Четиринаесет кандидатури за ДИК, Гугучевска и поранешниот заменик министер Оливер Ристовски нови имиња

by fokus

Собраниската комисија за прашања за избори и именувања ги потврди 14-те кандидати од кои треба да се изберат претседател, потретседател и петмина членови на Државната изборна комисија.

Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари. Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК.

Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак во рок од три дена ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата.

Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставуваа до пленумот кој треба да гласа. Рок за одговор од партиите нема, но постапката, според досегашите искуства, може да заврши во рок од еден ден.

Освен Даштевски, за во ДИК се кандидираа и досегашните членови на СДСМ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристевска, како и членката од ВМРО ДПМНЕ, Елизабета Постоловска и Дитмире Шеку од ДУИ. Нови имиња меѓу кандидатите се и поранешниот заменик министерот за правда, Оливер Ристовски и досегашната портпаролка на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска Филипоска.

Досегашниот претседател на ДИК, Оливер Деркоски не е меѓу кадидатите, а против него има отворено истрага за набавката на софтверот во ДИК, откако на последните предвремени парламентарни избори, веб страницата не функционираше и не можеше да се видат изборните резултати.

Поврзани новости