Чудна реформаторска математика во економските сметки на земјоделското производство

by Фокус

samoil malcevski mala

Пишува
д-р Самоил МАЛЧЕСКИ

Изминативе неколку години јавноста е бомбардирана со наводната успешна економска политика. Притоа, забележително место во континуираните рекламни кампањи, кои патем речено се иако се партиски мотивирани се плаќаат од буџетот, т.е. од нашите пари, заземаат „успесите” во земјоделството.

Јасно, според владејачката врхушка грандиозните постигања се резултат на „успешната” земјоделска политика. Притоа, во последно време, во своите настапи врхушката податоците за физичкиот обем на земјоделското производство суптилно ги заменува со финансиски показатели.

Се чини дека промената на рекламната стратегија се должи фатот дека, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), почнувајќи од 2007 година физичкиот обем на сточарското производство, житните култури, фуражните растенија, индустриските растенија итн. континуирано се намалува, за што пишував во повеќе наврати. Се разбира, во овој сегмент на континуирани реклами таргет група се земјоделците и тоа со потенцирање на субвенциите, т.е. директните плаќања кои врхушката ги реализира преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР).

Токму затоа, во следните разгледувања ќе се осврнеме токму на финансиските показатели кои се однесуваат на споменатите сегменти, а кои се публикувани од ДЗС и АФПЗРР.

ПРОБЛЕМАТИЧНИ ЕКОНОМСКИ СМЕТКИ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ

Во табела 1, се дадени податоците публикувани од ДЗС кои се однесуваат на економските сметки на производството на земјоделски производи по тековни цени. Притоа, податоците за растителното и сточарското производство се добиени како резултат на обемот на производството и важечките пазарни цени за одделните земјоделски производи, а исто важи и податоците кои се однесуваат ставките Услуги во земјоделството и неземјоделски секундарни дејности. Понатаму, бруто додадената вредност е резултат на збирот на овие податоци, на кои од неразбирливи причини во секоја од разгледуваните години се додава сумата која државата ја субвенционира за поттикнување на земјоделското производство, а која се исплаќа во вид на директни плаќања преку АФПЗРР.malcheski 01На прв поглед во податоците презентирани во табела 1, а кои диретно се користат и при пресметување на Бруто домашниот производ, нема ништо нелогично. Но, ова е само на прв поглед, бидејќи вака презентираните податоци може да се користат само како показател за финансиските придобивки на земјоделските производители. Меѓутоа, што се однесува до економските сметки за земјоделското производство на државно ниво ваквото пресметување дава искривена слика.

Имено, средствата содржани во ставката субвенции на производи се средства кои од буџетот се трошат за поттикнување на земјоделското производство, па затоа за да се добие реална слика истите во економските сметки на производството на земјоделски производи на државно ниво треба да бидат дел од расходната ставка, а не од приходната како тоа што е прикажано во табела 1.

Имајќи го предвид претходно изнесеното во табела 2 се презентирани корегирани податоци на разгледуваните економски сметки. Притоа, од бруто додадената вредност која е добиена како резултат на сумирање на ставките Растително производство, Сточарско производство, Услуги во земјоделството и Неземјоделски секундарни дејности, нето додадената вредност е добиена со минусирање на ставките Вкупна меѓуфазна потрошувачка, Амортизација и Субвенции на производи, кои реално се трошок доколку пресметките се прават на национално ниво и за потребите на утврдување на Бруто домашниот производ.02Од добиените показатели во табела 2 се гледа дека реалното учество на земјоделското производство, изразено во финансиски показатели е далеку помало од она кое реформаторската врхушката го прикажува во јавноста. Притоа, нема да навлегувам во мотивите за ваквите пресметки на реформаторската врхушка, но само ќе напоменам дека податоците од табела 2 скоро во целост соодветствуваат со падот на физичкиот обем на земјоделското производство, за што претходно во неколку наврати пишував.

