Докажаниот ликовен уметник и скулптор Ранко Дакиќ, кој што веќе три децении живее и твори во Берлин, Германија, даде свој осврт на случувањата во земјава.
Иако е далеку од родниот крај, редовно ги следел настаните, а имал и можност лани, за време на својата изложба во родното Кавадарци, лично да се увери каква е атмосферата во Македонија. Во искрен разговор за “Фокус” тој отворено и упати критики на власта, не само за начинот на кој што управуваат со државата, туку и од уметничка гледна точка околу целиот проект “Скопје 2014” на кој што гледал како на една смејурија која што доведува до очај, имитација на барок од стиропор, а воедно ја прогласиле за дело од национално, културно и историско значење.
Порача дека Шарената револуција е историска појава за Македонија, еден вид на револуција која што го урнала Берлинскиот ѕид и сите кои што се стремат кон промена треба да и се приклучат.
“Во општествата, изминатите времиња се како слоеви, седимент, почва од која секоја генерација се храни со плодовите на предходната и остава нови за следната. Но тоа не е изолиран општествен процес, тоа е процес на глобални и универзални вредности, сублимација и влијанијa на целокупниот цивилизацијски развој, кој се артикулира преку стремежот на индивидуалната слобода. На тој начин човекот како општествен субјект чекори континуирано кон некаква прогресија и си го бара својот леб. На почетокот, од своето осамостојување Македонија и покрај сите турбуленции, се движеше, лазеше во тој правец споро како црв, но сепак се движеше. Денес Македонија е заглавена во клозет без прозор, септичка јама од која целиот одпад излегува на површината. Не постои ни еден квадратен метар на општественото живеење каде што не е е исфрлена фекалијата на државната квази-елита. Македонија е под окупација.
Државата и државните институции се заробени од неизживеани дилетанти и простаци, балавурдијски ликови без морален и образовен капацитет. Имплементацијата на современите цивилизацијски вредности е дискредитирана, културата и уметноста како социјална категорија е укината и претворена во државна категорија. Понесени од еуфоријата на апсолутистичка моќ, со репресија и радикална медиумска козметика, ова здружение мутира во монструозен инструментариум на криминален профит.” – вели Дакиќ, уметникот чии што дела секогаш добиваат позитивни критики ширум Германија, и од најеминентните европски критичари е оценет како уметник кој што е во состојба да навлезе длабоко во менталните и морални бездни на луѓето, со помош на своите уметнички средства.
“Цела деценија агресивно се шиба, надуван патриотски идентитет за локални потреби. Се ископаа планини и реки, се подигнаа споменици, палати, галии, мостови, лавови, коњи и ѕверови, царови и војсководци, триумфални капии, крстови и орли… симболи и знаци кои не покажуваат никаква насока туку патолошка апотеоза на една националистичка гротеска, смејурија која доведува до очај, а очајот да биде уште поголем смејуријата ја прогласиле за културен, историјски, национален значај. Па добро, вие можете Скопје 2014 да го прогласите и како осмо светско чудо, а оние патриотските слики за македонска ренесанса, како фреските на Ѓото и Чимабуе.
Се надевам на УНЕСКО ќе му текне да ја прифати оваа идеја. Да имаше трошка морален и политички интегритет или пак минимално домашно воспитание, овие ликови на чело со претседателско растение досега требаше стопати да си дадат оставка, како во нормална демократска држава. Да имаше бар зрно од трошка; да имаше трошка морален и интелектуален интегритет кај академската елита, професори, доктори на науки, МАНУ, книжевници, уметници, јавни личности (со исклучок на поединци), ќе ги принудеа на колективна одставка, ќе дадоа отпор, ќе удреа со тупаница на маса… Пред некое време, една универзитетска професорка изјавува дека ова фарбањето и било “здодевно”. Очигледно и недостасува забава, се досадува во својата интелектуална периферија. Нејсе, еве ви сега можност, ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА.
Поширока граѓанска платформа нема ни на лото, ова е епохална, историјска појава за Македонија, ова е новиот НОБ, револуција која го рушеше берлинскиот ѕид, ги има сите атрибути, секој што сака промена може слободно да се приклучи на свој начин, никогаш не е доцна, доволно е еден чекор и веќе си во прогресија, во една нова динамика, нов простор, со илјада бои. Сигурно ќе се јави некој од клозетската шоља, обожавател на имитација на барок од стиропор што личи на мермер, што го гледа Скопје и Македонија како туристичка разгледница, а и себе се гледа како турист во својата земја, да каже дека не е се така црно, можеби и не е, но можеби е уште поцрно. Но да не се натегаме драги туристи, прашајте ги оние 400 илјади што се иселија заради “невозвратена љубов” и оние што останаа со возвратена љубов, што кулучат за 200 евра, а и оние кои допрво треба да си го најдат кулучењето за 200 евра; прашајте ја македонската дијаспора колку им праќа на фамилиите и зошто; или пак, најдобро запрашајте се самите себе и проверете додека вршите нужда во вашата шоља, дали ви е исправно казанчето и дали имате доволно тоалетна хартија, а после процедурата обавезно да се свртете, да видете што сте оставиле зад себе. Онака, чисто поради ментална хигиена. И за крај, ако пак ништо не ви е јасно, обратете се до гатачката.” – изјави Дакиќ за “Фокус”.
Тој има завршено Ликовна академија во Скопје, отсек вајарство во класата на професор Петар Хаџибошков. Првите импулси во сликарската постапка ги добил од Петар Мазев. Многупати досега добил откупна награда од уметничката фондација Künstlerförderung Berlin, во чија што жири комисија се вбројуваат светски познати имиња од ументноста. За неговата работа известува и Д-р. Урсула Принц една од врвните куратори долгогодишен заменик директор на Берлинската Галерија.
Вики Клинчарова