Д-р Љупчо Ристовски: Со исти актери нема излез од кризата!

by fokus

Пишува: Д-р Љупчо РИСТОВСКИ

Во изминативе неколку месеци, во сите мои писанија и јавни настапи предупредувам дека не смее да има нови преговори за прецизирање на нов датум за избори и со нова, повторно во ист формат политичка влада составена од претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, политички субјекти кои подеднакво доведоа до оваа конфузија на политичката сцена во Македонија и кои не влеваат ни малку доверба дека нешто ќе се промени кон демократски исчекор.

Доколку СДСМ и понатаму инсистира да влезе во преодната влада која треба да се формира 6 месеци пред евентуално утврден нов датум за одржување на изборите, повторно ќе влета во замката на загушување на граѓанскиот протест и на се повеќе растечкиот негативниот набој на сериозна критична маса од популацијата.

Оттука, СДСМ испраќа погрешна порака до јавноста: Прво, дека единствена цел и е да се докопа до власта и да вдоми членство низ институциите, што е себичен и безобразно лукративен интерес во дадениов историски момент на очекуван пресврт на политичката сцена, и секако осуден на пропаст со несогледливи последици по партијата. И второ, дека се плаши од пораѓање на нешто ново и прогресивно кое ќе го загрози биполарниот политички модел на владеење со Македонија и ќе внесе конкурентност и компетитивност на политичката сцена, што долгорочно ќе биде најголемиот дострел и прогрес од кризата.

И во двата случаи се праќа порака дека не се ништо поразлични од постојната политичка номенклатура на власт. Исти цели – исти интереси. Погубно за нацијата и државата.

Јас не знам кој ја советува СДСМ, но еве совет и од мене: Подалеку од преговарачка маса се додека не се загарантира позицијата на СЈО, се додека не се прифати Специјален оддел во судовите за сите случаи кои ги процесуира СЈО, се додека не се сфати дека со исти актери нема излез од кризата и нема политичка волја за создавање на базични претпоставки за фер и кредибилни избори односно се додека не сфатат и двата субјекти дека само експертска влада од непартиски експонирани интелектуалци со полна политичка поддршка може да ја санираат ситуацијата и да ги доведат донекаде состојбите во ред до пред избори, моја проценка, во период од најмалку една година…

Само вака ќе се покаже и докаже дека и се мисли добро на нацијата и државата, а не само на своите тесни партиски интереси. Ова е историска шанса и не смее да се пропушти. А организаторите на Шарената револуција не смеат ни да помислат да се согласат со евентуален таков расплет на настаните, а протестите ќе мора да се интензивираат до максимум, како одговор на глупоста за евентуалниот нов политички договор меѓу власта и актуелната опозиција.

Поврзани новости