Понатаму, според податоците од табела 2 изгледа дека сепак финасиските показатели за производството на земјоделски производи бележат нагорна линија. Така, на пример нето додадената вредност во периодот од 2007-2012 година е поголема од истата во 2006 година, при што, на пример, во 2008 година е за 11,67% поголема од онаа во 2006 година, а во 2012 година во однос на 2006 година истата е поголема за 13,13%.

Но, дали е тоа баш така. Имено, ако се земе предвид дека Економските сметки на производството на земјоделски производи се направени според тековни цени, за да можеме да согледаме што навистина се случува потребно е истите да ги изразиме во цени од 2006 година, со што ќе станат реално споредливи. За таа цел ќе ги користиме индексите на трошоци на живот кои се публикувани од страна на ДЗС и кои се дадени во табела 3.03Користејќи ги податоците дадени во табелите 2 и 3 во следната табела ќе ги презентираме коригираните економски сметки на производството на земјоделски производи, изразени во цени од 2006 година.04Во следните разгледувања накратко ќе се задржиме на податоците од табела 4. Како што можеме да видиме, освен во 2008, во сите останати години во споредба со 2006 година бруто додадената вредност е помала, а најмала е во 2009 и 2012 година, каде намалувањето во споредба со 2006 година е за 6,71% и 6,25%, соодветно. Јасно, со оглед на континуираниот пораст на субвенциите и амортизацијата во целиот период по 2006 година, освен во 2008 година имаме значително намалување на нето додадената вредност и тоа намалување во 2007 година изнесува 5,9%, во 2009 година изнесува 9,87%, во 2010 година 7,38%, во 2011 година 6,87% и во 2012 година намалувањето е 6,62%, а не како што се прикажува дека имаме зголемување од неверојатни 31,96%.

ЧУДНИ ПОКАЗАТЕЛИ ЗА ДИРЕКТНИТЕ ПЛАЌАЊА ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Во претходните разгледувања видовме како погрешното прикажување на финансиските средства потрошени за субвенционирање на производите доведува до нереално прикажување на финасиските резултати на национално ниво. Последното е причина повеќе да ги разгледаме податоците во врска со субвенционирањето на земјоделското производство. Податоците за финансиската поддршка на земјоделството, руралниот развој и рибарството и аквакултурата, која се реализира преку АФПЗРР се дадени во табела 5. Овие податоци нема посебно да ги коментираме, но само ќе забележиме дека од 2006-2008 година тие се интегрални, за да потоа во АФПЗРР ставките се разграничат според намената.05Од податоците во табела 5 може да се види дека средствата за финансиската поддршка на земјоделството и руралниот развој имаат забележителен пораст по 2007 година, но како што кажавме порастот на овие средства на резултира со адекватни резултати како во физичкиот обем на земјоделското производство, така и економските сметки. Но, да видиме дали само ова е проблемот. Просторот и времето се ограничувачки фактор за презентирање на целосна слика за состојбите, па затоа во следните разгледувања ќе се задржиме само на директните плаќања, кои како што видовме и се искористени за прикажување на искривена слика во делот на економските сметки.06Во табела 6 се дадени податоците за вкупната финасиска подршка на земјоделството и руралниот развој и за директните плаќања за рибарството, растителното и животинското производство, содржани во соодветните програми донесени од Владата на Република Македонија. Јасно, со оглед на тоа дека овие средства се расходна ставка на Буџетот на Република Македонија истите се содржани во буџетите за секоја од разгледуваните години.

На прв поглед изгледа дека во овие податоци нема ништо чудно. Меѓутоа, тоа е само на прв поглед бидејќи во секоја од разгледуваните години месец-два после донесувањето на буџетот Владата на Република Македонија експресно пристапува кон измена на овие програми. Податоците за измените кои во континуите и на потполно ист начин се вршат на тукушто донесените програми се дадени во табела 7.07Од податоците во табела 7 може да се види дека споменатите измени во континуитет се вршат во ставката пренесени обврски од претходните години. Како што можеме да видиме, пренесените обврски од претходните години почнувајќи од 2011 година се скоро пет пати поголеми од она што е прикажано при усвојување на буџетот, односно при донесување на соодветните програми.

