Британското јавно обвинителство објави дека подигнало обвинение за четворица мажи за кражба на тоалетна школка од 18 каратно злато, пишува The Guardian.
Целосно функционалната цврста златна тоалетна школка, наречена Америка, е уметничко дело на италијанскиот уметник Маурицио Кателано и беше изложена во 2019 година во палатата Бленхајм, Оксфордшир, родното место на Винстон Черчил во Англија.
Таа била изложена само два дена пред да биде украдена, а кражбата предизвикала поплави и голема штета на прекрасната куќа од 18 век, која е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Со тежина од 100 килограми, уметничката инсталација се проценува на 6 милиони долари. Се наоѓаше во една од низата бањи во палатата, каде што посетителите можеа да закажат триминутен термин за да го користат.
Веднаш по кражбата полицијата уапсила двајца осомничени, а подоцна уште тројца. На крајот, според собраните докази обвинија четири лица.
Крадците ќе се појават на суд кон крајот на месецов. Полицијата за Би-Би-Си изјави дека голем дел од златото веројатно веќе е стопено.
Златната школка за првпат беше изложена во музејот Гугенхајм во Њујорк во 2016 година. Се наоѓаше во бањата на петтиот кат од музејот, а посетителите можеа да го користат како и секој друг тоалет. Сто илјади луѓе чекаа на ред да го искористат.