Човекот-синоним за шверцот со цигари го возвраќа ударот

by Фокус

Фељтонот за прв пат беше објавен во август 2010 година.

За тоталитарните режими се напишани многу книги, снимени едно чудо филмови, срочени безброј коментари. Но, дека еден режим и цела една тразниција може толку пластично да се опише преку само една кривична пријава, потврдува обемното писание што Станко Суботиќ, за чие име првата асоцијација е балкански бос на шверцот со цигари, што на 19 март оваа 2010 година ја доставил до државниот обвинител на Швајцарија. Во кривичната пријава што Суботиќ ја покрена не во својата родна земја, каде што е обвинет за организиран криминал, туку во Швајцарија, чие државјанство го има и таму слободно живее, дури 23 лица, познати јавни фаци од политиката, бизнисот и медиумите на Србија, ги обвинува за злосторничко здружување, клевета, изнуда и уцена. Во овој список се политичари како Коштуница и Динкиќ, бизнисмени од калибарот на Беко и Мишковиќ, ама и новинарски брендови како Тијаниќ.

Во наредните изданија, Фокус ќе ја пренесе верзијата на Станко Суботиќ за случувањата на Балканот, пласирана преку неговата кривична пријава. Не само заради тоа што неговиот подем во бизнисот со цигари е поврзан со Македонија, туку и затоа што многу од методите кои ги практикувала власта на Милошевиќ, но, и онаа после промените, ќе ги идентификувате и кај нас. И самиот Суботиќ не случајно ќе забележи:
„Ситуацијата беше идентична во сите земји од бивша Југославија, кои ги внесоа демократските промени“!

Кривична пријава од 19-ти март 2010 година поднесена до Државниот обвинител во Женева, Даниел Запели, Државно обвинителство, ПАЛАТА НА ПРАВДАТА, 1, плаце ду Боург-де-Фоур, 1204 Зенева

Женева, 19 март 2010
Господине Државен обвинител ,

На мое жалење, Ви ја поднесувам оваа кривична тужба поради клевета (чл.156 од КЗ), дефамација (чл.173 од КЗ), изнуда и уцена ( чл.156 од КЗ), клеветнички пријави (чл.303 од КЗ) и злосторничко здружување (чл.260 од КЗ).

Повеќе од една година сум жртва на кампањата за вознемирување, т.е. клеветење, чија што крајна цел е мое уништување и одземање на мојот имот. Таа кампања започна кон крајот на 1990 година во Србија и беше организирана од страна на лица кои беа блиски на режимот на Слободан Милошевиќ, на кого секогаш јавно му се спротивставував. Тие лица, кои се наоѓаа на клучните места за време на ерата на Милошевиќ или за време на неговиот наследник Воислав Коштуница, било како судии, уредници, новинари, министри или советници на председателот, се организираа во злосторничко здружение, со цел да се елиминира секоја форма на опозиција во земјата, заради контрола за власта, присвојување на имотот од трети лица, како и располагање со јавен имот заради остварување на сопствената материјална корист!

Членовите на тоа злосторничко здружение негуваа патолошка омраза кон покојниот Зоран Ѓинѓиќ, премиер на Србија, како и кон претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Тоа здружение не престануваше да влијае на јавното мислење во Србија и во Црна Гора со помош на медиумите кои ги контролираа, повторувајќи дека Зоран Ѓинѓиќ и Мило Ѓукановиќ се поврзуваат со криминални групи во Србија и Црна Гора, во кои наводно нашле сојузници.

Бидејќи јас бев близок пријател со Зоран Ѓинѓиќ и бездруго поврзуван и со Мило Ѓукановиќ, тоа злосторничко здружение свесно пристапуваше кон организирање на огромни заговори, чија што цел беше да ме прикажат како најголем криминалец во регионот!

 

ОД ЖЕНЕВА НА ЦЕТИЊЕ!?

Во мојот обид да се ослободам од кругот кој се повеќе се стегаше околу мене, се преселив во Швајцарија во 1999 година, а живеам во Женева со мојата сопруга и со ќерката. Носител сум на авторизација за постојан престој (дозвола Ц). Мојата ќерка, пак, се стекна со швајцарско државјанство.

Криминалните напади кон мене не престанаа од тогаш и се уште сум на мета на бројни напади, кои што за цел имаат да го извалкаат мојот имиџ и да ги оправдаат одмазничките мерките кои што се превземени против мене.

