Оливер Спасовски и Владата се меша во работата на Министерството за внатрешни работи, што претставува грубо кршење на правниот поредок на државата и мешање во независноста на министерството и истовремено со оваа одлука Владата и формално се постави над правниот поредок, преземајќи надлежности кои законски се регулирани, реагира техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, по одлуката на Владата да се поништат сите 89 решенија за распоредување на работно место што ги донел Чулев на 6 и 7 февруари оваа година.
Тој утрово испратил телеграма со којашто ги задолжил сите организациски единици да постапуваат единствено и исклучиво во согласност со законските прописи.Во телеграмата тој укажал дека секое постапување спротивно на законските прописи повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување што е казнив согласно одредбите на кривичниот законик.
-Со цел непречено функционирање и остварување на надлежностите на МВР, неопходно е од страна на сите вработени да се почитуваат исклучиво законските одредби, како и хиерархиската поставеност и одговорност. Вчерашната одлука овој пат потпишана од страна на Оливер Спасовски е уште еден еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите од страна на техничкиот премиер и луѓето кои од негова страна се поставени и раководат со Министерството за внатрешни работи. На крајот го прашувам Оливер Спасовски дали тој ќе понесе политичка одговорност доколку вчерашната одлука за укинувањето на решенијата потпишана од негова страна предизвика безбедносни импликации со кои ќе биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Македонија, напишаша Чулев на неговиот Фејсбук профил.
Чулев е министер од трети јануари 2020 година во владата која треба да ги подготви изборите договорени за 12 април 2020 година. Владата не ги образложи причините за поништувањето на решенијата и најави одговор до медиумите во текот на денов.
Според Законот за влада договорен со пакетот закони од Пржино со кои се стави крај на тогашната политичка криза, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, потоа хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до десет отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.