Со разгорувањето на пандемијата, во повеќе општини во изминатиот период се отворија ковид одделенија, каде се хоспитализираат позитивните пациенти на кои им е неопходно болничко лекување и 24-часовна медицинска нега. Во Кавадарци, во болницата на средината на октомври започна да функционира ковид одделот, каде се лекуваат жители од четири општини – Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман.
Од почетокот на отворањето на овој оддел до денес, директорот на болницата, д-р Диме Коцев вели дека се лекувале дури 292 пациенти. За жал, починале 32 лица, кои и покрај сите напори на медицинските тимови не успеале да извојуваат победа над опасниот вирус.
-Кај нас досега се лекуваа 292 пациенти, или изразено во болнички денови вкупно 1.125. Од нив 260 оздравеа, и за жал починаа 32 лица, со изразени сериозни коморбидитети. И покрај тоа што повеќето од починатите беа постари лица, со други тешки хронични болести, сепак, смртта на секој наш пациент ни остави тежина на душата, на сите кои овде беспрекорно функционираме како тим и го даваме максимумот.
Имавме доста емотивни моменти, нашите здравствени работници кон секој пациент го имаат тој заштитнички и пријателски пристап, и тешки се тие моменти кога се губи пациент, кога тоа треба да се соопшти на семејството. Не се забораваат тие слики, никогаш, остануваат врежани во спомените на медицинарите кои биле покрај нив во последните моменти, кои со дале се од себе за да спасат нечиј живот.
Ова беше тешка година за сите, преголем товар носеше целиот здравствен систем, и не смееме да ги заборавиме жртвите на сите вработени во болниците, од хигиеничарки, до медицински сестри, болничари, лекари…
Во овој кризен период за целото човештво, здравствените работници дадоа најмногу од себе, за секој живот и за секој здив на пациентите се бореа лавовски. Затоа, да не се опуштаме, бројките на новорегистрираните случаи се во опаѓање, но од сите нас зависи како ќе се одвива пандемијата. Да не дозволиме празниците да бидат повод за повторен раст на инфицираните, не смееме поради забава да загрозиме ничиј живот. Ќе има време за се – вели д-р Коцев.
Додава дека во инфективната амбуланта во овој период се оствариле над 4.000 прегледи. Како болница, први во државата започнале со користење на Брзите Ковид тестови и до денес биле тестирани над 1.500 пациенти, со што се овозможило брза детекција на позитивните, нивна изолација и воедно нивно брзо лекување.
-Во третирањето на ковид пациентите се вклучени 130 медицински работници и соработници и истите беа наградени со по 31.000 денари од страна на Министерството за здравство. Од страна на јавноста, овие храбри луѓе заслужуваат да се почитува нивната работа и надчовечка борба за секој пациент, а народот може да ја покаже својата почит кон здравствените работници со тоа што ќе ги запази мерките за заштита од вирусот, со тоа што ќе покаже совесност. Да не се гледа на откажувањата од забавите и дружбите како да е тоа најтешкото нешто со кое се соочуваат, туку како на начин да се даде свој придонес во оваа битка – раскажува д-р Коцев.
Потенцира дека во овој период, кога се соочија со досега невидена ситуација и застанаа во првите редови против новиот вирус, малку е да се каже дека е горд на својот персонал.
За посветеноста на медицинарите во ковид одделот во кавадаречката болница и во минатото пишувавме сведоштва на излекувани пациенти, кои имаа само зборови на благодарност за вработените, па д-р Коцев вели дека единствено може да се приклучи на убавите зборови за своите вработени.
-Нивната посветеност и мотивираност се една светла точка која им е водилка на пациентите додека минуваат низ тешкиот и неизвесен период на лекување. Горд сум на целиот медицински тим во нашата болница, на професионалноста, но и на големата човечност која ја покажуваат секој нов ден. Да се надеваме дека крајот на пандемијата доаѓа, сите да дадеме свој придонес тоа да се случи побргу, и во новата година да започнеме со враќање во нормала – порача докторот и директор на кавадаречката болница.
Вики Клинчарова