Не поминува ниту една недела, а јас да не бидам на мета во некој новинарски текст или во некоја телевизиска емисија, чија што содржина е сосема лажна и клеветничка. Така, на пример, од 23-ти октомври до 29-ти ноември 2009 година, осум пати било наведено во пет различни медиуми дека наводно не само што сум шеф на тутунскиот картел во Црна Гора, туку и дека се занимавам со перење на пари од шверц со наркотици и дека сум убиец, бидејќи сум бил одговорен и за убиството на Иво Пуканиќ, новинарот кој што беше убиен во октомври 2008 година (докази 1 – 8).

Суботиќ јавно го вмешуваа во убиството на хрватскиот новинар Пуканиќ

Судењето на претпоставениот убиец на наведениот новинар започна во почетокот на февруари оваа година, но, иако апсолутно не сум опфатен во наведената кривична постапка, мене повторно ме нападнаа со истата жестокост. Од 29-ти јануари до 13-ти март 2010 година, истите тие обвинувања беа повторувани против мене и презентирани и надвор од границите на државата, бидејќи тие обвинувања се најдоа на првите страници на најголемите весници, а беа и преземани од страна на радио и телевизиските станици, чии што интернет-страници се читани од страна на поголем број на луѓе кои што живеат во странство (докази 9-18).

На 16-ти март 2010 година, господинот Небојша Медојевиќ, претседател на црногорската политичка партија „Движење за промени“ (ПЗП), гостувајќи во една телевизиска емисија која што обично ја следат стотини илјади гледачи, против мене повторно ги повтори обвинувањата кои што ги изнесе неколку дена претходно (доказ 18).

Наведе дека јас се кријам по црногорските планини во друштво на еден ноторен криминалец и дека сум избеган во една вила, која што е во сопственост на црногорската држава. Од моето живеалиште во Женева, во текот на емисијата му се јавив на водителот, кој што го прифати моето вклучување во емисијата, за да ги демантирам лажните тврдења на Небојша Медојевиќ. Реакцијата не требаше долго да се чека. Веќе на 19-ти март 2010 година излезе нов текст во весникот „Блиц“ кој што на многу детален начин ме обвини дека сум поврзан со шверцот на кокаин и дека е во тек подготовката за проширување на обвинението против мене (доказ 56).

Тие обвинувања, кои што се апсолутно неосновани, се симптоматични за механизмот на функционирање кој што моментално преовладува во земјите од бивша Југославија, каде што политичкиот систем стана тотално произволен, а правосудството се претвори во оружје на репресијата против политичките противници и поддршката која тие ја уживаат во бизнис круговите.

Како жител на Швајцарија, на ваков начин се обраќам до органите на власта на оваа земја за да излезат на крај со скандалозното однесување, чија што сум жртва, така што ќе ги пронајдат и казнат виновниците на направените кривични дела.

Оваа кривична пријава е покрената против сите лица за кои што истражната постапка ќе покаже дека учествувале во наведените кривични дела, а посебно против следниве лица:

1. Борис Беговиќ, Центар за либерално-демократски студии, 11000 Белград, Србија;

2. Милан Беко, Андреја Николиќ 23 а, 11000 Белград, Србија;

3. Раде Булатовиќ, Страхиниќ Бан, 11000 Белград, Србија;

4. Млаѓан Динкиќ, Отон Жупанчиќ 32-б, 11000 Белград, Србија;

5. Драган Јоциќ, Његошева 8, 11000 Белград, Србија;

6. Ратко Кнежевиќ, со место на живење во Хрватска, во Загреб и Лондон;

7. Воислав (Јован) Коштуница, Господар Јевремов 59, 11000 Белград, Србија;

8. Небојша Медојевиќ, булевар Свети Петар Цетински, 81000 Подгорица, Црна Гора;

9. Драги Мичовиќ, Браниќевска 13, 11000 Белград, Србија;

10. Дејан Михаилов, Шуматовачка 27, 11000 Белград, Србија;

11. Душан Михаловиќ, Маршалска 1, 11000 Белград, Србија;

