Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев потврди дека е унапредена сопругата на еден од неговите претходници во МВР- Митко Чавков, кој сега издржува затворска казна за случувањата во парламентот на 27 април 2017 година, кога тој беше директор на БЈБ.
Чулев реагираше на фејсбук, откако СДСМ преку соопштение го обвини дека „се става над законот, во обид за партизација на институциите и враќање на режимот“.
Тој тврди дека СДСМ креира лажни вести, со што, како што вели, се потврдува незаконското работење на Оливер Спасовски во изминатиот период. Според него, станува збор за распределување, затоа што сопругата на поранешниот министер била незаконски деградирана. Можеби исправањето на неправдите од минатото на некого му пречи, но јас и понатаму ќе бидам на страна на вработените и ќе постапувам исклучиво во согласност со законите, напиша Чулев на фејсбук.
– Ја информирам јавноста дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој е изготвен врз основа на претставка поднесена од посочено лице, во кој се констатира дека истото подолг временски период е распоредено на работно место кое е во спротивност со Законот. Во извештајот е констатирано дека со цел избегнување на дополнителни трошоци на товар на МВР, по основ на тужба, одделот смета дека од страна на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при БЈБ треба да изврши ревизија на распоредувањето и Јасмина Чавкова да биде распоредена согласно позитивните законски прописи на важност во МВР, напиша Чулев.
Според СДСМ, Чулев, без распишан интерен оглас во Министерството за внатрешни работи, ја унапредил сопругата на Митко Чавков на повисока позиција за три скалила погоре.
-Ова е спротивно на систематизацијата и правилата за унапредување во МВР, што сведочи за уште еден обид на Чулев, МВР да го претвори во ВМРО-МВРО, се вели во соопштението на СДСМ.