Охридската полиција извести дека во текот на вчерашниот ден извршила обезбедување и транспорт на четири лица кои во нашата држава влегле на граничниот премин „Ќафасан“. Тие се пренесени до Специјалниот завод во Демир Капија.
Задолжителното сместување во државен карантин е постапка утврдена со мерките на Владата за заштита и сузбивање на коронавирусот.
Оттаму велат дека вршат контрола на вкупно 144 лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“. Од нив, 125 лица под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишале изјава дека по доаѓањето од странски земји кои, според Листата од СЗО се зафатени од Коронавирус COVID – 19, во времетраење од 14 денови во нивните домови ќе спроведат задолжителна самоизолација. 19 лица се водат со решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и се ставени под здравствен надзор и домашна изолација.
СВР Охрид упатува апел до граѓаните, строго да ја почитуваат најновата одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 06 часот секој ден како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на COVID-19, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.
Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14 дневна самоизолација.