12. Младен Милутиновиќ, 13 јули ББ, 81000 Подгорица, Црна Гора

13. Вукашин Волф Миниќ, Косовска 28 Белград, Србија или 3рд флоор, Нитре Цоурт Цхамберс, 4 Олд митре Цоурт, Лондон ЕЦ4ЅБРД-Обединето кралство

14. Мирослав Мишковиќ, Ужичка, 11000 Белград, Србија;

15. Љубиша Митровиќ, Булевар на револуцијата, 81000 Подгорица, Црна Гора;

16. Градимир Налиќ, Милош Зечевиќ 12, Прота Матеја 66-1, 11000 Белград, Србија;

17. Љиљана Недељковиќ, Лука Вукаљовиќ, 11000 Белград, Србија;

18. Александар Никитовиќ, булевар Зоран Ѓинѓиќ 98, 11000 Белград, Србија;

19. Слободан Радовановиќ, Немањина 24, 11000 Белград, Србија;

20. Веселин Симоновиќ, 27 март 87, 11000 Белград, Србија;

21. Зоран Стојковиќ, Трешњевска 2, 11000 Белград, Србија;

22. Александар Тијаниќ, булевар Мухаил Пупин 10 Е-2, 11000 Белград, Србија;

23. Ацо Томиќ, Кумановска , 11000 Белград, Србија.

 

НА СТАДИОН СО ЛУЃЕТО НА МИЛОШЕВИЌ

Заради подобро разбирање на контекст на наведените кривични дела, потребно е да се запознаете со хаосот кој настапи по распадот на бивша Југославија. Потребно е да се сложат коцките кои што ги наведоа членовите на злосторското здружение, се со цел да ме стават на нишан.

Заради остварување на она што им било на ум, тие луѓе беа во потрага по некој кој што беше успешен во бизнисот и финансиски моќен, активен, како во регионот на бивша Југославија, така и во странство, и некој кој се противи на режимот на Слободан Милошевиќ, така што ги поддржува демократските промени во Србија и Црна Гора.

Верувам дека сум на мета, бидејќи ги исполнував сите наведени критериуми.

Роден сум во Уб, на 9-ти септември 1959 година во работничко семејство, а израснав во Србија, каде што се образував и завршив средно економско училиште.

По завршувањето на школувањето, отидов во Париз, во 1979 година, каде што се вработив во едно атеље за висока мода во градот Сентија, кое имаше 150 вработени.

Благодарејќи на таквото стекнато искуство, се осамостоив и отворив сопствено атеље за конфекција, каде што произведував една марка на облека која што се продаваше на азурната и на баскијската обала.

Во 1990 година се вратив во Југославија, го основав претпријатието МИА и отворив две фабрики за производство на конфекција.

Паралелно со тие активности, исто така инвестирав во увоз на градежни материјали и земјоделски производи. Сите тие активности беа проверувани и контролирани од страна на Народната Банка на Југославија во согласност со законите и нормативите кои тогаш важеа.

Во 1991 година започна војната во бивша Југославија, а САД на Србија и наметнаа ембарго. Инфлацијата надмина 1.000 отсто на ден, што доведе до целосен хаос во функционирањето на фирмите. Поради значајната девалвација на српската валута, беше невозможно да се вршат меѓународни трансакции во девизи, што доведе до примена на системот на бартер аранжмани, кои многу брзо го заменија плаќањето со пари.

Кризата и мене ме зафати со сета сила, па, со оглед на големиот број на работници чија што економска егзистенција беше загрозена, Министерството на финансии на Југославија му дозволи на претпријатието МИА со седиште во Уб, во Србија, да врши наплата за извезената стока во цигари, кои беа испорачувани од страна на една македонска компанија. Потоа добив дозвола за отворање на продавница, која се наоѓаше во безцаринска зона, во која се продаваа цигарите кои што беа така добивани (доказ 19), како и магацин за увезената стока која што не потпаѓаше под царински режим (доказ 20).

На тој начин започнав да тргувам со цигари и со тоа се занимавав десеттина години.

Во текот на тој период, војната беснееше на Балканот, а посебно беше подгревана од страна на Слободан Милошевиќ, чиј режим се стекна со злосторничка репутација поради бројните сторени воени злосторства.

Секој начин беше добар за финансирање на војната, а еден од тие начини беше уценување на луѓе кои беа финансиски моќни. Бидејќи бев влијателен бизнисмен, со успешна репутација, јас бев контактиран од страна на претставниците на режимот.

