Уште на почетокот на фукнционирањето на Анкетната комисија за прислушување настанаа несогласувања меѓу членовите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Членовите од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека предлог текстот за Деловникот на работење не го добиле на своите е- маил адреси и дел од нив не знаеле дека до денеска треба да се произнесат доколку имаат забелешки.
-Предлог-Деловникот е доставен без кој било член на Комисијата да биде консултиран, пред да се одржи оваа седница. Сметаме дека е многу подобро доколку вие како претседател на Комисијата претходно најдовте за сходно да направите неформални консултации со пратеничките групи за да можеме да имаме усогласен настап и да можеме веќе кога ќе одржиме седница да бидеме поблиску до остварување на целта, рече Антионио Милошоски од ДПМНЕ.
Тој додаде дека неговата партија има сериозен интерес и сака да дознае кој прислушувал, во кој временски период, дали имал овластувања, во кој обем, зошто ги нарушил човековите права и во чиј интерес тоа го направил.
Претседателот на Комисијата. Петре Шилегов, тврдеше дека текстот од Деловникот за работа е испратен на е-маил адреси на членовите уште пред 5 дена, а ваквото однесување на членовите од ДПМНЕ го нарече несериозно и обид за да се опструира работата на Комисијата.
-Жал ми е што морам да констатирам дека за мене ова што се случува денеска не е неочекувано сценарио,ова е едно од сценаријата кои ги калкулирав како полоши за почнување на работата на Анкетната Комисија. До денешен ден ниту на е-маил адресата, ниту до мене лично од вас не ми беше доставена никаква забелешка, уште повеќе што дента кога е пратена ова е-маил адреса во попладневните часови ви беше испратена и официјалната покана, рече Шилегов.