Чифлиганец: Тоа што е добро во градежниот сектор треба да се задржи, а во соработка со институциите, проблемите да се решаваат

by Fokus

Приказната во градежништвото не е завршена, таа ќе продолжи да се развива. Градежниот сектор е моторот на македонската економија и овој тренд треба да продолжи, истакна Ванчо Чифлиганец, на денешната седница на Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија, на првата средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Тоа што е добро во градежниот сектор треба да се задржи, а проблемите да се решаваат. Само со заедничка соработка меѓу бизнисот, Владата, Собранието и општините, може да се надминат присутните слабости во овој важен сектор за македонската економија. Има повеќе прашања за кои треба отворено да се разговара. Надминувањето на слабостите во Законот за градење и Законот за јавни набавки се најважни за домашните компании. Проблемите со кои се соочуваме ние градежните компании и забелешките што ги имаме, треба да ги доставиме до коморите и здруженијата на усогласување, по што тие треба да се испратат до Министерството за транспорт и врски – истакна Чифлиганец.

Според него, бизнисот мора да учествува во носењето на законските и подзаконските решенија, од идејата до нивното изгласување во собраниските комисии и во надзорот при нивното спроведување во практиката.

– Неопходни се и измени на Законот за јавни набавки со кои домашните инвеститори ќе бидат рамноправни со странските компании, ќе имаат еднаков третман на тендерите. Не може градежна фирма без ниту еден вработен да опстојува на пазарот и да добива тендер, тоа е надвор од секаква професионална логика“, изјави проф. д-р. Ванчо Чифлиганец, генерален директор на „Адора инженеринг – додава Чифлиганец. 

На првата седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни матријали и неметали при Стопанската комора на Македонија со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, бизнисмените отворено дискутираа за проблемите во градежниот сектор.

Министерот Сугарески порача дека компаниите ќе имаат отворен пристап во министерството за сите идеи,  размислувања и сугестии, со цел унапредување на бизнис климата и условите за работа на домашните компании.

Поврзани новости