На овој податок не е потребен дополнителен коментар, меѓутоа Владата, Министерството за финансии и Народната банка на Македонија треба да одговорат кому и зошто му била потребна оваа сметководствена манипулација. Имено, дека станува збор за манипулација како со Парламентот, така и со целокупната јавност е повеќе од јасно, бидејќи скоро е невозможно при донесувањето на буџетот да се располага со податок за заостанати обврски помали од 900 милиони денари, што значи помалку од 15 милиони евра, а само после триесетина дена да се има податок дека заостанатите обврски се од 70-75 милиони евра.

Според мене, за ова постојат две логички објаснувања и тоа: или станува збор за целосна некомпетентност или пак станува збор за смислена операција со цел прикривање на јавниот долг на државата, бидејќи овие заостанати обврски по природа на нештата мора да бидат третирани како јавен долг и никако поинаку.

Кога сме кај податоците дадени во табела 7, да забележиме дека учеството на пренесените обврски од минатите години во средствата наменети за вкупната поддршка на земјоделството и руралниот развој последниве четири години изнесува над 52%. Како е ова можно? Дали некомпетентноста на одговорните во АФПЗРР и нивните претпоставени е причина за настанатата состојба или пак истата е резултат на агресивната популистичка политика во делот на аграрот, поткрепена со нереални трошења на буџетските средства, која како што видовме аграрот го доведе до целосен колапс.

КОЈ ЌЕ ЈА ПОНЕСЕ ОДГОВОРНОСТА?

Во претходните разгледувања видовме дека, и покрај големите субвенции и континуираните пропагандни активности реалните финансиски ефекти од аграрната политика која реформаторската врхушка ја спроведува изминативе години се негативни. Освен тоа, само една кроки анализа на податоците од програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, кои ги нуди Владата, а ги реализира АФПЗРР укажува на можно прикривање на околу 1% од јавниот долг на Република Македонија и на дубиоза од 60 милиони евра во АФПЗРР.

Оттука, имајќи предвид дека податоците од табела 1 се наоѓаат и во пресметките на Бруто домашниот производ, кој пак служи како еден од показателите за креирање на буџетот за секоја следна година логично е одговорните во Владата, Министерството за финансии и Народната банка на Македонија да одговорат на следните прашања:

– Дали податоците содржани во табела 1 и нивното користење при пресметките на БДБ е случајна грешка или пак е осмислено прикажување на повисок БДП, се со цел да се има основа за повисок буџет и зголемени задолжувања како на внатрешните, така и на надворешните финансиски пазари?

– Дали прикажувањето на помали обврски при донесувањето на буџетите и програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој е случајна грешка или пак е осмислено сценарио за прикажување на помал јавен долг, повторно се со цел има основа за зголемени задолжувања како на внатрешните, така и на надворешните финансиски пазари;

Конечно, без разлика на каков одговор ќе наидеме или реформаторската врхушка едноставно како по обичај ќе ги игнорира фактите и ќе прибегне кон нова сурова пропаганда, останува нејасно кој ќе ја понесе политичката одговорност и не само неа за состојбите кои беа предмет на претходните разгледувања? Исто така, останува нејасно дали и колку вакви дубиози има во другите државни агенции и во министерствата.

Имено, последното е од особена важност, бидејќи секоја ваква и слична дубиоза резултира со тоа дека БДП е помал, а долговите се поголеми, што може да резултира со податок дека јавниот долг на Република Македонија е далеку-далеку поголем од оној кој го соопштуваат Владата, Министерството за финансии и Народната банка на Македонија.

Поврзани новости