Четирите тела на киднапираните Македонци веќе цела деценија лежат во фрижидерите на судска медицина!

by Фокус

Текстот е објавен на 10-ти август 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 893

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Дали поради мир во коалицијата ДУИ – ВМРО-ДПМНЕ предметот за 12-те киднапираните Македонци од тетовскиот крај од воената 2001 година, формално заврши со амнестија, се зафрли во нечија фиока и никој нема храброст да праша што се случи со луѓето или уште подиректно, на сите им е јасно дека тие се убиени, но зошто никој не кажува – каде?

Семејствата на киднапираните Македонци кои беа чести гости пред владините и собраниските врати, дадоа некоја изјава по изгласување на амнестијата за таканаречените хашки случаи, и се се стивна. Зошто никој не се осмели, онака како што не учат владините кампањи, да праша каде се закопани телата на киднапираните Македонци. Зошто сега кога е јасно дека случаите се затворија барем пред македонските судови, оти според меѓународното право ова дело не застарува, никој не праша и не искамчи одговор за локацијата на која се убиени и закопани?

Иако сите, кои од 2001 година работеле на овој случај, тврдат дека точно се знаат локациите каде се закопани Македонците, никој нема храброст да нареди ниту акција и да се отворат гробниците во кои се закопани, па нека биде тоа макар и дел од формалната судска постапка која тетовскиот суд ја почна со тогашната истражна судијка Александра Зафировска, сега претседателка на Судскиот Совет, ама за која постапка од се што сработи е само губење на документите и комплетниот предмет, досието за исчезнатите.

Сѐ што се направи за овој случај е акцијата во Требош, во ноември 2001 година, каде што беа пронајдени остатоци од четири тела и еден подоцнежен обид да се копа кај кампот во Непроштено и толку. Повеќе од 10 години никој не направил поголем напор да ги провери оперативните полициски информации за точноста на локациите, па и информациите за сторителите, иако се тврди дека точно се знаат и извршителите, а кои, според повторно оперативните сознанија, не биле опфатени со обвиненија и постапките во т.н. Хашки предмети.

Посебно сега, кога полицијата го отвори досието за убиството на Марјан Тушевски, кое се случи во истата конфликтна 2001 година, не е лошо да се расчисти прашањето и за судбината на киднапираните Македонци од тетовскиот крај.

Но, она што е уште пошокантно, во фрижидерите на Институтот за судска медицина веќе 10 години стојат остатоците од телата на четворица од киднапираните Македонци кои беа откриени во гробницата кај Требош и беа идентификувани, но нивните семејства одбиваат да ги подигнат. „Фокус” пишуваше на ова тема и изминатите години, токму пред ваквите поводи, одбележување на годишнините од потпишување на Рамковниот договор или убиствата на војниците и резервистите кај „Карпалак” и „Љуботен”, но и покрај ветувањата на роднините дека ќе ги преземат остатоците, тие и натаму се на Судска медицина.

РОДНИНИТЕ ЧЕКААТ ОДГОВОРИ

Семејствата на исчезнатите Македонци, прво велеа дека не го признаваат резултатот од ДНК анализите што го правеше лабораторијата на МАНУ, а се потврди и од Институтот во Тузла, БиХ, за подоцна да се надеваат дека државата ќе ги открие сите исчезнати, па ќе можат достојно да ги погребат нивните блиски, и да не доживуваат трауми ако се откриваат постојано остатоци од тела.

Но, она што не оди во прилог на тезата дека овој случај се работи и би можело да се дознае нешто, се податоците дека веќе ги нема инспекторите што го работеа овој случај, бидејќи дел отидоа во пензија, другите беа прераспоредени, па семејствата сега и немаат линк во полиција кого да прашаат. Ги снема и одвреме навреме протоколарните средби во владата, парламентот или со некој од министрите, кои ќе им речеа дека предметот се работи и тој не може да подлежи на амнестија.

Но, во годината кога се навршија 11 години од нивното исчезнување (беа киднапирани во јули и август), а пред датумот 13 август кога е потпишан Рамковниот мировен договор, освен податокот дека и овој предмет е во завршените со амнестијата, нема никаква дополнителна информација, ниту,пак,  од некого може да очекува човек да ја добие.

Семејствата на исчезнатите Македонци цело време тврдеа дека полицијата точно знае каде се закопани нивните блиски кои беа киднапирани  во 2001 година на патот Тетово – Јажинце, но не направи ништо да ги пронајде телата, па макар и не поднесувале никакви пријави против евентуално осомничени лица за нивната егзекуција.

