Д-р Илир Демири од Инфективна клиника стана директор на болницата во Тетово

by Fokus

Нов директор на Клиничката болница Тетово е д-р Илир Демири, соопшти Министерството за здравство.  

„Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска за нов директор на ЈЗУ Клиничка Болница Тетово го именуваше д-р Илир Демири. Тој на оваа функција доаѓа од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде работеше како координатор за Ковид-19 центарот“, соопшти Министерството за здравство. 


Од Министерството објаснуваат дека доктор Демири кој е специјалист инфектолог, има богато работно искуство, и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби работи од 2004 година.

„Тој од 2007 година е асистент по предметот инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2020 година се стекнува со титулата примариус доктор. Новиот директор на Клиничката болница Тетово е истакнат професионалец и еден од најпосветените здравствени работници кој се бореше против КОВИД 19 од самиот почеток на пандемијата“, соопшти Министерството за здравство. 

Д-р Демири е добитник на титулата „Европска личност за 2020 година“, која се доделува на лица кои имаат посебен придонес во афирмацијата на хумани вредности, а ја доделува Европското движење.

„Таа е и признание кое доаѓа од граѓаните.  Демири исто така е член на Македонското здружение за инфективни болести, како и на Комисијата за заразни болести“, соопшти Министерството за здравство. 

Поврзани новости