ФРОДЕМ и Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ ја формираа првата фракција во партијата. Како што велат, нивната цел е да и помогнат на партијата да ја врати препознатливоста како партија на македонско национално и граѓанско единство.
Според членови на оваа фракција, новото наметнато, како што велат, раководство се уште е во закрила на поранешни партиски функционери.
-Од тоа нема ништо. Доказ е последниот конкурс за избори на претседатели на општинските комитети на партијата по сосема ист терк како сите досегашни – изјави Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.
Тој испрати порака до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не дозволуваат, како што рече, ДУИ и СДСМ и понатаму да го девалвираат Собранието.
-Со сите сили и демократски средства бараме да го спречат идното и понатамошно незаконско дејствување на оваа коалиција на власт. Не смеат да дозволат да се погазува основното право на пратениците да учествуваат во расправата по основ на Законот за употреба на јазиците и поднесување на амандмани – додаде тој.
Во фракцијата членува и Ѓулистана Марковска, пратеничка до првиот парламентарен состав на ВМРО-ДПМНЕ. Таа јавно побара од Мицкоски да го промени статутот на партијата како би се овозможило незадоволни членови да можат да дејствуваат како фракција.
-Ние сме членови на ВМРО-ДПМНЕ, не сакаме да нè третираат како друга политичка партија, но бараме нашиот глас да се слушне. Зад ова стојат многу повеќе луѓе, па и членови на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Бараме партијата да се врати на основните изворни принципи, и ВМРО-ДПМНЕ да остане силна партија како што беше од своето формирање до денес – рече Марковска.
Тие ги повикаа и пратениците од опозицијата да си поднесат оставки од функцијата ако парламентарното мнозинство одлучи да не се гласа по поднесените амандмани за законот за јазиците.