1995 Суботиќ го запознава Ѓинѓиќ

Во текот на еден фудбалски натпревар на стадионот на ФК Партизан во 1994 година, му бев претставен на Радован Стојичиќ, кој што беше началник на Службата за јавна безбедност и заменик-министер за внатрешни работи на Србија, како и на Јовица Станишиќ, кој беше началник на Службата за државна безбедност.

Во тоа време, тој вид на познанства, случајни само на прв поглед, беа всушност честа појава и беа организирани од страна на началникот на полицијата и на државната безбедност.

Истата година се запознав и со Милорад Вучелиќ на границата на Србија со Бугарија. Тој во тоа време беше генерален директор на српската радио-телевезија и шеф на парламентарната група на партијата СПС на Слободан Милошевиќ. Господата во тоа време беа меѓу најмоќните луѓе во Србија.

На почетокот на 1995 година, на една забава кај Милорад Вучелиќ, на која што секако беа присутни и Јовица Станишиќ и Радован Стојичиќ, го запознав и Зоран Ѓинѓиќ, лидерот на Демократската партија и еден од главните опозиционери на Слободан Милошевиќ.

Јовица Станишиќ, Радован Стојичиќ и Милорад Вучелиќ знаеја дека јас, после толку години работа поминати во Европа, бев поддржувач на демократските структури и на напорите на српската опозиција против автократската власт на Слободан Милошевиќ. Тие самите, исто така, беа незадоволни од тогашната политика на Слободан Милошевиќ, бидејќи сфатија дека таа политика нема иднина и сметаа дека Зоран Ѓинѓиќ може да биде носителот на демократските промени во Србија.

 

ПРВАТА ПОМОШ ЗА ЃИНЃИЌ

И, после се, Милорад Вучелиќ тогаш беше сменет од сите негови функции, па поради тоа сакаше да му се одмазди на Слободан Милошевиќ.

Од тие причини, Милорад Вучелиќ бараше од мене финансиски да му помогнам на Зоран Ѓинѓиќ и на неговата политичка партија, зборувајќи ми дека така ќе придонесувам за демократските промени кои со голема желба се очекуваа.

Таа иницијатива од страна на Милорад Вучелиќ беше одобрена и од страна на Јовица Станишиќ и Радован Стојичиќ, кои и тогаш сеуште беа многу моќни.

Покрај помошта за Демократската партија, ми беше барано, исто така, да му помогнам и на самиот Милорад Вучелиќ.

За возврат, ми беше понудено да отворам продавница и магацин на безцаринската зона во Србија, на граничниот премин Генерал Јанковиќ, иста таква, каква што веќе имав веќе отворено и во Бар, во Црна Гора (доказ 21 и 22).

Ја прифатив таа понуда и отворив продавница на српско-македонската граница, бидејќи сметав дека таа иницијатива ќе има економска смисла и дека тоа ќе ми овозможи финансиски да им помогнам на Зоран Ѓинѓиќ и на Милорад Вучелиќ.

Меѓутоа, набрзо по отварањето на таа продавница, сфатив дека апсолутно нема да бидам слободен да ја водам работата како што јас сакав и дека со тоа станав предмет на изнуда и уцена, бидејќи бев приморан да ја водам работата врз основа на примените инструкции.

Имав обврска да работам исклучиво со Комерцијална банка, а директорот на истата, Љубо Михајловиќ, ми издаваше дозволи за трговија со цигари.

Начинот на работа беше следниов: секој месец, Сојузната управна царина ми издаваше дозвола да увезам одредена количина на стока, а банката на таа основа ми издаваше дозвола за изнесување на девизи од земјата во готово. Парите беа изнесувани во готово и беа уплатувани на сметка на моите компании во странство, кои беа користени за плаќање на стоката на добавувачите. За таа услуга, Комерцијална банка земаше провизија од 25.000 ДЕМ по контејнер увезена стока, а парите лично му ги доставував во готово на Љубо Михајловиќ.

Согласно договорот, исто така финансиски му помагав и на Милорад Вучелиќ. Во 1996 година, после избувнувањето на големиот протест поради изборната кражба, му предадов износ од 2.000.000 ДЕМ. Таа трансакција беше направена во просториите на продуценската куќа за филмови и издаваштво „Комуна“ каде што Милорад Вучелиќ беше вработен, во присуство на Макс Чатовиќ, кој што беше директор на компанијата. Парите беа наменети за Демократската партија (ДС).

Проблемите почнале по отворањето на продавницата на српско-македонската граница

Некое време после тоа, повторно бев контактиран од страна на Радован Стојичиќ, Милорад Вучелиќ и Јовица Станишиќ, кои од мене бараа на државата да и доделам кредит од 20.000.000 ДЕМ. Бидејќи не бев во можност да ја доделам таквата помош, ги одбив и ги советував да му се обратат на Вања Бокан, кој беше мојот најголем снабдувач на цигари.

Тој се согласи да им даде на заем.

Тоа прво одбивање од моја страна ја означи пресвртната точка што се однесуваше на мојата ситуација. Иако Радован Стојичиќ, Милорад Вучелиќ и Јовица Станишиќ продолжија да одржуваат коректен однос со мене, заклучив дека се дистанцираат од мене и дека бизнис климата се менува малку по малку.

Пролетта 1997 година, Радован Стојичиќ беше убиен во еден белградски ресторан.

Истата година, во текот на моето престојување на еден брод со Милорад Вучелиќ, мојот стан и продавница, кои се наоѓаа во безцаринската зона, како и моите канцеларии во Беград, Уб и Мургас, беа претресувани. Иако претресот беше спроведуван од страна на полицијата, неговото извршување беше направено целосно спротивно на правилата на процедурата, бидејќи претресот не бил одобрен од страна на судија и на суд, а и обвинителот не бил информиран за направениот претрес.

Полицијата ми заплени бројни документи без доставување на било каков список на одземениот материјал, освен според индикациите дека беа одземени повеќе стотини страници на документи. Полицијата, исто така, не ја соопшти причината за интервенцијата, назначувајќи притоа дека и е наложено да собере докази, но, со тоа полицијата не наведе дека се води било каква постапка против мене.

 

МАМА МИРА ГО ЧИСТИ ТЕРЕНОТ ЗА СИНОТ МАРКО

Ниту Милорад Вучелиќ, ниту, пак, Јовица Станишиќ беше во состојба да ми каже кој дал наредба за претресот, иако ми дадоа до знаење дека жената на Слободан Милошевиќ, Мира Марковиќ, сака да ме исфрли од бизнисот со цигари, и да му овозможи на својот син Марко да се занимава со тоа, за да има апсолутен монопол над таквите активности.

После незаконската постапка, мојот адвокат, Радослав Тадиќ, поднесе тужба, што придонесе режимот на Слободан Милошевиќ да покрене две кривични истраги против мене, во обид да ги оправда превземените мерки. И двете истраги беа отфрлени од страна на обвинителот.

Паралелно со тие истраги, режимот на Слободан Милошевиќ започна да шири лажни гласини за убиството на Радован Стојичиќ, наведувајќи дека убиството е врзано за шверцот со цигари и дека јас стојам зад тоа убиство.

Тогаш започнав сериозно да се плашам за безбедноста на моето семејство, па, во текот на 1997 година одлучив да ја напуштам Србија и да се преселам најпрво во Париз, а потоа во Женева, каде што живеам и денес.

Врз основа на изнесеното, јасно се гледа дека јас сум жртва на кампања за уцена и клевета, која започна уште во 1990 година, во времето на режимот на Слободан Милошевиќ и која од тогаш се уште не е престаната.

Таа кампања е заснована врз лаги, на кои им е даден привид на вистина, така што тие лаги беа ширени од страна на бивши раководители на полицијата и обвинителството.

Ниту една од тие лаги никогаш не е докажана, и тоа со причина, бидејќи моето работење во моите компании секогаш беше вршено на регуларен начин во согласност со законите.

Целта на моите противници во исто време беше од политичка и економска природа. Од една страна, тие сакаа да ме уништат поради мојата поддршка на демократската опозиција, додека, од друга страна, сакаа да ги преземат моите бизниси, бидејќи беа прифитабилни, како и поради тоа што беа љубоморни на мојот деловен успех.

Сакале да го уништат поради поддршката на демократската опозиција

На 27 мај 1999 година, Слободан Милошевиќ беше обвинет од страна на Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија (МКСЈ). Тоа обвинение доведе до забрзување на падот на режимот на Милошевиќ, кој беше симнат од власт после изборите на 24 септември 2000 година и масовниот излив на народното незадоволство кое потоа следуваше.

