Членовите на ДИК утре на седница ќе расправаат по барањето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за мислење за тоа дали врзаните потписи се однесуваат само за прашања поврзани со организација на изборите или генерално за сите тековни активности на МВР.
Како што изјави за МИА министерот Чулев, барањето е испратено од аспект на тоа што МВР има секојдневни активности, како што се одржувањето јавен ред и мир, откривање и процесуирање кривични дела од организираниот криминал…, а со врзаните потписи, нагласува тој, се успорува работата и влијае на намалување на ефикасноста на МВР во однос на секојдневните такви активности.
Инаку, од страна на директорот на Бирото за јавна безбеднсот беше испратена телеграма до сите раководители на организационите единици во МВР, дека се потребни врзани потписи за работните активности и од министерот Чулев и од дополнителниот заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, а не постапувањето може да повлече одговорност.
Членови на ДИК велат дека тие сепак не можат да одлучуваат за ова прашање и оти најверојатно ќе го препратат барањето до собраниската Зкаонодавно-правна комисија.
Согласно Законот за Влада, за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада се потребни два потписа, односно тие имаат врзани потписи.
Во Законот за Влада член 46 стои: Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година по што мандатот му престанува по сила на закон.
Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство. Одлуката на ДИК е конечна.