Блупринт групата за реформи во правосудството го повика претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски во името на Советот да се произнесе за ставот на Советот во однос на дискусијата водена од страна на членови на Советот на Јавни обвинители на седницата одржана на 11 ноември 2022 година, а на која биле упатени навреди за претставниците од граѓанското општество, професионалци во правната професија и функционери.
-Имено, на 69-тата јавна седница на Советот на Јавни обвинители, одржана на 11 ноември 2022 година, на која присуствуваа и претставници од организациите членки на Блупринт групата за реформи во правосудството, а кои редовно ја следат работата на Советот на Јавни обвинители (под точка разно од Дневниот ред), од страна на членовите на Советот беше отворена дискусија за јавните реакции на стручната јавност, правните експерти и граѓанските организации за спроведувањето на изборот на Основен Јавен обвинител на ОЈО ГОКК.
Во рамките на дискусијата, еден од членовите на Советот во неколку наврати упати навреди кон Блупринт групата и граѓанското општество во целина, при што се обиде навредливо да ја дискредитира работата на организациите од Блупринт групата. Од дискусија на овој член на Советот која содржеше неаргументирани несогласувања со јавно споделениот став на Блупринт групата за недоволната транспарентност во процесот на избор на Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК, најмногу загрижува неговиот став и намера да укаже дека граѓанските организации не треба воопшто да даваат мислење во јавноста за работата на Советоти дека истите се под политички влијанија и критиките упатени кон Советот се со намера за рушење на неговиот кредибилитетот. Оваа дискусија не беше спречена од страна на Претседателот на Советот на Јавните обвинители ниту од друг член, а уште позагрижувачки е дека не беше ниту изолирана. Имено, во продолжение на дискусијата од страна на друг член на Советот беше истакнато дека ставовите искажани од нивниот колега за Блупринт групата се ставови и на Советот.
Веднаш по завршувањето на седницата, Блупринт групата испрати писмо до г. Јолевски како Претседател на Советот на Јавните обвинители со барање во најкус рок да се произнесе дали искажните ставови на двајцата членови се став на Советот или се лични ставови на членовите на Советот, се вели во соопштението на Блупринт групата.
Оттаму бараат Јолевски во името на Советот на Јавните обвинители да се произнесе по барањето на Блупринт групата за реформа на правосудството и притоа јавно да се огради од ставовите искажани од двајцата членови на Советот против граѓанското општество и да побара од нив да се извинат за навредите упатени кон претставниците на граѓанките организации и кон сите останати кон кои биле упатени навредите и дискредитациите.