После поразот на изборите, Социјалистичката партија на Милошевиќ

(СПС) местото и го отстапи на Конзервативната партија (ДСС), која ја предводеше Воислав Коштуница, кој беше поставен на чело на српската држава.

На 25 јануари 2001 година, партијата на Воислав Коштуница, кој стана претседател, загуби на изборите на кои победи Демократската коалиција (ДС) под раководство на Зоран Ѓинѓиќ. Потоа тој беше избран за претседател на владата и набрзо формираше своја влада.

Владата, пак, која што беше формирана после падот на Слободан Милошевиќ, беше коалициона, а ја сочинуваа голем број на политички партии, меѓу кои се наоѓаа голем број на поддржувачи на Слободан Милошевиќ, кои формираа своја партија во моментот кога почувствуваа дека се наближува крајот на стариот режим и на тој начин се најдоа себеси во новата влада.

Значи, и покрај победата на Демократската партија, корупцијата продолжи да ја нагризува владата, бидејќи истите корумпирани функционери кои беа присутни и за време на ерата на Милошевиќ, успеаја да дојдат на значајни позиции и во новата раководна гарнитура.

Токму тие лица успеаја да предизвикаат поделба во коалицијата на власт и помеѓу двете политички најсилни лица, Зоран Ѓинѓиќ и Воислав Коштуница.

Од самиот почеток на својот мандат, Зоран Ѓинѓиќ јасно ја истакна желбата да се дистанцира од претходниот режим. Од тие причини, тој издејствува апсење на бившиот шеф на разузнавачката служба на Слободан Милошевиќ, апсење на повеќе бивши министри, како и апсење на самиот Слободан Милошевиќ на 1-ви април 2001 година.

После испораката на Слободан Милошевиќ на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој го бараше поради обвиненијата за направените воени злосторства, членови на стариот режим кои беа дел од новата влада сфатија дека им чукна судниот час и дека мораат брзо да реагираат, доколку не сакаат да се најдат на следната листа на уапсени.

YUGOSLAVIA FILES STANISIC

Поддршка за тоа добија во кабинетот на Воислав Коштуница. Пред се, тој многу брзо се дистанцираше од опозиционото движење, кое, пак, го доведе на власт и започна да ја применува политиката на континуитет во однос на претходниот режим. Заради привлекување на гласови од бившите поддржувачи на Слободан Милошевиќ, Воислав Коштуница ги негираше воените злосторства, одбиваше да го признае хашкиот трибунал и се откажа од прогонувањето на виновниците за кривичните дела кои беа направени во текот на деведесеттите години.

Воислав Коштуница со тоа уживаше голема поддршка околу себе, бидејќи неговиот кабинет беше составен од луѓе кои беа бивши поддржувачи на режимот на Милошевиќ.

Поради таа политичка ориентација, владината коалиција се распадна, што како последица го имаше политичкото разединување помеѓу Воислав Коштуница и Зоран Ѓинѓиќ.

 

КОШТУНИЦА КАКО МИЛОШЕВИЌ ЛИГХТ

Како резултат на тоа, на почетокот на 2001 година, Коштуница беше официјално претседател и дел од владејачката елита, но, во реалноста, тој се бореше против нив, а негова главна цел беше Ѓинѓиќ и членовите на неговата партија.

Набргу после тоа, едно друго недоразбирање се појави помеѓу Зоран Ѓинѓиќ и Воислав Коштуница во врска со специјалните едници на српската полиција, познати под името „Црвени беретки“. Во текот на летото 2001 година, „Црвените беретки“ дигнаа бунт во кругот на полициските сили, притоа одбивајќи да се почитуваат наредбите на претседателот на владата Зоран Ѓинѓиќ, да се уапсат воените злосторници кои беа барани од страна на МКСЈ. Повеќе од една недела, таа единица на специјалните сили ја парализираше Србија, така што ги блокираше главните патни правци. Искажаното непријателство од страна на „Црвените баретки“ кон Зоран Ѓинѓиќ наиде на поддршка од страна на Воислав Коштуница, кој донесе одлука командувањето на таа единица да се пренесе на министерот за внатрешни работи Душан Михајловиќ, кој беше помалку наклонет кон реформирањето на земјата од председателот на владата.

