Четврти случај на корона вирус кај дете во градинка во Неготино во рок од две недели!

by fokus

Дете на возраст од една година кое посетувало градинка во Неготино е позитивно на Ковид-19. Изолирани се седум деца и три од вработените во градинката, а извршена е дезинфекција и се преземени сите мерки на заштита, информираат до ЦЈЗ Кавадарци.

Ова е четврти случај на инфицирано дете во градинка во градот. Минатата недела имаше позитивен случај кај дете на возраст од три години, по што беа изолирани 13 деца од групата и две негувателки, а една недела пред тоа, беа регистрирани како позитивни две деца на возраст од две и три години.

Денес во градот има девет нови случаи на корона вирус, а уште резултати се очекуваат во тек на денот. Инфицираните се на возраст од една до 64 години, и ги има од сите профили, пензионери, невработени, вработени во мали приватни фирми, но и во поголеми странски фабрики.

Во Кавадарци пак, денес има 18 нови случаи, лица на возраст од 21 до 73 години. Поради компликации, хоспитализирани се две лица, на возраст од 21 и 63 години, на Ковид-19 одделението во кавадаречката болница.

Директорот на болницата, д-р Диме Коцев, вчера за ,,Фокус” изјави дека се повеќе млади лица се хоспитализираат поради потешки симптоми и апелираше на максимално почитување на мерките за заштита.
Во Росоман денес има еден случај, позитивно е лице на возраст од 22 години.

Во Кавадарци моментално има 214 активни случаи, а од почетокот на пандемијата се инфицираа 490 лица. Во Неготино активни се 80 случаи, а од почетокот на пандемијата се инфицираа 147 лица.

Под Кавадарци спаѓаат и случаите од Општина Росоман, а под Неготино случаите од Демир Капија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости