонска банка“, во кој се обвинува премиерот, не претставува вест за 90 отсто од медиумите во државата! Нема да го коментирам моментот дека на истите тие медиуми оди демант од владејачката партија на вест што тие воопшто не ја објавиле.
Провладините медиуми претставуваат и алатка за дискредитација, по нарачка од владејачките центри на моќ, на секој оној кој доволно гласно ги критикува состојбите во општеството. Критичарите неосновано се ставаат на тапет, се заокружуваат, се претставуваат како странски платеници и домашни предавници. Секако, без да се чујат нивниот став и образложение.
(Во следниот број за радиодифузната политика)