Воислав Коштуница постојано и систематски бараше начин како да ја дискредитира репутацијата на претседателот на владата, со јасна желба дека сака да го симне Зоран Ѓинѓиќ од челното место во владата . Со таа цел започна да го обвинува за сите видови на криминал, ставајќи до знаење дека владата наводно е блиска со „лигата на криминалците“.

Меѓутоа, народот не беше наивен, туку, после цела една деценија војување и сиромаштија, сакаше вистински промени. Од тие причини, народот не беше подготвен да ги проголта будалаштините кои им ги сервираше партијата на Воислав Коштуница.

Придружбата на Воислав Коштуница прибегна кон други начини на делување и набрзо побара помош од агенти кои беа инфилтрирани меѓу новинарите.

Заради подобро разбирање на механизмот кој се примени во пролетта 2001 година, треба да се потсети дека за времето на ерата на Милошевиќ, три производи беа главни во економијата: горивото, алкохолот и цигарите. Луѓето кои заработија милиони благодарејќи на овој тип на активности, логично е дека не сакаа да ги загубат своите привилегии, па се спротивставија на сите мерки кои беа превземани од страна на владата на Србија, се со цел да се уништи шверцот на тие производи.

Ситуацијата беше идентична во сите земји од бивша Југославија кои ги внесоа демократските промени.

Синот на Милошевиќ, кој беше главен набавувач на тутун за црниот пазар кој тогаш се развиваше

Меѓу големите губитници на политичките промени се наоѓаше Хрватската компанија – Творница Духана Ровињ (ТДР), која што имаше привилигирана позиција во Србија за времето на ерата на Милошевиќ. Бидејќи беше активна во производството на тутун, таа компанија поседуваше и дозвола за дистрибуција на марките Филип Морис.

Компанијата работеше со синот на Слободан Милошевиќ, кој беше главен набавувач на тутун за црниот пазар кој тогаш се развиваше.

Плашејќи се од последиците на промената на режимот, раководителите на таа компанија потрошија огромни износи на пари, за да купат весник и со помош на агент-новинар, кој припаѓа на воената контра-разузнавачка служба (КОС), да направат голема медиумска кампања која е позната по името „Тутунска афера“.

Иво Пуканиќ тогаш беше сопственик и главен уредник на хрватскиот неделник „Национал“, а, исто така, и личен пријател на сопственикот на ТДР, Анте Влаховиќ. На 7-ми април 2001 година е објавен нарачаниот напис, во кој ме обвинија за сите злосторства направени на Балканот во текот на деведесеттите години, како и за шверц со тутун во тоа време.

Написот, всушност, беше одмазда на трговците со цигари кои беа губитници, а, секако, тоа им послужи и како алиби на вистинските шверцери, кои се плашеа од отварање на судски постапки од страна на Европската унија.

Таа публикација излезе во исто време кога се случи апсењето на Слободан Милошевиќ на 1-ви април 2001 година, кое беше спроведено по наредба на председателот на владата Зоран Ѓинѓиќ , така што нема сомневање дека целта на таа кампања, исто така, беше да се дискредитира репутацијата на претседателот на владата Зоран Ѓинѓиќ, на кој што јас му бев главна поддршка.

Бидејќи одржував пријателски односи не само со Зоран Ѓинѓиќ, туку и со Мило Ѓукановиќ, претседателот на владата на Црна Гора и политички противник на Воислав Коштуница, јас бев идеална мета во таа медиумско-политичка војна, започната од страна на Восилав Коштуница и неговата придружба. Во тој политички контекст започна таа страшна и моќна кампања во која и ден-денес сум жртва.

Меѓутоа, вирулентната кампања не беше доволна да го симне Зоран Ѓинѓиќ од власт, па неговите противници одлучија да го убијат, што и беше направено на 13-ти март 2003 година.

Смртта на Зоран Ѓинѓиќ и овозможи на партијата ДСС, чиј што лидер беше Воислав Коштуница, да се врати на власт. Така, после изборите на 3-ти март 2004 година, Восилав Коштуница беше избран за претседател на владата на Србија, додека неговиот партиски колега Драган Јоциќ беше поставен на челното место во Министерството за внатрешни работи!

(Продолжува наредната сабота)

Поврзани новости