Еве веќе подолго време како претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се глуми себеси од времето кога беше премиер.Тој апсолутно и целосно ја игнорира стварноста дека не е веќе премиер, сигурен во тоа дека треба да продолжи таму каде што застанал пред да биде разрешен од функцијата, 100 дена пред изборите. Небитно е од кога течат тие 100 дена зашто тоа е само на хартија. Депонираната оставка е за него формална работа зашто тој и со неа и без неа е премиер. Фрла лопати, отвора фабрики, најавува нови проекти за млади додека на екраните на неговите телевизии се зумира неговата цинична насмевка во аголот на устата, говорите кои по обичај ги чита се идентични со претходните. Илузијата треба да им се продаде на граѓаните. Тој бил, е, и ќе биде премиер, нивниот премиер, народен човек, иако ненароден елемент. Гега од една локација на друга, чита, подзастанува, греши, прескокнува, веројатно пцуе во себе околу некој збор што му го подметнале во говорот што претходно не си го прилагодил на себе зашто не го ни прочитал.
Убаво го подучиле дека треба да се однесува како ништо да не било. Снег бела кошула, нова вратоврска, и напред, се прави наудрен и се глуми себеси од времето кога беше премиер. Речиси е истиот, ако не и ист. Истото го ветува, исто и лаже, исто обвинува. За да нема застој продолжува со блиндирање на зградите по Скопје и одвреме-навреме пушта по некој свој екстремитет да објави, на пример, дека нема да има нова Универзална сала. Никој не помисли дека тие ќе ја фасадираат и Универзална, стопати поубаво решение од кинеското јајце што тука требаше да биде снесено. Таков модернизам не им е потребен на луѓето кои од модерната познаваат само една монтажна катна гаража во црвена боја.
Кажано му е и нагласено дека во ниеден момент машината не смее да запре, спрегата власт, членство, медиуми треба да ја креира сликата за вечните владетели и оние другите на кои народот во април ќе им пресуди. Уште една мантра што ја мантра, без разлика на тоа што не е договорен датум за избори. И тоа го повторува како папагал, народот ќе испорача уште дна казна на 24 април, па пак од почеток. Сѐ е со една намера, во која се вкомпонирани неколку дека тој е премиерот и дека нема зошто во овој меѓупериод да не се глуми себеси од порано, кога на 24 април пак ќе биде избран. Сѐ е само форма. Дури и на тие што се нарекуваат медиуми им е кажано да се плеткаат со јазикот кога треба да се најави претседател на партија наместо премиер, кој на ист начин во преполните сали со полукрената рака со испружена дланка поздравува и отпоздравува. Нема кој да притисне копче за стоп и да го потсети која година е, што се случува, да го седне и да му ги каже најновите вести, меѓу кои е и таа дека тој не е премиер и дека изборите не се закажани за 24 април. Кажано му е и тие што го снимаат, медиуми да ги нарекува, и за европски закон да зборува, без разлика што нема медиуми. Луѓето треба да се фаќаат на невнимание. Нема овде филозофи, ниту има осуденици како Сократ кои ќе му кажат некое пророштво на човекот што се глуми себеси од минатото. На пример дека кога ќе се фрли еден поглед кон иднината, ќе може да му се прорече судбината. Тој, Сократ би му кажал дека се наоѓа веќе таму каде што луѓето најмногу стануваат пророци кога стојат пред вратата на смртта. Да му се обрати како на човек кој со осуда многумина ги уби и да му каже дека нарачателите ќе ги стигне многу поголема казна од онаа со која народот тивко се убивал. Зашто кога ќе се ослободиш од еден на кој треба да му поднесуваш сметки за она што го правиш, ќе се намножат тие што ќе бараат сметка, колку се помлади, толку ќе се поопасни. Зашто со отстранување луѓе не се одвраќаат други што ќе приговараат дека се живее расипан живот и животот на недолжни луѓе им го расипува.
И навистина, странците не треба да се трудат околу баланс на информациите во медиумите. Тоа што на екранот нема да пишува дека Македонија е сурова држава, нема од Македонија да направи подобра земја. Тоа што на телевизија нема да кажат дека Груевски лаже, нема од него да направи вистинољубив човек.
И утре кога ќе бидат презакажани изборите за друг датум, тој пак ќе повторува дека ќе бидат на 24. Така го подучиле, да се прави наудрен, кој и што да зборува, тој да си го зборува своето. Дури и кога ќе дојде и пројде 24 април, а избори нема да има, тој ќе праша: кому му верувате, мене или на сопствените очи.