Mојата лична перцепција е дека Владата на своја рака решава прашања чие решавање не е неопходно во услови на вонредна состојба и таквиот однос во предизборниот период пред сѐ ги поткопува темелите на демократијата, а може негативно да влијае на многу работи, вели техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во интервју за порталот „Фактор“.
„Поставеноста на улогите во целиот систем на практикување на власта многу често е подложен на злоупотреби кои во предизборниот период се многу поголеми и може да влијаат на изборниот резултат. Во минатото бевме сведоци на чести злоупотреби направени токму за таа намена, а за жал овие денови тие се случуваат не така ретко“, вели Чулев.
Чулев ги критикува и одлуките на Комисијата за заразни болести за кои вели дека со тек на време добиле политичка димензија, особено со актуализирање на прашањето за избори.
„Од почетокот на функционирање на оваа комисија одлуките кои тие ги носеа и предлагаа до Владата беа темелени исклучиво врз медицински параметри и донесените одлуки на беа спорени од никој во општеството и неа беа спорни ни за мене. Но, како што изминуваше временскиот период и како што се актуализираа прашањата за изборите на дискусиите во владата поврзани со одлуките на Комисијата, преовладуваа политичките аспекти на истите. И од тука мојот впечаток е дека одлуките не се темелат исклучиво од здравствен аспект, туку имаат и одредена политичка димензија“, вели Чулев за Фактор.
Тој како неточни ги оценува информациите во јавноста дека бил против или гласал против олабавување на рестрикциите, додавајќи дека побарал еден вид олабавување на мерките за ограничување на движењето, но притоа Комисијата за заразни болести да има предвид како рестрикциите се одразуваат на психосоцијалната состојба на граѓаните од една страна и на трендот на заболени од друга страна и врз основа на тоа да донесе одлука.