Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во интервју за Радио Слободна Европа говореше за воведувањето на полицискиот час, со цел спречување на заразата од корона вирусот во Македонија.
„На ниво на Влада секој ден имаме координативен штаб на кој се разгледуваат сите оние препораки кои доаѓаат од Комисијата за заразни болести во која членуваат епидемиолози, инфектолози, тоа се лица кои се стручни во проблематиката и тие ги предлагаат мерките на владата. Врз основа на нивните стручни мислења беше дека пикот на заразата со корона вирусот во Македонија ќе биде во периодот што доаѓа, односно кон крајот на април, Владата одлучи да го зголеми ограничувањето на движењето, пред сè да се спречи социјалната интеракција меѓу луѓето, односно тоа да се сведе на минимум, со цел да се спречи ширењето на заразата од корона вирусот. Јас лично да ви кажам исто така се залагам за поригорозни мерки“, вели Чулев.
Тој додава дека морало да има поригорозни мерки, поради менталитетот на граѓаните во нашата држава.
„Вклучително и овие мерки што сега се преземаа, пред сè заради менталитетот на луѓето што живеат во нашата држава и коишто се многу друштвени. Имаме многу интензивни социјални контакти и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока“, посочи тој.