Четврти обид за старт на судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

by fokus

За денеска во Основниот суд во Тетово е закажан четвртиот обид да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година. Судијата Јордан Велковски на последното рочиште го одложи судењето откако адвокатот на еден од обвинетите Бобан Вучески не бил присутен.

Причина за одлагањето беше и тоа што другите адвокати побараа освен увид да имаат и препис од доказните материјали.

Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.

Судењето почна откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предлог. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.

Поврзани новости