Преку оперативни информации, полицијата и семејствата на киднапираните дошле до сознанија дека дел од исчезнатите Македонци се закопани на местото на поранешниот бегалски камп крај Непроштено. Двајца, според истите информации, биле закопани во визба во куќа, еден до друг покрај патот кој води кон Јажинце.

Сите овие информации речиси цело време и биле познати на полицијата, но фалела операционализација или политичка наредба, која ќе значела преземање акција за откривање на местата каде што се закопани.

Имало еден обид во изминативе години да се провери локацијата на поранешниот камп во Непроштено, но истражните екипи копале на десетина метри подалеку од местото каде што, според оперативците, се закопани Македонците.

Подоцна, овој простор бил затрупан со шут и отпад. Но, ни ова не треба да биде проблем при откривање на дивите гробови, бидејќи во Македонија постои скенер кој може да ги лоцира телата до длабочина од седум метри, па ни овие барикади кои се дополнително ставени, ако има волја, не треба да се пречка. Значи, уште еднаш потенцирам, никој не говори за тоа дали треба да се иницира кривична постапка, туку, како прва фаза, во знак на почит кон жртвите да се посочат локациите, за да се најдат нивните тела и понатаму да се погребаат во заедничка гробница или како ќе одлучат нивните роднини понатаму!

СИТЕ ЗНАЕЈА КАДЕ СЕ ГРОБНИЦИТЕ

За време на конфликтната 2001 година во Македонија исчезнале 19 лица. Дванаесет од нив се Македонци, шестмина Албанци и еден бугарски државјанин. Подоцна беа откриени четири тела во месноста „Јама” на планината Лопушник во кичевско, предмет кој може да се активира наскоро по примерот на „Ровер” и за кој ќе обвинат тогаш висок полициски функционер дека стоел зад налозите да се грабнат и убијат албанските државјани и нивниот бугарски партнер, кој за време на воените дејствија се обидел да внесува оружје во Македонија.

Од исчезнатите Македонци, три тела се пронајдени во масовната гробница кај Непроштено, тетовско, а едно тело беше пронајдено во селото Железник, Демир Хисар..

Со ДНК анализа беше потврден идентитетот на тројца од ексхумираните од гробницата помеѓу селата Требош и Непроштено, како и телата од кичевска „Јама”. За овој случај, за кој се тврдеше дека убиените исчезнале откако биле запрени од полиција, беше отворена истрага против непознат сторител. По неколку години, предметот од Кичево е префрлен во Обвинителството за организиран криминал во Скопје и стои по фиоки, чекајќи зелено светло за да може да се активира.

Од 19-те исчезнати, идентификувани се 8 лица. По другите се уште се трага.

Но, ајде малку да се вратиме со приказнава пред 11 години, во 2001 година, во ноември, неколку месеци по исчезнување на Македонците и по потпишување на Рамковниот договор, кога се спроведоа истражните дејствија и се копаше на локација во близина на Требош, случај подоцна познат како „Непроштено” кој отпатува за Хаг, па ни беше вратен и овде заврши со толкување на Законот за амнестија.

Еден од екипата истражители уште одамна за „Фокус” сведочеше дека кога дошле на локацијата во близина на Требош забележале дека тука некој копал претходно, се обидел да отстрани нешто што било внатре, а во јамата фрлил медицински отпад и делови од железо за да изгледа дека станува збор за отпад. Сепак, раскажуваше итражителов, пронашле остатоци од четири тела, едното на длабочина од 4,5 метри. Во брзањето, не успеале да ги соберат сите коски, а едното тело, речиси цело го пронашле најдолу, завиткано во некаков килим.

Директорот на Институтот за Судска медицина Алексеј Дума, во неколку наврати досега потврди дека кај нив се уште се остатоците пронајдени во јамата кај Требош, бидејќи никој не им кажал што да прават со нив. На почетокот, истрагата ја водеше судот во Тетово и судијката Александра Зафировска, подоцна предметот се префрли во Скопје, па во Хаг и веќе никој ниту прашал ниту кажал што со телата пронајдени на тоа место. До судот во Тетово и по неколку пати се праќале копии за овој предмет, бидејќи судот поради заминувањето на Зафировска, го изгубил предметот.

– Екипа на доктори од Институтот за судска медицина беше повикана да изврши ексхумација на тела од гробница во Непроштено. Откако беа пронајдени остатоците, во лабораторијата на Македонската академија за наука и уметност (МАНУ) беше извршена ДНК анализа, се утврди идентитетот на четворица од исчезнатите, резултатите беа потврдени и од Институтот во Тузла, БиХ, но роднините првично не ги прифатија резултатите и телата од 2001 наваму се наоѓаат на Судска Медицина – раскажа проф.д-р Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина.

