Новинарот и уредник на „Културен печат“ Тони Димков е добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2020 година од областа на публицистиката, од областа на образованието и воспитанието наградата ја добива Сервете Фида, учителка по албански јазик, од областа на културата – Љубомир Чадиковски, поранешен директор на НУ Театар за деца и младинци-Скопје, одлучи Одборот за доделување на наградата вчера по спроведеното тајно гласање.
Како што информира Град Скопје, наградата годинава ја добиваат и: Никола Коле Ангеловски – актер, режисер, преведувач, сценарист, комедиограф, за 60 години творештво во областа на театарот и филмот; архитектот и проф. на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Петар Намичев од областа на науката; естрадниот уметник Диме Поповски од областа на уметноста; од областа на хуманитарната активност наградени се Андријана Серафимовска, Тео Тасев, Теодора Трајковска, Филип Димишковски и Бојан Ристовски – деца волонтери кои им помагаат на децата заболени од малигни болести на Хемато-онколошкото одделение при Клиниката за детски болести-Скопје.
Од областа на здравствената заштита наградени се тимот доктори кои ја извршија првата трансплантација на срце во нашата земја: проф.д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Маја Мојсова, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Зравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски. Епидемиологот д-р Жарко Караџовски е награден за заслуги во здравството.
Од областа на спортот, наградата „13 Ноември“ за 2020 ја добива планинарката алпинистка Илина Арсова за искачување на седумте највисоки врвови на седум континенти.
Во категоријата Правни лица, наградено е Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) – за 75 години заокружена творечка и континуирана работна целина
Во категоријата Ученици и студенти – за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннставните активности, наградени се Матеј Милосиевски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, Ангела Петровска, ученичка во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Ведрана Петрова – ученичка во СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“.
Град Скопје соопшти дека тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во земјава и во светот.