Четворица ученици се меѓу уапсените по свирепото убиство на наставникот во Париз

by Fokus

Француските власти досега приведоа 15 лица за обезглавувањето на наставникот Самуел Пети од предградие на Париз, а меѓу нив има и четворица ученици.

Сомнежите се дека учениците веројатно му помогнале на убиецот покажувајќи му каде се движи и како изгледа наставникот.

Меѓу уапсените има и четворица членови на семејството на убиецот, кој беше идентификуван како 18-годишен Чеченец. Има и еден татко на дете кое учи во училиштето каде што предавал Пети, како и еден исламски радикалист познат на полицијата.

Момчето кое е идентификувано како извршител на убиството почина откако беше застрелано од полицијата.

Тоа го обезглави наставникот Самуел откако на час по историја на учениците им покажувал карикатури од пророкот Мухамед.

Свирепото убиство, кое се случи во петокот во предградие на Париз, ја шокираше Франција. Илјадници Французи во неделата во повеќе градови излегоа на протести за солидарност со наставниците испраќајќи порака дека наставниците не сакаат да бидат убивани затоа што си ја вршат работата и ги учат децата на слобода на говор и изразување.

Убиството ја потресе и европската јавноста, а Европскиот парламент ја почна пленарната седница со минута молчење во знак на оддавање почит на убиениот наставник.

-Со многу емоции, Ви предлагам една минута молчење за Самуел Пети, за сите жртви на тероризмот и за оние кои секојдневно се борат против него преку својата професија, рече претседателот на ЕП, Давид Сасоли, во присуство на неколку европратеници со оглед дека седниците претежно се одржуваат онлајн.

Поврзани новости