Македонската јавност ја запозна малата Билјана Пешевска од кратовското село Трновац лани, кога нејзиниот татко Даниел апелираше за помош од хуманите граѓани, со цел да се соберат средства за нејзино лекување.
Имено, соочени со дијагнозата медулобластом, односно малиген тумор на малиот мозок, тие по извршениот оперативен зафат бараа средства за продолжување на терапијата. Се работеше за радиотерапија и хемотерапија, а малото девојче тогаш пред камерите изјави дека сака да оздрави, замолувајќи ги хуманите граѓани да помогнат. Исто така, таа тогаш раскажа дека голема желба и е да добие и лап топ.
Денес, по речиси година и половина од операцијата, семејството повторно моли за помош. Билјана се чувствува добро, но во нејзиниот граден кош бил вграден катетар, кој треба да биде остранет. За таа интервенција им биле потребни околу 1.000 евра.
-Катетерот го вградивме пред повеќе месеци, и тоа во приватната клиника Систина, затоа што на државните клиники немаа лекар кој ќе ја изведеше потребната операција. За тоа плативме 60.000 денари, пари собрани од хуманите граѓани, за што сме многу благодарни. Сега, кога дојде време да се извади катетерот, од Детска клиника ни велат да одиме да го вадиме таму кај што сме го вградиле, како да ние сами сакавме да биде тоа во Систина. Проблем е што немаме 60.000 денари за потребните снимки и демонтажа на катетерот, колку што ни побараа од Систина – апелира таткото на десет годишната Билјана.
Таа живее со својот татко Даниел и со постарото братче во две мали сопчиња, со социјална помош од околу 2.500 денари. Нивни пријатели ни раскажаа дека покрај средствата потребни за отстранување на катетарот, сеуште купувале скапи лекарства од Холандија и разни мелеми од Ниш, соседна Србија, кои им биле дополнителен товар.
Сите кои се во можност да и помогнат на Билјана, можат да донираат на следните жиро сметки: Даниел Пешевски Централно-кооперативна банка Денарска сметка 320-5000266219-22 Девизна сметка ЕУР IBAN MK07 3205 4002 6635 209 SWIFT CECBMK22 CENTRAL COOPERATIVE BANK AD SKOPJE Девизна сметка УСД IBAN MK07 3205 1002 6635 162 SWIFT CECBMK22 CENTRAL COOPERATIVE BANK AD SKOPJE
Вики Клинчарова