Да се расветли случајот со твитот на пратеникот Стевананџија каде беше поставена бесилка

by fokus

Народниот правобранител ја осуди пораката на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија објавена на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер во која е поставена бесилка оценувајќи ја како говор на омраза и побара од надлежните институции да реагираат и да го расчистат случајот.

-Народниот правобранител како членка на Мрежата против говор на омраза го осудува секој чин на ширење на говор на омраза, од причина што во едно општетство какво што е нашето тоа може да остави далекусежни последици и да поттикне дела од говор на омраза. Оттука ги повикуваме надлежните институции Министерството за внатрешни работи и Обвинителствиото веднаш да реагираат и да го расчистат секој случај на ширење на говор на омраза. Неказнивоста на ова дело делува охрабрувачки, а Република Северна Македонија токму во овој сегмент досега не покажа голем капацитет за справување со оваа негативна општествена појава, стои во изјавата на Народниот правобранител за МИА.

- Advertisements -

Ваквиот чин на пратеникот Стевананџија го осудија и од Владата оценувајќи го како непримерен за народен избраник и ги повикува надлежните институции на целосно и ефикасно спроведување на правната држава, утврдување на фактите и одговорноста.

-Владата најостро осудува и нема да дозволи ширење говор на омраза кон кој било граѓанин. Во врска со прашањето за говорот на омраза ширен од пратеникот Стеванаџија, најостро ги осудуваме заканите и говорот на омраза кои ги шират функционери и народни избраници. Тие треба да бидат пример за граѓаните, а не поттикнувачи на поделби и конфликт, стои во реакцијата од Канцеларијата на портпаролот на Владата.

Воедно, се посочува дека последните две недели секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе постапувал по 11 случаи и за три веќе е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а за останатите тоа ќе биде направено во наредните денови по нивното комплетирање.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Стевананџија завчера објави твит со слика од бесилка со текст: „Ќе биде се ОК! Зоран Заев“, што беше оценето како говор на омраза, по што твитот беше повлечен.

Поврзани новости