Војо Гоговски, чиј татко беше идентификуван во гробницата во Требош уште пред две години, за „Фокус” тврдеше дека не ги подигнале „остатоците од човечките тела” откриени во 2001 година бидејќи се надевале дека набрзо ќе бидат откриени и другите локации на кои се закопани другите луѓе, но до сега и по 11 години од нивното исчезнување тоа не е сторено.

– Едноставно, сакавме достојно да ги погребеме нашите блиски, и да не нѐ трауматизираат со постојано наоѓање на остатоци на други места, но како мине времето се гледа дека од тоа нема ништо и размислуваме да ги погребаме нашите блиски – објаснуваше Гоговски за „Фокус” на прашањето, зошто не ги подигнале посмртните остатоци од Институтот за Судска медицина.

Во Требош, пред акцијата за ексхумација и пребарувањето на јамата, беа убиени тројца припадници на македонските безбедносните сили кои требаше да го обезбедуваат местото на кое полицијата и судските доктори вршеа откопување.

Извори од тимот на истражители кои биле на лице место во тетовскиот крај, открија дека уште тогаш имале сознанија оти исчезнатите Македонците се закопани на неколку локации во тетовските села, но поради политичкиот и безбедносниот ризик било одлучено да се истражува само гробница во близината на селото Требош.

– Некој дознал дека ќе биде извршена ексхумација на таа локација, па го прекопал местото и се обидел да ги отстрани телата. Видливо беше дека ние работиме на прекопан терен, но пронајдовме остатоци од три тела, а четвртото беше цело завиткано во килим и оставено на длабочина од 4,5 метри во јамата – се потсети за „Фокус” полицискиот извор кој бил вклучен во истрагата.

Екс-министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, во чие време се копаше кај Требош, посочуваше дека Али Ахмети е човекот кој треба да одговори и да каже каде се закопани луѓето.

Пред две години, самиот Бошкоски се потсети дека во гробницата во Требош пронашле остатоци од четири тела. Безбедносните услови биле такви, па по убиството на тројцата полицајци не можеле да продолжат со истрагата и да пребаруваат на други локации.

– Али Ахмети мора да каже каква е судбината на другите исчезнати Македонци. Ахмети во 2001 година има испратено писмо до германскиот континент на КФОР,  во кое наведува дека знае каде се 12 од 24 киднапирани Македонци во целата земја, а за другите нема податоци. Писмото е сериозен доказ. На ископувањето кај Требош имаше и претставник на Хашкиот трибунал, а доказите собрани во таа истрага потоа ги имаше и Хаг – велеше Љубе Бошковски.

ДАТУМИ ШТО ОПОМЕНУВААТ

Даут Реџепи Лека, кој беше обвинет дека е виновен за киднапирањата, како командант на 112 бригада на ОВК која била во тој дел на Македонија, тврдеше дека ниту ги киднапирал, ниту знае каде се, па ги обвини ДУИ и СДСМ дека поради политички интереси „го прогласиле за виновен, издале потерница по него и го принудиле да молчи”. Истото се случило и кога ДУИ влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ од 2008 година, обвинуваше  Лека.

Наспроти обвинувањата за него, Лека тврдеше дека не киднапирал, туку дека учествувал во ослободување на Македонци во тетовско, кои биле заробени и предадени на Црвениот крст!

Дури за сведоци и во поткрепа на своите тврдења велеше дека ќе предложи Македонци од тој крај, но само доколку предметот дојде во суд каде што тој ќе каже што има да каже.

Меѓутоа, предметот не влезе во судска постапка, политиката му пресуди експресно, но независно од волјата на владејачките партии, време е да се разјасни уште едно болно прашање од конфликтот – каде се закопани киднапираните? Да не помине и оваа година август во сеќавање само на придобивките што ги донесе Рамковниот договор, во коктели и приеми, туку да биде датум на кој ќе се дознае вистината за киднапираните Македонци и на тој начин ќе се затвори уште едно болно поглавје врзано за 2001 година.

По барање на семејствата, судот во Тетово во 2005 година, киднапираните и исчезнати Македонци ги прогласи за мртви. Македонскиот закон предвидува едно лице да се прогласи за мртво доколку е исчезнато, а не е пронајдено повеќе од три години, па семејствата велат дека морале да го сторат тоа бидејќи не можеле да ги решат имотните прашања, наследствата и сето тоа им било товар, оти од една страна ги нема луѓето, а од друга страна државата ги води во евиденција како живи и од нив бара да плаќаат сметки, даноци.

Роднините на 12-те киднапирани ја тужеа државата и бараа обештетување поради загуба на близок член на семејството. Им била исплатена штета од 6 до 20 илјади евра, но ниту компензацијата во пари нема да го реши проблемот и потребата да се заврши истрагата за случајов!

Поврзани новости